1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција го регистрираше Центарот за македонски јазик

ДТЗ
29 ноември 2022

„Еве ги плодовите од Преспа, ни носат радост на сите што зборуваме македонски јазик“, реагираше по одлуката поранешниот премиер Зоран Заев, кој е потписник на договорот за решавање на споровите со Грција

Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Грција го регистрираше Центарот за македонски јазик Фотографија: Colourbox

Центарот за македонски јазик е официјално регистриран во Грција. Одлуката со задоволство беше примена во Северна Македонија каде се оценува како чин на де факто признавање на македонското говорно население во Грција, велат од Центарот за македонски јазик.

Одлуката ја соопшти Центарот за македонски јазик во Грција, кој информираше дека официјално е регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција. Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.

Последните административни работи поврзани со регистрацијата биле завршени минатата недела, при што судот официјално го одобрил и статутот на организацијата. Станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. „Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција“, оценуваат од Центарот.

Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година. Центарот најавува дека во наредниот период ќе се насочи кон исполнување на своите цели од Статутот кои предвидуваат изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција, преку интернет-страница, поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта, како и поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали;

Плодовите на Преспа

„Еве ги плодовите од Преспа, ни носат радост на сите што зборуваме македонски јазик, на сите Македонци“, реагираше поранешниот премиер Зоран Заев. Тој на социјалните мрежи им честиташе на основачите на Центарот за македонски јазик во Грција и на сите граѓани на Северна Македонија и Грција кои се радуваат на овој убав чин кој е особено важен како уште една потврда за блиските релации меѓу двете земји. „Им благодарам и на поранешниот и на сегашниот премиер, Ципрас и Мицотакис, за вербата и посветеноста во градењето искрено пријателство и добрососедство“, вели Заев.

Одлуката на Судот во Грција ја поздрави и Демократскиот сојуз (ДС). „Ова е одлука од историско значење и е во функција за натамошен развој на добрите односи помеѓу Македонија и Грција“, велат од партијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми