1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓубрето се трупа - надлежните покажуваат мускули со пријави

ДТЗ
26 септември 2025

Пријави за „Комунална хигиена“ поднесоа и Општина Аеродром и Град Скопје, откако сметот со денови не беше собиран во повеќе скопски општини

Скопје затрупано во ѓубре
Ѓубрето се трупа - надлежните покажуваат мускули со пријавиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека главниот град со денови е затрупан во ѓубре, надлежните институции со кривични пријавија префрлаат обврската еден на друг. Општина Аеродром поднесе кривична пријава против Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ за загрозување на животната средина, бидејќи десет дена не се собирал отпадот на повеќе локации во општината. Пријава следеше и од Град Скопје - кон раководни лица во претпријатието коишто се кадри на владејачката партија. 

Општина Аеродром со пријава за „Комунална хигиена“

„Свесни сме дека поради оваа вонредна ситуација можеби беа запоставени редовните активности: чистење на плочници, тротоари и сервисни улици, косење, гребење и уредување на зеленилото, празнење на кантите за џебен отпад, собирање на лисја, гранки и на неколку места и кабаст отпад“, соопштија од Општина Аеродром. Тие им се извинија на жителите на општината за непријатностите и информираат дека пријавата е поднесена и до МВР и до Основното јавно обвинителство Скопје.

„Ова не е само прашање на отпад, ова е прашање на достоинство, здравје и иднина“, децидни се од Општината.

Пријавата е поднесена врз основ на член 230 став 1 и став 6 од Кривичниот законик. Во неа се наведува дека „на повеќе локации во општина Аеродром комуналниот смет не е собран од и надвор од садовите за смет, со што се загадува животната средина, односно средината во која се движи човекот“.

Општина Аеродром на почетокот на јуни годинава изрече прекршочна казна од 88 000 евра против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје, повторно поради несоодветно собирање отпад и негрижа за јавната хигиена. 

И Град Скопје се приклучи со пријави

На иницијативата на Општина Аеродром, со кривични пријави да се бара решение за ѓубрето во Скопје, се приклучи и Град Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска поднесе пријава против претседателка на Управниот одбор на претпријатието Јулијана Спироска за загрозување на животната средина.

Образложението во пријавата е дека „во периодот од 2022 година до денес, поради активностите на претседателката на Управниот одбор на „Комунална хигиена“, која е кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, претпријатието во континуитет не ја одржува хигиената на подрачјето на Скопје“.

„До ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против Јулијана Спировска од ВМРО ДПМНЕ, претседателка на Управен одбор на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје за загрозување на животната средина бидејќи поради неа и нејзините политички мотивирани опструкции повеќе од три години претпријатието е нефункционално. Ова не е само прашање на отпад, ова е прашање на достоинство, здравје и иднина, а за истото баш и е гајле на Спировска“, велат од Градот Скопје.

Дел од скопските општини во меѓувреме решија сами да се справат со купиштата отпад во и околу контејнерите. Со механизација се чистеше сметот од улиците, кои потоа беа измиени со цистерни. 

„Веќе четири години секој неред што го остава ЈП „Комунална хигиена“ самите ние го расчистуваме, иако граѓаните редовно плаќаат за оваа услуга“, реагираше градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми