1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Преспанскиот договор е обврзувачки

18 декември 2025

Грција реагира на изјавата на Мицкоски дека „го вративме името“, нагласувајќи дека Преспанскиот договор е обврзувачки и не дозволува фалсификување.

Табла на македонската Влада во Скопје со знамиња (на три јазика, македонски, албански, англиски).
Грција потсетува дека уставното име на државата е Северна МакедонијаФотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

Грчкото Министерство за надворешни работи (МНР) упати реакција по изјавата на премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, дека „го вративме името“. Атина предупредува дека Преспанскиот договор е обврзувачки и дека секој обид за негово менување или фалсификување нема да биде прифатен.

Грчката реакција: „Договорите се универзални и обврзувачки“

Во соопштението објавено на официјалната страница на грчкото МНР се нагласува дека меѓународните договори не дозволуваат „де факто“ ситуации и нивната примена мора да биде униформна и универзална.

„Напредокот во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседот бараат строго придржување до договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“, се наведува во реакцијата.

Грција потсетува дека уставното име на државата е Северна Македонија, а Преспанскиот договор е дел од нејзиниот устав и „апсолутно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво“.

„Преспанскиот договор е дел од меѓународното право и неговото почитување е основа за мирен соживот на народите и државите“, се додава во соопштението од Атина.

Премиерот Христијан Мицкоски на ТВ Сител изјави дека „го вративме името“Фотографија: Government North Macedonia

Што предвидува Преспанскиот договор?

Преспанскиот договор, потпишан во 2018 година меѓу Македонија и Грција, стави крај на долгогодишниот спор околу името. Со договорот, Македонија го промени уставното име во Република Северна Македонија, а за возврат доби поддршка за членство во НАТО и отворање на патот кон ЕУ.

Договорот предвидува употреба на новото име во сите официјални документи, институции и меѓународни организации, без исклучоци.

Изјавата на Мицкоски и политичкиот контекст

Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот на ТВ Сител изјави дека „го вративме името“, коментирајќи критики од СДСМ дека не може да му се верува, бидејќи ветувал поништување на Преспанскиот договор.

„Ги гледам, аха, не можело на Мицкоски да му се верува, тој рече дека ќе го врати името, ќе го поништи договорот. Па, еве – го вративме“, рече Мицкоски, додавајќи дека и неговите политички противници денес го користат терминот „Македонија“ наместо „Северна Македонија“.

Оваа изјава доаѓа во период кога владата се обидува да го зајакне националниот наратив, но истовремено да го задржи европскиот курс. Но, ваквите пораки предизвикуваат загриженост во Грција, која инсистира на целосно почитување на договорите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми