Грузија: Тензии спроти изборот на шеф на државата
14 декември 2024Денеска, 14 декември ќе се одржи изборот на претседател на Грузија, но ова гласање е сѐ освен нормално. Расположението е напрегнато. Околу две недели во земјата секојдневно се одржуваат масовни протести против кои властите применуваат насилство.
Во заднината на протестите е сѐ поголемата конфронтација меѓу опозицијата и владејачката партија Грузиски сон. Таа започна со парламентарните избори во октомври и кулминираше кога владата неодамна објави дека го прекинува процесот на евроинтеграција на земјата.
Шефот на државата со ограничени овластувања
Една уставна измена ја продлабочи кризата. Во 2017 година, парламентот ги усвои реформите со мнозинство од партијата Грузиски сон. Тие ја променија процедурата за избор на претседател на државата и ја трансформираа земјата во парламентарна република, во која претседателот има само ограничени овластувања.
Претседателските избори во 2018 година беа последни на кои шефот на државата беше директно избран од народот. Претседателка на земјата тогаш стана Саломе Зурабишвили, чија кандидатура беше поддржана од владејачката партија. Но, подоцна односите меѓу прорускиот Грузиски сон и проевропската претседателка Зурабишвили се влошија.
Изборот на шеф на државата сега треба да се спроведе според нова процедура. Претседателот на државата за првпат ќе го одреди Изборен колегиум составен од 300 луѓе. Колегиумот вклучува 150 членови на новоизбраниот парламент и 150 делегати од регионите на земјата. Бидејќи владејачката партија Грузиски сон има мнозинство во парламентот и големо влијание во регионите, кандидатот на опозицијата нема шанси да победи.
Опозицијата го бојкотира изборот
Бидејќи опозицијата го бојкотира новоизбраниот парламент и изборот на шеф на државата, само партијата Грузиски сон предложи претседателски кандидат. Според резултатите од октомвриските парламентарни избори, владејачката партија освои 89 од 150 пратенички места.
Сепак, изборите беа нарушени со бројни нерегуларности, што доведе до тоа Европската унија да повика на ново гласање. Опозицијата зборува за масовна изборна измама и одбива да влезе во парламентот.
Претседателката Саломе Зурабишвили, исто така, не ги признава изборните резултати и нагласува дека таа сега е единствената легитимна државна институција во Грузија. Таа не сака да поднесе оставка од функцијата додека нема нови парламентарни избори.
Грузискиот политички експерт Гела Васаѕе вели дека претстојниот избор на претседател е нелегитимен. „Како може да се одржи изборот ако парламентот е нелегитимен?“, прашува тој. Според него, имало масовна измама на парламентарните избори, која не биле признати од грузиското општество. „Но, најважно е што Уставот беше прекршен кога првата седница на парламентот не беше свикана од шефот на државата, и тоа во момент кога претседателката и голем дел од опозицијата поднесоа жалба до Уставниот суд за изборна измама. “, вели тој во интервјуто за ДВ.
Претседателскиот кандидат на владата
„Грузиски сон“ за свој кандидат го предложи Михаил Кавелашвили, поранешен професионален фудбалер и пратеник од провладината партија „Народна моќ“. Претставниците на грузиското граѓанско општество го сметаат за еден од идејните автори на „Законот за странско влијание“.
Усвојувањето на овој закон предизвика жестоки протести во земјата и брзо влошување на односите на Грузија со западните земји. А дел од грузиското општество ја критикува кандидатурата на Кавелашвили бидејќи тој нема високо образование.
Самиот Кавелашвили ја обвинува опозицијата дека е контролирана од „членови на американскиот Конгрес“, кои наводно сакаат да предизвикаат „револуција“ во Грузија и услови слични на оние во Украина.
Политичкиот експерт Гела Васаѕе смета дека Кавелашвили не може да се смета за избран претседател, туку само за „именуван претседател“. Според Васаѕе, во сегашните услови е невозможно да се одржат фер избори во Грузија.
На Грузија и претстојат натамошни протести
Во меѓувреме, партијата Грузиски сон ја предупреди грузиската претседателка Саломе Зурабишвили дека мора да ја напушти владината палата во Тбилиси до 29 декември. На тој ден е предвидено да се одржи инаугурацијата на новиот шеф на државата.
Пред палатата Орбелиани, седиштето на шефот на државата, има воз со украсени вагони. Претседателката Саломе Зурабишвили напиша: „Пред палатата Орбелиани е поставен воз, да видиме кој ќе го вози“.
Се чини дека владата стравува од нови протести. „Организаторите на криминалните дејствија сакаат да ги спречат претседателските избори во Грузија на 14 декември 2024 година и да спречат избор на претседател на кој било начин“, се вели во соопштението на Службата за државна безбедност на 10 декември.
Службата тврди дека сторителите наводно имале намера „да ја ескалираат ситуацијата што е можно повеќе“, што би требало да доведе до „два до три смртни случаи“. Според Службата за државна безбедност, тие сакаат да ја обвинат власта за „убиство“ со цел „дополнително да се подгрее протестното расположение“.