1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гранични камери со празни, пропустите со полни батерии

19 декември 2024

Батериите ли се криви за бегството на Груби?- прашуваат од СДСМ.

камера полициски службеник
Камерите на полициските службеници биле со празни батерии (симболична фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Kraufmann

СДСМ ќе објави сериозни индиции за вмешаност на МВР и Тошковски во бегството и нови „случајности“ кои ќе отворат сомнеж за вмешаноста на МВР во целата работа, најавија денеска (19.12.) од партијата. 

„Министре, батериите ли се криви за бегството на Груби?“, прашаа Социјаледмократите откако Одделот во МВР за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди соопшти дека утврдил пропусти кај двајца полициски службеници за непреченото преминување на Артан Груби на граничниот премин Долно Блаце.

Како што соопшти тој Оддел по извршените проверки, увид и анализа на снимки од безбедносните камери, иако за Груби имало активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“, полицискиот службеник Б.Ј. не извршил соодветни проверки за патничко моторно возило и не го евидентирал дека оставарил излез од РСМ. Патниците во возилото, А.П. со дипломатска патна исправа (како возач), и Артан Груби со македонска патна исправа (како совозач), службеникот ги завел дека пеш ја поминале границата. Службеникот не ја почекал граничната проверка во системот за да утврди дали за лицето Артан Груби има активна мерка „задржи и веднаш извести“, туку на двајцата веднаш им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин.

Според МВР, со тоа службеникот Б.Ј. постапил спротивно на одредби од Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. За овој случај Одделот на МВР за внатрешна контрола доставило известување до Специјализирано оддление за гонење на кривични дела сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција во ОЈО ГОКК.

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија, Перпарим БајрамиФотографија: https://mvr.gov.mk/potragi-ischeznati/potragi

Батериите се испразниле

Потешко кршење на работниот ред и дисциплина било утврдено кај раководителот на смена Б.А., кој имал обврска навремено да ги задолжува и раздолжува полициските службеници на смена со Мобилен систем за снимање со камери (МССК) и тоа уредно да го евидентира во Евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК.

„Истиот, откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот од страна на полициски службеници Б.Ј., С.Ф., Б.А., Ф.Ф. и Е.Ш., било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б.А. истите полициски службеници не биле задолжени со друг МССК, бидејќи батериите не можеле да се наполнат“, објаснуваат од Одделот за внатрешна контрола.

Притоа Одделот утврдил дека откако уредите биле вратени, раководителот не ги завел во графите како раздолжени во евиденцијата, а и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем. Поради тоа, Одделот за внатрешна контрола поднел предлог за поведување постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина против Б.Ј. и Б.А. Против полицискиот службеник Б.Ј. Одделот изрекол задолжителна мерка отстранување од работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.

Можел ли да биде приведен?

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, на социјалните мрежи коментира дека Груби не можел да биде приведен на граница со стоп листа.

„Груби не можел да биде приведен при преминување на границата без судска одлука. Полициските мерки како 'стоп листа' или распис се во спротивност со Уставот и ЗКП!“, пишува тој.

Врз основа на соодветни судски наредби, за случајот со Државна лотарија претходно беа извршени претреси на девет локации во Скопје и во кумановско со цел обезбедување докази за потребите на постапката. Претресите ги вршеа припадници на Министерството за внатрешни работи, под раководство на надлежни јавни обвинители

Според извори од истрагата, ако предметот е веќе во фаза на процесирање, а има опасност лице да избега од земјата, полицијата има законски основи да постапува и да го задржи лицето. Велат дека кога постојат основани сомненија дека некој извршил кривично дело, но може да уништи или прикрие докази или да се даде во бегство, полицијата согласно член 276 oд ЗКП може да го задржи лицето најмногу до шест часа и има обврска за тоа да го извести јавниот обвинител.

Сличности и разлики

Возило со дипломатските таблички засега не е единствената заеденичка нишка која ги поврзува „патувањата“ на Груби и Груевски. Разликата е во тоа што Никола Груевски избега по правосилна одлука со која доби казна затвор и упатен акт за издржување на казната. Тој избега откако Кривичниот совет му ја одби жалбата и веќе немаше на располагање други правни алатки за да ја одложува санкцијата .

Груби не се ни соочи со постапката - тој „отпатувал“, најверојатно, веднаш по дојава дека ќе се врши претрес во неговиот дом.

Мобилниот систем за снимање со камери, на кои им се испразниле батериите може да е случајност, но и неслучајност.

Ситуацијата потсетува на барањето на овдешната истрага за преснимување на материјалот од граничните премини во Албанија низ кои поминал Груевски при бегството. Иако од Тирана било одговорено позитивно, кога истражителите стигнале таму добиле одговор дека компјутерот сам ги избришал снимките.

Трета сличност е во разликата – што говорат функционерите кога се на власт, а забораваат кога и самите ќе треба да одговараат пред законот.

Кога Груевски избега од земјата, Артан Груби изјавуваше дека не требало да биде дозволено тој да замине, и дека одговорноста почнува од кај нас - треба да се обелодени целиот процес на неговото бегство.

„Ценам дека нашите институции, особено Министерство за правда, но и Владата, треба да направат сѐ преку институциите во Брисел и при директните контакти со унгарските органи да го вратат Груевски во Македонија на начин да докажеме дека во нашата земја има промена на менталитетот. И во нашата земја нема веќе никој кој е над законот, но сите одговараат исто“, изјавуваше Груби во 2018 година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми