1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грипот зеде 14 животи годинава

ДТЗ
9 април 2024

Станува збор за невакцинирани лица против сезонски грип, кои биле хоспитализирани, а повеќе од нив имале коморбидитети.

грип
Грипот зеде 14 животи годинава, големата кашлица уште не стивнуваФотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Четиринаесет лица починале од грип годинава, од кои најголемиот број случаи се во Скопје. Станува збор за седум жители на главниот град, додека два смртни случаи имало во Штип и по еден случај од Велес, Куманово, Неготино, Гостивар и Демир Хисар. Седуммина од починатите биле на возраст од 15 до 64 години и седуммина од возрасната група над 65 години.

Според податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, станува збор за невакцинирани лица против сезонски грип, кои биле хоспитализирани, а повеќе од нив имале коморбидитети. 

Пикот помина

Сезоната на грип полека поминува. Пикот е забележан во февруари, кога биле евидентирани 6.373 случаи на лица заболени од грип. Веќе во март се забележува опаѓање на бројот на заболени и евидентирани се 1.108 случаи.

Во периодот од 25 феварари до 31 март во Северна Македонија се пријавени 163 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е 38,5% помалку во споредба со претходната недела. Најголем број од нив се лица на возраст од 15 до 64 години.

Во сезоната 2023/2024, вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 14.490. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 41,8 отсто.

Вакцинацијата и понатаму е најдобра превенција од последиците од грип. Според ИЈЗ, во земјата изминативе месеци вакцинирани се вкупно 61.823 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

Во периодот од 29 март до 4 април пријавени се 50 нови случаи на голема кашлицаФотографија: Matej Kastelic/Zoonar/picture alliance

Нови случаи на пертусис

Има тренд на намалување и кај заболените од голема кашлица, но таа и понатаму е присутна, пред сѐ меѓу најмладите. Во периодот од 29 март до 4 април пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица, што е намалување од 21,9% во споредба со претходниот период. Најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје, а пријавени се случаи и во Битола, Тетово и по еден случај во Гостивар, Кратово, Велес и Гевгелија.

Возраста на заболените се движи од 1 месец до 52 години, а најголем број на случаи се од возрасната група 0-4 години. Од новите 50 случаи, 9 случаи (18,0%) се хоспитализирани.

Освен во Скопје, епидемија на голема кашлица беше прогласена и во Куманово, каде има 23 заболени. До 4 април во земјата се регистрирани вкупно 399 случаи на голема кашлица.

Од вкупниот број на регистрирани случаи (399), 239 случаи (односно 59,9%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од заболените, хоспитализирани се 58 лица, и тоа 49 од нив на возраст до 4 години.

Од доставените податоци од Центрите за јавно здравје, пронајдени се 8.192 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 4.517 (55,1%). Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 12.365 деца на возраст до 7 години.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми