1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГрузија

Одложен евроинтеграцискиот процес: Протести во Грузија

СН/агенции
29 ноември 2024

Илјадници луѓе демонстрираа во Грузија против одлуката на владата да го одложи пристапниот процес кон ЕУ до 2028 година. Полицијата употребила солзавец и водени топови, а има извештаи и повредени и уапсени лица.

Сцена од проевропските демонстрации во Тбилиси, Грузија
Сцена од проевропските демонстрации во Тбилиси, Грузија Фотографија: Yegikov Mikhail/ITAR-TASS/IMAGO

Во главниот град на Грузија, Тбилиси, но и во бројни други градови во земјата илјадници луѓе излегоа на улиците да протестираат против одложувањето на кандидатурата за членство во ЕУ, објавено претходно од премиерот Иракли Кобахиѕе. Како што објави новинската агенција АФП, специјалните полициски сили употребиле солзавец и водени топови против мирните демонстранти во текот на вечерта (28.11). Според локалните медиуми, уапсени се неколку демонстранти и новинари. 

Неколку часа претходно, Кобахиѕе беше реизбран на функцијата од страна на парламентот.

Полицијата употреби солзавец против демонстрантите во ТбилисиФотографија: Irakli Gedenidze/REUTERS

Премиерот ја обвини ЕУ за уцена

Кобахиѕе во обраќањето пред пратениците ја обвини ЕУ за „уцена“ и рече дека неговата влада ќе се откаже од својата кандидатура за членство „до крајот на 2028 година“.

Одлуката на грузиските власти следеше неколку часа откако европските пратеници повикаа на повторување на парламентарни избори во Грузија, одржани минатиот месец, тврдејќи дека има „значителни нерегуларности“.

Од 2012 година, со земјата управува партијата Грузиски сон, која критичарите ја обвинуваат дека се обидува да ја оддалечи земјата од ЕУ и да се приближи до Русија.

Партијата тврди дека победила на изборите минатиот месец, но пратениците од опозицијата ја бојкотираат работата на новиот состав на парламентот, тврдејќи дека резултатите се фалсификувани, што е став и на претседателката на државата Салома Зурабишвили.

Европскиот парламент во четвртокот ја поддржа резолуцијата која ги опишува изборите како последна фаза од „влошувањето на демократската криза“ во Грузија, обвинувајќи ја владејачката партија дека сноси „целосна одговорност“.

Премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе по реизборот ја објави спорната одлука за суспендирање на пристапниот процес кон ЕУФотографија: Irakli Gedenidze/REUTERS

Европарламентарците изразија особена загриженост поради извештаите за купување на гласови и на манипулација, заплашување на гласачи и вознемирување на набљудувачите.

Реагирајќи на ставот на Европскиот парламент, грузискиот премиер Кобахиѕе рече дека неговата влада „одлучила да не го стави на дневен ред прашањето за влез во Европската унија до крајот на 2028 година“.

Грузија има официјален кандидатски статус за членство во ЕУ од 2023 година, иако Брисел веќе го запре процесот на пристап на почетокот на годината поради контроверзниот закон за „странски агенти“, за кој критичарите велат дека е направен по моделот на Русија, со цел да се дискредитираат организациите обвинети дека „следат интереси на странска сила“.

Кобахиѕе рече дека Грузија ќе продолжи да ги спроведува реформите потребни за пристапување и дека сè уште планира да се приклучи до 2030 година, но додаде дека „од клучно значење е ЕУ да ги почитува нашите национални интереси и традиционални вредности“.

Проевропската претседателка се приклучи на протестите

Учествувајќи во протестите на опозицијата, претседателката на државата Зурабишвили ја нарече изјавата на премиерот „последен чин на државен удар“.

„Патот од Европа до Русија, кој започна пред неколку месеци, ако не и порано, заврши денеска“, рече Зурабишвили.

„Ако некој се сомневаше дека тоа можеби не е така, дека може да има друго објаснување, денес сè е отфрлено. Оваа нелегитимна влада му објави војна на својот народ, своето минато, својата иднина, нашата иднина, иднината на нашето општество и на нашата земја. На овој пат што го избра власта, Грузија нема државност, независност, нема иднина - освен во Русија“, рече претседателката.

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили се приклучи на протестите против одлуката на премиерот КобахиѕеФотографија: Irakli Gedenidze/REUTERS

Повеќето западни партнери на Грузија не ѝ честитаа на владејачката партија на изборната победа, барајќи истрага за бројните нерегуларности пријавени од набљудувачите.

Судирите меѓу демонстрантите, поддржувачите на ЕУ и полицијата продолжија во текот на ноќта во Тбилиси и во други градови во земјата. Демонстрантите поставија барикади на улиците, додека полицијата употреби солзавец и водени топови врз толпата.

„Грузискиот сон не победи на изборите. Изврши државен удар“, рече 20-годишната учесничка на протестите Шота Сабашвили. „Парламентот и владата на Грузија не се легитимни и нема да дозволиме овој самопрогласен премиер да ја уништи нашата европска иднина“, истакна таа. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми