1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСирија

Граѓанска војна во Сирија: Кој се бори против кого и зошто?

Џенифер Холејс | Давид Ел
4 декември 2024

Напредувањето на исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам до Алеп претставува пресвртница во сириската граѓанска војна која трае од 2011 година. Кои се актерите во комплицираната ситуација во Сирија?

Сирија граѓанска војна | Алеп
Нови бомби врз Алеп: Откако ХТШ го зазеде градот, руски и сириски борбени авиони извршија нови нападиФотографија: Juma Mohammad/IMAGESLIVE via ZUMA Press Wire/picture alliance

Што се случи досега?

Четири години работите во сириската граѓанска војна изгледаа мирни, со прилично статични линии на конфликт - сѐ до офанзивата на северозапад, насочена против трупите на владетелот Башар ал-Асад и заканувачка кон курдското население во регионот.

Борците од исламистичката, протурска група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ) ја започнаа изненадувачката иницијатива во средата (27.11.). Два дена подоцна, ХТШ го објави заземањето на вториот по големина сириски град Алеп и околните села. Следна стратешка цел е градот Хама.

„Во неделата, тешко вооружени трупи од владата на Асад пристигнаа во Хама и тргнаа на север, заземајќи повторно некои градови и села“, вели аналитичарот Нанар Хавах од Меѓународната кризна група. Тој во изјава за ДВ претпоставува дека претстои голема контраофанзива - со нова фаза на „сириската граѓанска војна со висок интензитет што ќе започне одново во следните неколку недели и месеци“.

Во Сирија, противниците на владетелот Башар ал-Асад се повторно во пораст - како овие борци фотографирани во Алеп на 1 декемвриФотографија: Aref Tammawi/AFP

Кои опозициски групи се вклучени во борбите?

ХТШ во моментов е главната опозициска сила. Таа беше прогласена за странска терористичка организација од страна на САД во 2018 година и има врски со Ал Каеда, која исто така е на американските терористички листи. ХТШ го контролира северозападниот сириски регион Идлиб, каде што живеат околу четири милиони сириски внатрешно раселени лица. Идлиб е последниот бастион на бунтовниците откако трупите на Асад во текот на војната повратија голем дел од територијата на земјата.

Сепак, сегашната офанзива не е само за одземање територија од Асад. Паралелно, единиците на самопрогласената Сириска национална армија (СНА) - уште една важна опозициска сила - со поддршка од Турција на североистокот ја започнаа операцијата Зора на слободата. Североисточниот дел е под контрола на курдските Сириски демократски сили (СДФ). Турција ги гледа СДФ како терористи и постојано извршува напади во областа што ја контролираат. Анкара, исто така, контролира некои сириски области во близина на границата и веројатно се надева дека напредокот на СНА ќе ја прошири тампон зоната во која може да ги депортира сириските бегалци.

Кои странски актери го поддржуваат режимот на Асад?

Асад е под воен притисок, но може да биде сигурен во лојалноста на неговиот најважен сојузник: „Ние секако ќе продолжиме да го поддржуваме Башар ал-Асад и ќе одржуваме контакти на соодветно ниво со цел да се анализира ситуацијата“, рече рускиот владин портпарол Дмитри Песков. Русија го поддржува Асад од избивањето на граѓанската војна во 2011 година. Руската војска е директно вклучена од 2015 година. Безброј воздушни напади врз противниците на Асад им помогнаа на силите на режимот да ја вратат предноста во големи делови од земјата.

Добрите врски меѓу Москва и Дамаск потекнуваат од советската ера. Од гледна точка на шефот на руската држава Владимир Путин, руската помош веројатно ќе има неколку предности: со тоа се понуди алтернатива на западната критика кон Асад и во исто време го зајакна стратешкото влијание на Русија во регионот. Руската војска и платениците можеа да стекнат борбено искуство кое подоцна добро им послужи во Украина. И, поддршката на Асад, можеби го олесни здружувањето на силите со Иран, кој сега е важен сојузник за Русија.

За Иран, режимот на Асад е важен сојузник во таканаречената „оска на отпорот“, која го вклучува и либанскиот Хезболах. Слично на Кремљ, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во телефонски разговор со Асад исто така вети целосна поддршка потребна за да се задуши бунтот. Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права, со седиште во Лондон, во понеделникот (2.12.) извести дека околу 200 борци од шиитските милиции од Ирак влегле во Сирија со камиони под иранска команда за да ја поддржат армиската контраофанзива во близина на Алеп. 

Зошто борби токму сега?

„Оваа протурска офанзива е последица на ослабениот ирански фронт на Блискиот Исток“, оцени за ДВ експертот за Блискиот Исток и советник на ОН, Лоренцо Тромбета. Хезболах, кој дејствува од Либан, е ослабен по една година војна против Израел. Тој е финансиран, опремен и обучен од Иран, додека САД, Германија и други земји го класифицираат како терористичка група. Пред една недела Хезболах договори прекин на огнот со Израел, кој досега главно се одржува.

Посета на Кремљ: Башар ал-Асад во јули 2024 година со Владимир ПутинФотографија: Valery Sharifulin/AP/picture alliance

Израел во последните месеци исто директно го нападна и Иран и ги прошири своите напади врз иранските позиции во Сирија. Беа погодени и линиите за снабдување меѓу Сирија и Либан.

Вториот главен сојузник на Асад, Русија, е воено врзана со нејзината војна во Украина. Таму Путин масовно ги интензивира воените напори - веројатно со цел да создаде факти во негова корист во време на промена на власта во САД.

ХТШ и СНА веројатно ќе пробаат нешто слично во сегашната фаза на пресврт во Сирија. Од перспектива на експертот од МКГ, Нанар Хавах, сѐ уште е неизвесно какви последици ќе има тоа, но едно е сигурно: „За жал, цивилите го носат најголемиот товар од овие судири“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми