Гренел станува Трампов „пожарникар“
16 декември 2024Поранешниот американски амбасадор во Германија и специјален пратеник за мировните преговори меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, презема нова должност. Во тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе биде назначен за пратеник за специјални мисии. „Рик ќе работи на некои од најкритичните точки во светот, вклучувајќи ги Венецуела и Северна Кореја“, напиша Трамп на онлајн платформата Truth Social, чиј коосновач е тој. Тој додаде дека Гренел ќе се бори за „мир преку сила“.
Гренел предизвика тензија во Берлин
Гренел беше во игра и за функцијата министер за надворешни работи, но Трамп во средината на ноември го номинираше сенаторот Марко Рубио за таа позиција. 58-годишниот Рубио е познат како лојален поддржувач на Трамп.
За време на неговиот мандат како амбасадор на САД во Берлин, Гренел, за разлика од другите дипломати, често изразуваше отворена критика кон земјата домаќин. Тој особено го коментираше финансискиот придонес на Германија во НАТО или трговијата со Иран.
И по завршувањето на неговиот мандат, 58-годишниот Гренел продолжи да ја критикува Германија. Кога германското Министерство за надворешни работи ја исмејуваше изјавата на Трамп од телевизиската дебата на платформата Х, Гренел тоа го нарече мешање во изборите.
Покрај функцијата на амбасадор во Германија, Трамп во 2019 година го назначи Гренел и за специјален пратеник за мировните преговори меѓу Србија и Косово.
Трамп му дава работа и на соработникот Нунес
Уште еден близок соработник на Трамп ќе биде вклучен во неговата администрација. Девин Нунес, директор на Трамповата платформа Truth Social, ќе стане претседател на идниот советодавен одбор за разузнавање. Сепак, Нунес ќе ја задржи својата позиција во Truth Social, соопшти Трамп.
Пред да ја преземе улогата во Truth Social во 2022 година, Нунес беше републикански претставник во Претставничкиот дом на САД и веќе беше познат како жесток поддржувач на Трамп.
На почетокот на првиот мандат на Трамп, Нунес претседаваше со Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом. Како претседател на комисијата, Нунес учествуваше во истрагите во 2018 година за можни контакти меѓу тимот на кампањата на Трамп и Русија за време на претседателските избори во САД во 2016 година.
Во меморандум од тој период, Нунес ја обвини американската Федерална полиција (ФБИ) за несоодветни методи во истрагата за врските на кампањата на Трамп со Русија.
„Нунес ќе го искористи своето искуство како претседател на комисијата и во разоткривањето на 'руската измама' за да ми обезбеди независни проценки за ефективноста и исправноста на активностите на американските разузнавачки служби“, напиша Трамп во саботата на Truth Social.