1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп повторно го сака Гренланд

СН/агенции
24 декември 2024

Тој сè уште официјално не е претседател на САД - но веќе изнесува бизарни идеи за надворешната политика. По Панамскиот канал, Трамп сега сака повторно да има контрола над Гренланд. Ваквата идеја веднаш беше одбиена.

Доналд Трамп повторно му фрли око на Гренланд
Доналд Трамп повторно му фрли око на ГренландФотографија: RJBPhotographic/Loop Images/picture alliance

По Канада, Мексико и Панамскиот канал,  новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп повторно му фрли око и на Гренланд, најголемиот остров во светот. Тој порача дека дека за САД „сопственоста и контролата над Гренланд се апсолутна неопходност“.

Премиерот на Гренланд, Муте Егеде, веднаш реагираше со критика на изјаватана Трамп: 

„Гренланд е наш. Ние не сме на продажба и никогаш нема да бидеме на продажба“, рече Егеде.

Тој додаде дека Гренланд не смее да загуби во својата долга борба за слобода.

Ден претходно Трамп објави дека Кен Хаури, поранешен американски амбасадор во Шведска, ќе биде назначен за амбасадор на САД во Данска, а потоа го коментираше статусот на Гренланд, полуавтономен дел на Данска, кој е дом и на голема база на американските воздухопловни сили. .

Идниот американски претседател Доналд ТрампФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

„Поради националната безбедност и слободата ширум светот, Соединетите Американски Држави сметаат дека сопственоста и контролата над Гренланд се апсолутна неопходност“, напиша Трамп на својата социјална платформа Трут соушал.

Трамп, кој ќе ја преземе должноста на 20 јануари, не даде детали за коментарот за Гренланд. Данскиот министер за надворешни работи и кабинетот на премиерот не ја коментираа изјавата на Трамп.

Американскиот политичар изрази интерес да го купи Гренланд од Данска уште во 2019 година, за време на неговиот прв мандат како претседател на САД. И тогаш тој беше одбиен.

Островот, чиј главен град Нук е поблиску до Њујорк отколку до Копенхаген, има големи резерви на минерали, нафта и на природен гас. Меѓутоа, развојот е бавен, поради што економијата е зависна од рибарство и годишните субвенции од Данска.

Поради базата Питуфик, Гренланд е стратешки важен за американската војска и нејзиниот систем за рано предупредување за балистички ракети, имајќи предвид дека низ островот минува најкраткиот пат од Европа до Северна Америка.

Трамп изрази интерес да го купи Гренланд од Данска уште во 2019 година, за време на неговиот прв мандат како претседател на САДФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

САД се обидоа да го купат Гренланд од Данска неколкупати, почнувајќи од 1867 година, кога државниот секретар Вилијам Сујард преговараше за купување на Алјаска од Русија. Друг обид да се купи се случи во 1910 година, а во 1946 година американската влада ѝ понуди на Данска понуда од 100 милиони долари, која таа ја одби.

Трамп, исто така, најави дека САД ќе се обидат да ја вратат контролата врз Панамскиот канал доколку не се ревидираат условите за негова употреба. Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино најави неможност да се врати каналот во сопственост на САД.

Покрај тоа, Трамп на 10 декември рече дека Канада и Мексико би можеле да станат американски држави. Потоа, на 17 декември, медиумите објавија дека Канада ќе потроши 900 милиони долари за да ја обезбеди својата граница со САД.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми