1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина и Софија бараат почитување на договорите

ДТЗ
13 јуни 2024

Преспанскиот договор е многу повеќе од името - и Скопје и Атина ќе треба да го почитуваат. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пред заминувањето од функцијата во обид да ги смири тензиите со јужниот сосед

Преспански договор, име, табли
Преспанскиот договор е многу повеќе од името - и Скопје и Атина ќе треба целосно да го почитуваат. Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Грција и Бугарија повторно притискаат Северна Македонија да ги почитува потпишаните договори и обврските коишто ги има преземено, со цел да ја добие поддршката на патот кон Европската Унија. Високи грчки претставници, коишто присуствуваат на самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и состанокот на министрите за надворешни работи, порачаа дека земјата треба  да го почитува и да ги имплементира одредбите од Договорот од Преспа. Претставници на Софија, пак, учеството на самитот го искористиле за средба со припадниците на бугарската заедница во земјата, на која биле децидни дека бугарската позиција нема да се промени - Бугарите треба да влезат во Уставот. 

Почитување на договорот од двете страни

Почитувањето и целосното спроведување на Договорот од Преспа од двете страни, добрососедските односи, како и поддршката од Грција се клучни за членството на Северна Македонија во ЕУ. Евроинтегративните процеси во регионот се од најголемо стратешко значење и заеднички интерес за регионалната и севкупната европска безбедност. Ова е пораката која што ја испрати шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи по средбата со заменик-министерката за надворешни работи на Грција, Александра Пападопуло.

Бујар Османи na средба со заменик-министерката за надворешни работи на Грција, Александра ПападопулoФотографија: Nordmazedonien MFA

Османи е дециден дека Северна Македонија и Грција како партнери и сојузници треба да играат клучна улога во обезбедувањето на регионалната стабилност, а ПСЈИЕ како иницијатива е добра платформа за дијалог и за решавање и разрешување на отворените прашања.

 „Грција е ценет и силен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија, како и доверлив и значаен сојузник во НАТО. Очекуваме оваа поддршка за ЕУ и соработката во НАТО да продолжи да се развива и надградува во наредниот период. Европската интеграција на регионот е од најголемо стратешко значење и споделен интерес за регионалната и целокупната европска безбедност”, вели Османи.

„Не ни треба кавгаџиска надворешна политика“

Тој подоцна на прес-конференција соопшти повеќе детали од разговорите со високи претставници на Атина. За средбата со Пападопуло рече дека била „добра“, а имал телефонски разговор и со грчкиот шеф на дипломатијата, Јоргос Герапетритис, кој попладне се очекува да пристигне во Скопје. Неговата посета на земјата се очекува со внимание, по тензиите коишто настанаа со промената на власта во Северна Македонија и одбивањето на претседателката Гордана Сиљановска Давкова да го употребува уставното име на земјата. 

„Разговаравме за посветеноста на двете држави за имплементација на договорите и поддршката која Грција ја дава за евроинтеграцијата на Република Северна Македонија. Разменивме ставови дека е важна меѓусоседската соработка и нејзиното продлабочување“, вели Османи, кој оцени дека разговорите поминале во духот на соработката и надежта дека ќе се продолжи со продлабочување на стратешкото партнерство, кое ќе ја зголеми и регионалната доверба. 

„Грција е ценет и силен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија“, вели Бујар ОсманиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, Преспанскиот договор е многу повеќе од името. 

„Ги покренав прашањата за нивните обврски, тие за нашите и се согласивме дека во добра волја треба да ги почитуваме договорите“, вели Османи и додава: . „И таму владата не била за Преспанскиот договор, но разбираат дека тоа е меѓународен договор, дел од реалноста и ќе го почитуваат. Изразив надеж дека владата која доаѓа дека ќе ги почитува договорите на реципрочна основа“. 

Столбот на грчките обврски е поддршката за ЕУ

Во однос на неисполнетите обврски од Преспанскиот договор од страна на Грција, Османи вели дека не ни е потребна кавгаџиска политика бидејќи и двете страни немаат исполнето дел од договорите.

„Како што ја обвинуваме Грција дека не ги исполнила сите обврски, нив не ги исполнила и Македонија, бидејќи законите за промена на имињата на МРТ и на МАНУ се заглавени во Собранието“, вели Османи. Тој порача дека преостанатите обврски всушност се на периферијата на суштината на прашањата коишто ги содржи Преспанскиот договор и дека не треба „народот да се оптеретува со три закони во македонското и грчкото собрание, коишто се обврска на владите“

„Столбот на грчките обврски е поддршката за НАТО и европската интеграција. Северна Македонија е дел од НАТО, бидејќи Грција ја исполни обврската за поддршка“, вели Османи, кој оценува дека Атина е еден од најголемите лобисти за членство на Македонија во ЕУ.

Шефот на македонската дипломатија не очекува дека во иднина ќе има прекршување на Договорот од Преспа.

Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, пак,  на брифинг со новинарите рече дека е оксиморон едната страна да бара од другата да го изоди целиот пат, од моментот кога ги нема изодено ни првите метри, што се однесуваат на првото и основното - ерга омнес за името. Реакцијата следи по изјавата на мандатарот Христијан Мицкоски дека Договорот од Преспа треба да се почитува и имплементира и од јужниот сосед.

Грчкиот шеф на дипломатијата, Јоргос Герапетритис, попладне се очекува да пристигне во СкопјеФотографија: Giannis Panagopoulos/Imago Images

„Обврските мора да се почитуваат“

Дека обврските од договорите потпишани со соседите мора се почитуваат - порачаа и од Софија. Заменик министерот за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, според бугарските медиуми, се сретнал со припадниците на бугарската заедница во Северна Македонија. 

„Бугарија го врати Западен Балкан на мапата на ЕУ во 2016 година, велејќи дека тие се дел од Европа и нивниот пат оди кон ЕУ. Потпишавме Договор за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија и бевме оптимисти дека интеграцијата и добрососедските односи ќе продолжат, но се соочивме со поинаква реалност. По долги преговори и со разбирањето на Франција како претседавач со ЕУ во 2022 година, се појави европска преговарачка рамка за Република Северна Македонија, според која Бугарите требаше да бидат впишани во Уставот на земјата“, изјавил Кондов.

Тој е дециден дека бугарскиот став останува ист - Северна Македонија треба да ги почитува своите обврски и да ги исполни договорите што се потпишани.

„Не можеме да одиме напред освен ако Бугарите во Северна Македонија не бидат третирани како сите други граѓани на ЕУ, кои имаат еднакви права“, изјавил тој. Кондов порачува дека останува оптимист и се надева дека ќе надвладее разумот, а европската политика ќе биде препознаена како важна за Северна Македонија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми