1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Со (полн) гас против зелен пресврт?

20 април 2023

Кога ја презеде функцијата пред речиси четири години, конзервативната грчка влада вети премин кон зелена енергија. Но имплементацијата на овој проект е заглавена. Во меѓувреме, Атина дури уште повеќе се потпира на гасот.

Грција енергетски пресврт енергија
Во северниот грчки регион Птолемаида се ископува јаглен од 1950-титеФотографија: Florian Schmitz/DW

Од некои од кулите на огромните термоелектрани во Птолемаида сѐ уште се крева чад. Рударството е заштитен знак на овој регион во северна Грција. Од 1950-тите, од огромни, отворени дупки во земјата се ископува лигнит, кој потоа се согорува во околните електрани за да се добие енергија.

Кога Кирјакос Мицотакис со неговата конзервативна партија Неа Демократија дојде на власт во јули 2019 година, зелениот пресврт во Грција требаше да стане национален интерес. Подалеку од фосилни горива, во насока кон сонцето и ветерот. Но, откако Европа дојде до болно сознание дека војната во Украина ќе значи крај на испораките на руски гас на среден и долг рок, енергетските часовници во Грција отчукуваат поинаку. Во интервју за американската телевизија Блумберг ТВ, Мицотакис ја опиша Грција како „енергетски центар за течен гас“, не само за сопствената земја, туку и за Балканот и централна Европа. „Во таа смисла, нашата улога станува многу важна за другите земји.

Во февруари 2023 година, во Птолемаида беше отворена нова термоцентрала. Премиерот Мицотакис зборуваше за „стратешката важност“ на електраната и увери дека крајот на лигнитот со војната во Украина се одлага само накратко. Планот гласи: термоелектраната во догледна иднина да се претвори во гасна електрана. Проектите се кофинансирани од Германската банка за обнова (КфВ).

Добро за животната средина, но нема работни места

Во меѓувреме, во Птолемаида се создаваат огромни полиња со фотоволтаични системии ветерни електрани. Како постоечки енергетски центар, областа е идеална бидејќи ја има потребната инфраструктура, објаснува Сократис Мутидис. Локалниот новинар веќе 15 години ги следи случувањата околу енергетската политика во регионот. Голем проблем е недостигот на комуникација меѓу Владата и надлежната енергетска компанија, смета Мутидис. Постои свест за потребата од обновливи извори на енергија, но се бара транспарентност: „Владата сакаше мапа на која точно локација и во колкава мера треба да се градат фотоволтаични системи и ветерни електрани. Многу системи веќе се изградени овде, а таква карта сè уште не постои."

Кирјакос Мицотакис, премиер на ГрцијаФотографија: Dimitris Papamitsos/Greek Prime Minister's Office/REUTERS

Според Мутидис, луѓето се плашеле дека сè ќе биде покриено со соларни системи и ветерници без тие да можат да влијаат на градежните проекти. Покрај тоа, многумина стравуваат дека зелената транзиција е добра за животната средина, но нема да создаде работни места. Недостатокот на комуникација од страна на Атина го зголемува стравот кај луѓето да не извисат кога ќе заврши експлоатацијата на јаглен.

Без право на отпремнина

Малото село Акрини, во непосредна близина на електраната Ајос Димитриос и огромниот рудник за лигнит, не требаше веќе да постои. Уште во 2012 година, тогашната влада донесе закон за преселба на луѓето - официјално за да се направи простор за ископ на лигнит. Со редовни мерења жителите констатирале зголемено ниво на отрови во воздухот и водата, а натпросечен број луѓе починале од рак на белите дробови.

Владата имаше време од десет години да го пресели селото и да им плати отпремнина на жителите. Во март годинава, Атина изненадувачки го поништи законот и одлучи дека преселбата на селото веќе не е потребна. На барање на ДВ, Министерството за животна средина во Атина соопшти дека инвестира во инфраструктурата на селото за да го подобри квалитетот на животот на луѓето. Истовремено, се создава соларен парк и со тоа дополнителен извор на приход. Одговорот од Министерството за животна средина остава отворено дали по долгогодишно ископување лигнит сѐ уште има ризици по здравјето.

Во Птолемаида се создаваат огромни полиња со фотоволтаични системи и ветерни електраниФотографија: Florian Schmitz/DW

За Теодота Нанцу од ВВФ Грција, токму тука лежи проблемот. Селото се наоѓа во средината на многу загадениот центар на отворениот рудник за лигнит. Според Нанцу, две студии откриле високо токсични соединенија на хром во подземните води: „Студиите не се согласуваат само околу причината за тоа“. Студијата, нарачана од компанијата која управува со електраните, смета дека за затруените подземни води има геолошки причини. Меѓутоа, втората студија, која беше финансирана од одговорниот округ, доаѓа до заклучок дека за тоа е одговорно ископувањето на лигнит.

Проекти за гас на повеќе локации

Селото во секој случај ќе требаше да се расчисти и жителите финансиски да се обесштетат, смета Нанцу, меѓу другото и затоа што највисокиот управен суд во Грција би одлучил во интерес на жителите: „Едноставно да се игнорира законската обврска за преселба на жителите на Акрини во поздрава и еколошки безбедна животна средина претставува кршење на нивните основни права и исмејување на владеењето на правото“. Како и многу екологисти во Грција, Нанцу речиси и не им верува на владините ветувања дека електричната енергија наскоро во голема мера ќе се произведува од обновливи извори. Тие се сигурни дека владата и во иднина ќе продолжи да се потпира на фосилните горива.

Грција меѓу зелена енергија и јагленФотографија: Florian Schmitz/DW

Атина инвестира во проекти за гас на многу места во земјата. На пристаништето во Александруполи во моментов се гради терминал за ЛНГ. Природниот гас од Азербејџан треба да го направи Балканот независен од Москва преку гасовод изграден заедно со соседна Бугарија. Долго планираната приватизација на пристаништето Александруполи беше стопирана во ноември 2022 година, меѓу другото и затоа што пристаништето се смета за стратешки важно за НАТО. Планирани се дополнителни терминали и цевководи за ЛНГ. Во близина на брегот на малиот град Кавала се експлоатира гас уште од 1980-тите. Сега, кога полето е исцрпено, овде треба да се изгради подземно складиште за гас. Се планира дупчење за природен гас во Јонското Море и крај брегот на Крит.

Екологистите ја критикуваат Атина

Од Министерството за животна средина за Дојче веле информираат дека потребните истраги се завршени и дека постои надеж оти дупчењето ќе започне во 2025 година и дека гас ќе се експлоатира една до две години подоцна. Плановите за зелена транзиција не се откажани, но мора да се гарантира снабдување со енергија: „Потребно ни е привремено решение, а тоа е природниот гас, најчистиот од фосилните горива, бидејќи решивме постепено да го исфрлиме лигнитот до 2028 година“, велат од Министерството за животна средина. Костис Гриманис од Гринпис Грција критикува дека потребните студии што се направени за дупчење на природен гас во морето не се независни, туку се финансирани од одговорните компании.

Таквите инвестиции не се компатибилни со националниот план за енергија и клима на владата, која би ја искористила својата вреќа со трикови за да ги испочитува самонаметнатите ограничувања за емисија на CO2, вели Гриманис: „Велат дека емисиите кои настануваат при горење на овие потенцијални резерви (забелешка на редакцијата: нафта и гас) нема да се бројат, бидејќи гасот ќе се продавал и ќе се изгорел на друго место“, нагласува Гриманис.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми