1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Граѓанскиот суд преплавен со тужби од незадоволни работници

ДТЗ
1 октомври 2022

Во изминатите две години над 11 илјади предмети за работни односи пристигнале на адреса на судот. И ССМ ја тужи Владата поради непочитување на Законот за минимална плата. Чекаат да бидат повикани на првото рочиште.

документи
Во изминативе две години над 7.500 предмети за работни односи пристигале на адреса на граѓанскиот судФотографија: picture alliance/Bildagentur-online

Само за две години над 11 илјади предмети се евидентирани во граѓанскиот суд во Скопје коишто се однесуваат на разни проблеми со коишто се соочуваат граѓаните или компаниите од областа на работните односи. Незадоволните се жалат на неисплатен регрес и низа други прекршувања на работничките права, поради што бараат заштита од судот. Некои ги тужат институциите, други газдите, трети фирмитв во кои што работат. 

Меѓу последните тужби е и онаа којашто  ја поднесе Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) којшто чека да биде повикан на првото рочиште. На почетокот на септември тие ја тужеа Владата пред Основниот граѓански суд поради непочитување на Законот за минимална плата, кој предвидува усогласување на платите на сите останати вработени во јавниот сектор, онаму каде што државата е работодавач. 

Тужби по различен основ 

Во периодот од 01.01.2020 година, заклучно со 11.02.2022 година примени и заведени се вкупно 7.565 предмети во Одделот за работни односи во граѓанскиот суд, со основ исплата на надоместоци од работен однос. Во истиот период решени се вкупно 3.303 предмети со наведениот основ, меѓу кои и предмети каде како надоместок се јавува неисплатен регрес, наведуваат од судот за ДВ.

Само од февруари до 30 септември годинава во Одделот за работни односи се поднесени 3.749 тужби, со основ надоместоци. Станува збор за податоци кои што ДВ ги има добиено согласно оперативниот систем АКМИС, кој се користи во судовите.

Дел од тужбите се однесуваат на популарниот К-15, односно неисплатен регрес за годишен одмор, на што се жалеа синдикатите, кои ги повикуваа работниците да алармираат и да покренат судска постапка за заштита на своите права.

Регресот претставува право од работен однос, и доколку постојат какви било прекршувања на ваквото право вработените имаат право да го штитат со тужба која би ја поднеле во граѓанскиот суд. Тужбите кои се однесуваат на ваквото право се поднесуваат со основ исплата на надоместоци и како такви се заведуваат во судот.

И државната администрација најавуваше тужби доколку не им биде исплатен К-15 за пандемската 2020 година. Доколку не бидат исплатени над четири милиони евра за регрес за годишен одмор за околу 20.000 вработени, тие пресметаа дека тоа државата би можело да ја чини над 50 милиони евра, средства коишто ќе треба да бидат исплатени за адвокати, судски постапки и за извршители. 

Меѓу последните тужби е и онаа којашто ја поднесе Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) кој што чека да биде повикан на првото рочиште.Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Спорови за минималната плата 

Но, нема само незадоволство поради неисплатен или „скратен“ К-15. Синдикатите бараат и судска разврска околу усогласувањето на минималната плата. Законскиот рок за зголемување на останатите плати согласно минималната плата истекува до крајот на септември, но не се изборија сите за повисоки приходи. Поради тоа ССМ на 1 септември поднесе пријава  до Основниот граѓански суд со барање да се поведе постапка против Владата поради непочитување на Законот за минимална плата. 

На истекот на законскиот рок од шест месеци за усогласување на сите плати со порастот на минималната, која во март беше зголемена на 18.000 денари, ССМ издејствувале зголемување на платите со потпишување колективни договори во јавни комунални претпријатија во дел од општините, но не успеале во институциите кои се под капа на државата и Владата.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на прес-конференција најави дека на суд ќе ги изнесат нивните докази дека работниците се оштетени со тоа што не им се зголемуваат платите за 18,4 проценти согласно Законот за минимална плата.

„Власта е нема за покачување на платите, судовите си имаат постапки, а има и недостиг од судии, така што оваа битка нема да заврши сигурно за помалку од една година. Апелирам таму каде што синдикално се организирани работниците да застанат со нас, бидејќи треба да се исполни законската обврска за усогласување на сите плати, и во јавниот, и во приватниот сектор“, порача Димовски.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. најави дека ќе ги повикаат ССМ да зборуваат за одржливо решение, но и до крајот на годината да се потпише Општ колективен договор, затоа што веруваат во одржливо, а не во ад хок решение. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми