По СЕПА - и нов систем за инстант плаќања
28 октомври 2025
Интеграцијата на Македонија во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации. Ова е оценката на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој на конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура во Охрид ги најави следните чекори и планови на Народната банка.
Инстант платен систем
Следниот стратегиски чекор, според Славески, ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.
„Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот“, вели гувернерот.
На 7 октомври, банките во Македонија, Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.
Конкретната придобивка беше намалувањето на надоместоците за приливи во евра од странство, за околу шест пати.
Придобивки
Со приклучувањето на земјата во географската област на СЕПА, македонските граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини. Тоа на долг рок се очекува да им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.
Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот. Според Славески, и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.