Грција ги отфрла турските обвинувања за смртта на мигрантите
14 септември 2022![Брод на грчката крајбрежна стража (архивска фотографија)](https://static.dw.com/image/63111349_800.webp)
Централата на грчката крајбрежна стража соопшти дека инцидентот со мигрантите се случил во турски територијални води и дека нејзините службеници со тоа немаат ништо. Претходно, турската крајбрежна стража соопшти дека од морето спасила 73 мигранти кои биле илегално вратениод страна на грчките власти.
Шест лица, меѓу кои и две бебиња и три постари деца, се извадени од морето починати, јави турската телевизија ТРТ повикувајќи се на информации од националната крајбрежна стража. Уште пет лица се водат како исчезнати.
Според турски тврдења, мигрантите биле на пат од Либан кон Италија со дрвен чамец долг 15 метри. Кога бензинот се потрошил, тие побарале помош од грчката крајбрежна стража пред островот Родос. Таа, меѓутоа, ги ставила мигрантите во четири таканаречени „спасувачки острови“ и ги оставила во близина на турските територијални води.
Грција е постојано соочена со обвинувања за т.н. пушбекови, односно илегално враќање на мигранти во Турција. Атина секогаш ги демантира ваквите обвинувања и тврди дека Турција се занимава со т.н. пушфорвард, односно притискање на мигрантите од страна на турските безбедносни сили да одат во насока на Грција по море и копно за на тој начин да стигнат во ЕУ.