1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГрција

Грција се гуши во облаци чад од пожарите - загаден воздух

ЖА / агенции
23 август 2023

Поради бројните големи шумски пожари во Грција, квалитетот на воздухот во големи делови од земјата изминатите денови масивно се влоши.

Грција пожари
Опасна концентрација на штетни честички во воздухот поради пожарите во Грција - островот РодосФотографија: Nicolas Economou/Reuters

Според извештај на весникот „Катимерини“, речиси 80 проценти од територијата на земјата се покриени со облаци од чад. Проблемот ја погодува речиси целата земја, истакнува во изјава за весникот Никос Михалопулос, научник од Националната опсерваторија во Атина. Грчката метеоролошка служба соопшти декачадот од катастрофалните пожари во Националниот парк Дадиа во североисточниот дел од Грција се проширил на преку 950 километри оддалеченост, до островите на Јонско Море каде престојуваат и бројни македонски туристи. Тој покрива површина од околу 110.000 квадратни километри, што одговара на околу 80 проценти од грчката територија.

„Ова е едно од највпечатливите ширења на чадот видени во последните години“, вели директорот на Националната опсерваторија во Атина, Костас Лагувардос. Грчкото Здружение на пневмолози им препорачува на граѓаните по можност максимално да остануваат во затворени простории и да ги држат затворени вратите и прозорците на куќите и становите. 

Опасни честички 

Во вторникот во градот Александруполос, речиси комплетно опкружен од пожари,се измерени делумно вредности од 106 микрограми фина прашина од категорија ПМ2,5 (радиус помал од 2,5 микрометри) на кубен метар воздух. Токму  вакви ситни честички се сметаат за исклучително опасни и за предизвикувачи на мозочен удар, рак и заболувања на дишните патишта. Тие можат делумно да продрат и во белите дробови и во крвотокот.

Светската здравствена организација пропишува гранична вредност од ПМ2,5 фина прашина до 5 микрограми на кубен метар воздух, но за просечно годишно оптоварување, додека дневните вредности можат да бидат и значително повисоки.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми