1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГрузија

Грузија: Мнозинството е за ЕУ ​​и НАТО, владата балансира

Марија Катамадзе
14 март 2023

По големиот притисок поради демонстрациите, грузиската влада го повлече предлог-законот за „странски агенти“. Дали тоа значи дека земјата е чекор поблиску до долгоочекуваната кандидатура за ЕУ?

Демонстранти со развеано знаме на ЕУ на протестите во Тбилиси  на 7 март 2023 против предлог-законот за „странски агенти“ во Грција
Демонстранти со развеано знаме на ЕУ на протестите во Тбилиси на 7 март 2023 против предлог-законот за „странски агенти“ во ГрцијаФотографија: AFP/Getty Images

Светот во минатата недела набљудуваше како луѓето во Грузија излегуваат на улиците во главниот град Тбилиси да ја бранат својата штотуку родена демократија. Протестите избувнаа откако владејачката партија Грузиски сон го поддржа законот за „странски агенти“, кој, според Брисел, е неспоив со европските вредности.

Да беше усвоен, на мета би се нашле оние невладини организации и медиуми кои над 20 отсто се финансираат од странство. И додека властите тврдеа дека единствена намера на законот е да обезбеди финансиска транспарентност, опозицијата и демонстрантите ја обвинија владата оти се обидува да ги демонизира критички ориентираниот печат и цивилното општество. Демонстрантите успеаја да извршат притисок врз законодавците до таа мерка што тие мораа да го повлечат законот.

„Таквиот закон во Русија го уништи граѓанското општество“, изјави за ДВ еден од демонстрантите. „Не сакаме да имаме закони какви што има сега Русија. Тука можете да видите многу млади луѓе. Тие никогаш не го виделе Советскиот Сојуз и се надеваме дека никогаш повеќе нема да го видиме“, рече демонстрантот. 

Улици во пламен: Демонстрант вее грузиско знаме на протестот во Тбилиси на 9 март 2023 годинаФотографија: Zurab Tsertsvadze/AP/picture alliance

Иако владата се откажа од усвојување на законот, демонстрантите и натаму се сомневаат дека нивната влада е компетентна и доволно мотивирана да ги поведе во ЕУ. 

Како протестите ќе влијаат на кандидатурата на Грузија? 

Европската комисија во минатиот јуни ја одложи кандидатурата на Грузија за членство во ЕУ. Оваа одлука предизвика масовни протести во Тбилиси на кои луѓето го искажаа своето незадоволство поради неуспехот на владата да обезбеди кандидатура.

Гија Нодија, професор на Државниот универзитет Илија, оценува оти Брисел, кога ќе одлучува за Грузија, би можел да се соочи со дилема. „Сега е прашање кому би требало да се даде кандидатура за ЕУ, на народот или на владата? Треба ли да се охрабри народот или да се казни владата?“

САД и ЕУ ги поддржаа акциите на демонстрантите, но ја повикаа и владата да се фокусира на препораката на Европската комисија, од 12 точки, за демократски реформи.

„Најавата за повлекување на нацрт-законот за 'транспарентност на странското влијание' е добар знак. Сега би требало да следат конкретни правни чекори“, оцени на Твитер, Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Дали владата сака во ЕУ? 

Членството во ЕУ и во НАТО за мнозинството луѓе во Грузија е главен приоритет, со оглед на компликуваната историја на односите меѓу земјата и Русија, која во војната во 2008 година окупираше 20 отсто од нејзината територија. Според неодамна спроведената анкета на Националниот демократски институт, дури 81 отсто од граѓаните го поддржува членството во двата блока.

Па, како тоа тогаш владејачката партија официјално зборува дека сака членство во ЕУ, а истовремено презема чекори кои можат да ги поткопаат нејзините изгледи за тоа? Според мислењето на некои стручњаци, руската инвазија врз Украина е клучна за разбирање на оваа дуалност.

„Грузиската влада ги става јајцата и во корпата на руската победа. Тие веруваат оти Русија е опасна и агресивна, и сметаат дека би требало да се примири. Кога се лути Русите, се смета оти тогаш е опасно да се биде близу Запад“; објаснува професор Нодија. 

Приклештени меѓу Москва и Брисел 

Без оглед на антизападната реторика на владата, таа всушност тврдеше дека го копирала американскиот закон за „странски агенти“ познат како Закон за регистрација на странски агенти. Тоа е инаку иста реторика каква што користеше Кремљ, пред да го воведе својот репресивен закон.

Во анализата за Грузискиот институт за политика, Штефан Мајстер од тинк-тенкот Германски совет за надворешни односи, укажува кои се разликите меѓу американскиот и предложениот грузиски закон. „Американскиот закон од 1930-тите години е фокусиран на политичко лобирање, а грузискиот се однесува на граѓанското општество во земјата.“

Дури 81 насто од Грузијците го поддржуваат членството на земјата во Европската унијаФотографија: Alexander Patrin/TASS/dpa/picture alliance

Дотолку повеќе, грузиската верзија првенствено би ги имала во фокусот оние невладини организации кои ги поддржуваат ЕУ и САД, значи оние кои Тбилиси ги гледа како свои главни стратешки партнери.

Според мислењето на познавачите на состојбите, идејата владата да има руска агенда станала дел од мејнстрим начинот на размислување. Како резултат на тоа, кредибилитетот на владата меѓу Грузијците е поткопан, со оглед на негативното расположение кон Кремљ во општеството.

Во контекст на влијанието на Русија врз политиката на Грузија, критичарите пред сѐ укажуваат на улогата на милијардерот и бизнисмен Бидзина Иванишвили, поранешен премиер и основач на партијата Грузиски сон, кој се збогатил во Русија, и иако официјално ја напушти политиката, се верува дека тој и натаму ги влече сите конци од заднина.

Во интервју за ДВ, Ѓорѓи Гакариј, поранешен премиер и поранешен сојузник на Иванишвили, оценува оти токму тој милијардер може да стои зад законот. „Тој со помош на своите марионети управува со Грузија од сенка, без никакви формални одговорности. Законот за 'странски агенти' и пресвртот во надворешната политика едноставно не би бил можен без негово влијание. Затоа би требало да добиеме кандидатура за ЕУ, бидејќи тоа е единствено средство кое ќе направи пресврт во авторитарниот развој на ситуацијата во земјата“, заклучува Гакариј.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми