1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Нелегални градби во заштитено подрачје

24 ноември 2023

Милијардер гради комплекс на влезот во место заштитено како културно наследство. Критичарите велат дека за тоа никогаш не смеела да биде издадена дозвола. Но, спорни дозволи за градење во Грција не се ретки појави.

Грција село Папинго
Папинго се смета за едно од најубавите села во Грција и е дел од светското наследство на УНЕСКОФотографија: ANE/picture alliance

„Губете се од тука!", вреска православниот поп на влезот од зградата на судот во градот Јанина, на северот на Грција. Тој не сака Атанасиос Бицос, претседател на Советот од селото Папинго, да разговара со медиумите. Многу жители на селото тргнаа на 90-минутниот пат до главниот град на провинцијата за да присуствуваат на првото рочиште во еден случај кој предизвика поделба меѓу селаните кои се непомирливо раскарани. И тука попот се обидува да го попречи контактот меѓу селаните и медиумите. Станува јасно дека црквата во Грција има одредена моќ и во политичкиот живот. Причината за конфликтот е голем градежен проект на милијардерот Антонис Лемос на самиот влез на Папингос. Некои селани се сигурни дека дозволите за градба на комплексот никогаш не смеело да бидат издадени.

Папинго важи за едно од најубавите села во Грција. Од неодамна е и светско културно наследство под заштита на Унеско. Таквата квалификација е поврзана и со одредени обврски. Не се дозволени зафати со кои би се нарушила естетската автентичност на селото опкружено со огромен национален парк, кој се протега до самата граница на местото.

За противниците на градежниот проект е јасно дека големиот приватен посед на Антонис Лемос евидентно се наоѓа во заштитениот предел, барем ако човек се ориентира на досегашната мапа. Па така, ниту градбата на комплексот е легална, ниту конструкцијата на улици кои беа нужни за да се донесат машините и материјалот до градилиштето. Потребните градежни дозволи се базираат на нова мапа, според која границите на местото очигледно се многу пошироки.

Новоградба на милијардерот Антонис Лемос на влезот во селотоФотографија: Florian Schmitz/DW

Корекција или проширување?

Гастрономот Спирос Цуманис го поздравува развојот во Папинго. Само затоа што селото го задржало својот традиционален карактер, таму веќе одамна не се живее од земјоделие, вели тој и додава: „Ние тука го имаме само туризмот”.

Таа гранка низ годините станувала сѐ поважна, без инфраструктурата да се прилагоди на новата реалност. Заедно со брата си Костас, тој држи добро посетен ресторан во селото. Двајцата браќа би сакале да ја зголемат кујната, но тоа не е можно бидејќи просторот на кој би граделе граничи со нивната куќа, а според актуелниот ГУП се наоѓа надвор од селото и со самото тоа во заштитената област.

„Според планот, целата наша куќа се наоѓа надвор од селото. Но, ние не сме ја изградиле нелегално, туку со дозвола за градба”, вели Цуманис. Тоа важи и за други објекти во селото и генерално е проблем во Грција, посочува тој.

Многу граници на населени места не се прецизни, за дозволи за градба често се одлучува од случај до случај. Сега многу општини во Грција се исправени пред задачата да ги дигитализираат границите на местата и да ги утврдат трајно. Од тоа многумина ќе профитираат. И тој и брат му се меѓу нив. Поддржувачите на градежниот проект зборуваат за „корекција на границите на селото”, а не за проширување на истите. Тоа пред сѐ има правна позадина, затоа што за проширување би бил потребен декрет од претседателката на државата Катерина Сакеларопулу.

Браќата Спирос и Костас Цуманис ја проучуваат картата на селото - тие ќе имаат корист од проширување на границитеФотографија: Florian Schmitz/DW

Дозвола за градба протуркана на мала врата?

Никос Кристодулу, сопственик на кафуле во Папинго, е убеден дека спроведената корекција на границите на селото од страна на властите е обид да се издејствува проширување на градежното земјиште на мала врата. „Тоа е водено од лични интереси. Има луѓе кои очекуваат лична корист и оние кои не гледаат бенефит во сето тоа“, вели Кристодулу. Тој ја критикува пред сѐ нетранспарентноста од страна на селската управа. „Во толку мали места за такви одлуки мора да се собере селската заедница и да гласа за прашањето”, вели тој. Но, тоа не се случило. Среде пандемијата претседателот на селскиот совет Атанасиос Бицос ги донел сите одлуки зад затворени врати.

Дури кога багерите започнале со работа, селаните дознале за проектот. Случајот во Папинго е симболичен приказ за цел комплекс на слични проблеми во Грција - нетранспарентно постапување на властите, сомнеж за приоризирање на финансиски моќни инвеститори и повеќедецениски пропусти во администрацијата. Никос Кристодулу не верува дека градбата воопшто ќе отпочнела доколку селската заедница била вклучена во процесот на одлучување.

Село Папинго - црвената линија ги покажува првичните граници на општината, жолтата линија значи проширување на селото, за што одобрение би требало да се чека од претседателката на ГрцијаФотографија: DW

Конфликт со властите

Претседателот на селскиот совет Бицос одбива тет-а-тет разговор со ДВ. На телефон само кусо ни одговара дека „тие организации сакаат да нѐ протераат од нашите домови”. Тој мисли на организациите за заштита на животната средина кои се ко-организатори на протестот против градежниот проект. Надлежните власти во Јанина на прашање на ДВ потврдија дека инвеститорот ги поседува нужните градежни дозволи. Границите на местото биле утврдени уште во 1990 година со службена одлука. Со други зборови, границите на местото не се променети за градежните дозволи, со што не е нужен ниту декрет на претседателката.

Државната организација за заштита на животната средина Офипека контрира на ваквата оценка на состојбата и во документ од 15.09.2023 ги информира надлежните власти дека градилиштето евидентно е надвор од границите на населеното место. Врховниот суд на Грција веќе се занимава со случајот и треба да одлучи дали градењето е во склад со прописите или е илегално.

Структурни проблеми

Адвокатот Панајотис Галанис е специјализиран на еколошко право и градско планирање - две области кои, како во случајот со Папинго, во Грција постојано се судираат. За ДВ тој вели дека Грција има структурен проблем кога се работи за илегални или произволни градби. Тоа не се однесува само на правосудството, туку и на културата која сѐ уште преовладува, а во која заштитата на средината едвај има свое место. Наместо нелегални градби отпосле да се легализираат, како што беше случај во минатото, плановите за градба треба да бидат разјаснети уште пред да се почне со неа, вели адвокатот.

За новоградбата на милијардерот натоварени камиони минуваат преку овој мостФотографија: Florian Schmitz/DW

„Од 2017 примената на законите за нелегална градба построго се контролираат, но во пракса сѐ уште не се гледа вистинскиот ефект, или тоа трае предолго”, вели Галанис. Покрај тоа, многу луѓе немаат доверба во државата и институциите. Често има конфликт меѓу заштитата на околината и интересот за големи инвестиции.

„Во повеќето случаи, пред сѐ во криза, Врховниот суд во своите одлуки покажува тенденции во прилог на економскиот раст”, вели Галанис и бара правниците и инженерите да бидат подобро едуцирани за да се избегнат такви конфликти во иднина.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми