1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиХаити

Хаити и историската вина на Франција

Луис Лиза
22 март 2024

Во најсиромашната земја на Латинска Америка ескалира насилство на банди. Причините не се само во сегашноста на Хаити. И поранешната колонијална сила Франција игра одредена улога.

Хаити
Хаити тоне во хаос и насилствоФотографија: Guerinault Louis/Anadolu/picture alliance

Сиромаштија, политички хаос и висока криминална стапка со децении се печат на Хаити, но сега островската држава доживува вистинска  спирала на насилство.

На 29 февруари привремениот премиер Ариел Хенри најави нови избори, за август 2025 година. Бидејќи мандатот на Хенри фактички требаше да заврши во февруари годинава, насилничките банди ја сфатија најавата како  повик за напад.  Тие ја нападнаа националната палата и затворите, ослободувајќи преку 3.000 затвореници.

Моментално бандите контролираат големи делови од главниот град, десетици ијади жители избегаа од Порт о Пренс. Хенри, кој тукушто во Најроби се обиде да издејствува испраќање кениска единица, оттогаш е блокиран на американска територија во Порт о Пренс. Но, причините за сегашната криза веројатно се подлабоки. Зашто, и поранешната колонијална сила Франција сноси одредена историска вина, велат експертите.

Сиромашен кварт на периферијата на Порт о Пренс, ХаитиФотографија: Rebecca Blackwell/AP/picture alliance

Единствениот успешен бунт на робовите

Во 1804 година Хаити испиша историја, зашто стана првата латиноамериканска земја која стекна независност, преку единственото успешно востание на робовите. Франција во 1825 година постави строги услови за признавање на независноста на земјата: Хаити да ѝ платат на  поранешната колонијална сила  150 милиони франци, што беше трипати повеќе од тогашниот брито домашен производ на Хаити. Освен тоа требаше да бидат преполовени увозните царини за француски производи.

„Парадоксално, победниците им плаќаа репарации на победените во страв од повторна воена интервенција“, вели Жан-Клод Бруфер, еден од авторите на книгата „Хаити – Франција. Оковите на долговите“.

Двојните долгови на Хаити

За да ги отплати долговите, Хаити мораше дури да позајми пари со високи камати од француските банки. Економистите тоа го нарелуваат „дупли догови“. Дури во 1950 година Хаити ги отплати сите долгови.

„Овие пари недостигаа за итно потребната инфраструктура како патишта, училишта и болници. Освен тоа, на Хаити му беше потребна армија заради заштита, што голтна натамошни средства. Тоа значително го успори економскиот развој на земјата“, објаснува Бруфер. Сега се покажува недостигот од инвестиции во инфраструктурата. „Во многу делови од островот нема патишта, здравствената заштита е недоволна, а во најголем дел од училиштата нема струја“. 

„Ропството создава плодна почва за нестабилност“

Земјите кои се ослободија од ропство имаа и онака тешкотии да се перципираат како хомогени општества, смета Миријам Котиас. Таа е директорка на Меѓународниот истражувачки центар за ропство и неговите последици во Париз. „Ропството создава плодна почва за политичка нестабилност и од неа предизвиканиот расцеп во општеството не исчезнува едноставно. И во Хаити до денес постои корумпирана елита и во најголем дел многу сиромашен народ“, вели историчарката.

Сегашната криза на Хаити влече корени од минатото, велат експертитеФотографија: Ralph Tedy Erol/REUTERS

Жан Фрицнер Етјен по потекло од Хаити и историчар на Универзитетот Париз 8, специјализиран за времето на колонијалимот, додава дека долговите на Хаити ја зацврстиле структурата на моќ на Хаити. „Притоа, граѓаните на Хаити беа инспирирани од Француската револуција од 1789 година. Но, Французите принципите на нивната сопствена револуција – слобода, еднаквост, братство и човекови права – не ги применија надвор од граниицте на својата земја“. 

САД дополнително ја зацврстиле претставата за Хаити  како инфериорна земја, смета Етјен. САД го окупирале островот од 1915 до 1934 година. „Од 1957 до 1986 година тие ја поддржуваа бруталната диктатура на Франсоа и подоцна на Жан-Клод Дувалие. А и до денес тие се мешаат во внатрешните работи на Хаити“, вели Етјен.

Надоместок „не е за дебата“

Дури во април 2003 година, поранешниот претседател Жан-Бертран Аристид побара од француската влада да ги отплати некогаш наметнатите долгови на Хаити. Во тоа време стануваше збор за речиси 22 милијарди долари. Околу една година подоцна, Аристид беше соборен со државен удар организиран од Франција и САД. На прашањето на ДВ дали има планови за отплата на долгот, француското МНР неодамна на прес-конференција одговори дека за тоа „во моментов не се разговара“.

Многу Хаиќани до денес жалаат по Жан-Бертран АристидФотографија: Odelyn Joseph/AP Photo/picture alliance

Експертите не очекуваат Франција да ги врати парите. „Ниту една поранешна колонијална сила не би го направила тоа. Тоа би предизвикало верижна реакција. Сите поранешни колонии тогаш ќе поднесат барања“, вели Лоран Џакоби. Тој е истражувач на геополитика во Латинска Америка и Карибите во Францускиот институт за меѓународни и стратешки прашања (Ирис).

Хаиќаните треба да одлучат што ќе се случи понатаму

Фредерик Томас сепак повикува на нов начин на размислување. Тој е политиколог и експерт за Хаити во независниот истражувачки центар Центар Триконтинентал во Ловен, Белгија. „Поранешните колонијални сили сè уште имаат колонијален поглед на Хаити“, рече тој во интервју за ДВ. „Тие сметаат дека земјата не може да биде управувана и на тој начин го оправдуваат меѓународното мешање. Меѓународната заедница, исто така, директно придонесе за сегашната ситуација - и по  убиството на претседателот Жовенел Моиз во јули 2021 година, го поддржа Хенри, кој беше непопуларен од самиот почеток.

„За да се прекине маѓепсаниот круг на насилство и хаос, народот на Хаити сега мора конечно да одлучи што да се прави понатаму“, вели Томас. „Треба да се формира преодна влада со помош на таканаречената група Монтана - со претставници од граѓанското општество, црквата и синдикатите - и потоа да се одлучи дали и како да се стационираат меѓународни војници во земјата."

Поранешниот долг „Франција треба да го инвестира во инфраструктурата“

Групата Монтана всушност би можела да обезбеди членови на привремена влада. Комитетот треба да назначи нов привремен премиер и да распише нови избори. Нејасно е кога точно ќе настане оваа влада. Дури тогаш Хенри сака официјално да поднесе оставка.

Авторот Бруфер се надева дека меѓународната заедница сега ќе ги остави Хаиќаните сами да одлучуваат за нивната иднина. „Франција притоа треба да инвестира барем дел од парите што Хаити ѝ ги плати во инфраструктурата на островот“, вели тој. За да му помогне на Хаити конечно да се развие економски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми