1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Фантомски“ вработувања во Комунална хигиена

ДТЗ
10 јули 2023

Десетици лица се воделе дека работат трета смена, земале 35% повисока плата, а не дошле на работа ниту еден ден. Град Скопје и` даде поддршка на директорката на „Комунална хигиена“ да се справи со „мафијашка структура“

ѓубре Скопје
Ѓубрето во Скопје ги извади на површина „фантомските“ вработувања во Комунална хигиенаФотографија: Boris Georgievski/DW

Градот Скопје и даде целосна поддршка на директорката на „Комунална хигиена“, Косана Мазнева Николиќ, во нејзиниот обид да се справи со блокадите и да се врати хигиената во главниот град на неопходното ниво. Таа денеска на прес-конференција оцени дека Јавното претпријатие е во целосна кондиција, откако успешно се справиле со „блокадите на мафијашките структури. 

„Се справивме успешно со структурите кои не дозволуваа ниту еден работник да ја извршува својата задача. Веќе неколку дена помала група на вработени повеќе од 15 години ја држат трета смена на претпријатието спротивно на законите и колективниот договор, а поголем дел од нив не се појавуваат на работа и го блокираат редовното работење. Тие не дозволија да се исчисти сметот на територијата на Град Скопје“, рече Мазнева. 

Со истата реторика настапи и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Таа е децидна дека Мазнева треба да ја добие поддршката на сите во општеството, оти се дрзнала „машки да се справи“ со неправилностите коишто се детектирани во претпријатието. Таа со висок тон на прес-конференцијата во Градот порача дека „не може мафијаши да ја водат државата и не може политиката да ги поддржува тие мафијаши“. Притоа изнесе повеќе детали околу случувањата во јавното претпријатие, коешто деновиве кулминираа со  откази, протести и затрупување на главниот град со ѓубре.

Скопје три дена беше затрупан во сметФотографија: Boris Georgievski/DW

Трета смена како параван 

Најголемиот проблем којшто се потенцира на прес-конференциите изминативе денови е појавата на непотизам во претпријатието, каде на платните списоци се евидентирани 43 членови на едно исто семејство, како и 30-на членови на друго семејство. Но, непотизмот според надлежните и не е така голем проблем, доколку тие доаѓале на работа и редовно ги извршувале своите обврски. Ова што е утврдено е дека под плаштот на третата смена, стотици вработени всушност правеле злоупотреби - живееле во Германија, добиле 35 проценти поголема плата од другите, а ниту еден час не поминале на работното место. Ноќната смена никој не ја контролира, ниту заведува, со што, според Арсовска, со години била толерирана ваквата состојба со фантомски работници. 

„Фативме луѓе што трајно седат во Германија, трајно се иселени и примале плата. Не се прашувате како се случувало тоа? Не иницирате како јавност за одговорност на овие лица? Нема да дозволиме некој да зема плата, а да не оди на работа“, рече Арсовска. Поради заштита на личните податоци, не беа соопштени имињата на оние коишто ја злоупотребиле ситуацијата, ниту пак на семејствата обвинети за непотизам. 

Кривична пријава 

Градоначалниците на повеќето скопски општини најавија кривична пријава против скопската градоначалничка Данела Арсовска за загрозување на здравјето на граѓаните, откакоградот веќе неколку дена се гуши во ѓубре. Ваквата најава следи по итната седница која што се одржа откако протестот во „Комунална хигиена“ ги затрупа скопјани во отпад и смрдеа. Дел од општините се организираа сами да го собираат ѓубрето, но на депонијата „Дрисла“ не се пуштат камионите со смет. 

„И утрово не се пуштаат камионите. Возилата на Општина Центар се пред ‘Дрисла’ и не даваат да го депонираме сметот. Тоа е јавно претпријатие за депонирање на отпадот од цело Скопје. Повикуваме да се пуштат камионите, оти ќе поднесеме кривични пријави”, порача Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода. 

Градоначалниците на повеќето скопски општини најавија кривична пријава против скопската градоначалничка Данела Арсовска за загрозување на здравјето на граѓанитеФотографија: Petr Stojanovski

Каде ќе заврши ѓубрето? 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека неговата општина не располага со големи камиони кои би можеле да го подигнат отпадот од големите контејнери крај булеварите, но дека ќе сработат се што можат со механизацијата која им е на располагање. Градоначалниците побараа решавање на проблемот со комуналниот хаос во рок од 48 часа бидејќи општините немаат капацитети за да го соберат сметот. На Советот на градоначалници од скопскиот регион не присуствуваа градоначалниците на општините Карпош, Сарај, Чаир, Зелениково, Чучер Сандево. 

Вработени од „Комунална хигиена“ од петокот (07.07) протестираат поради отпуштање на дел од колегите и барање за повисоки плати и исплата на К-15. Поради протестот, од петокот не беше собран сметот во главниот град.  Поради тоа дел од градоначалниците најавија дека ќе ги преземат работите во свои раце. Општина центар од изутрината почна да го собира сметот и да ги мие улиците, а градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски добија помош и од Штип и Велес за расчистување на сметот. Со полициска асистенција ноќеска камионите успеаја да излезат од дворот на „Комунална хигиена“, но сметот иако почна да се собира - сега нема каде да се депонира. 

Градоначалниците на скопските општини Аеродром и Кисела Вода по неколкучасовно чекање пред портите на ЈП „Дрисла“, кое резултира со неуспех да се депонира собраното ѓубре во депонијата, го оставија сметот пред портите, со тврдење дека како општини имаат уредни договори за да влезат во депонијата. Од ЈП „Дрисла“, пак, велат дека договорите на двете скопски општини се истечени уште во март годинава, па затоа се отвора прашањето каде овие општини го фрлале сметот во изминатите месеци, ако веќе четири месеци немаат договор. Единственото предвидено место за одложување отпад во Град Скопје е токму депонијата „Дрисла“. 

Обвинувања и фалби 

Скопските градоначалници бараат одговорност од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која пак, на социјалните мрежи објави празни контејнери и соопшти дека е „извојувана уште победа“.

„Успеавме да извојуваме уште една победа со цел заштита на јавниот интерес, интересот на скопјани. Скопје се чисти, екипите на ‘Комунална хигиена’ Скопје се на терен, состојбата во претпријатието е нормализирана“, вели Арсовска.

Но, градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вели дека длабоко се кае за политичката поддршка што тој и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и ја дале на минатите локални избори на Арсовска. 

„Длабоко се каам и не го кријам тоа дека сум дал политичка поддршка за госпоѓата Арсовска, на човек што го девастираше градот. Но, ова што се случува сега ниту било ниту ќе биде видено во Скопје. Јас лично како човек чувствувам длабоко каење што во даден момент сум дал поддршка. Секој човек може да направи грешка, нашава е фатална, и тоа не треба да се заборави, но се надевам и верувам дека нема да се повтори“, изјави Ѓоргиевски.

Градоначалниците бараат од Владата да се вклучи во решавањето на кризата со ѓубрето. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми