1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалХаити

Хаити: Во насилство на банди убиени најмалку 70 лица

ЕМФ | агенции
5 октомври 2024

Ескалира насилството на бандите на Хаити: Во напад на бандата Гран Гриф се убиени најмалку 70 лица, меѓу кои и жени и деца, соопштија ОН.

Хаити банди насилство
Хаити со години страда од насилство од вооружени бандиФотографија: Ralph Tedy Erol/REUTERS

Во напад на банда во мало место на Хаити, убиени се најмалку 70 луѓе, меѓу кои и околу десет жени и три деца, соопштија ОН. Претходно, локалните медиуми објавија информации за голем број загинати во инцидент во Пон-Сонде. Канцеларијата на ОН за човекови права во Женева соопшти дека членовите на бандата пукале со автоматски пушки. Во нападот се повредени 16 лица, а опожарени се 45 куќи и 34 возила.

Тоа беше брутален напад на беспомошни луѓе, објасни премиерот на Хаити, Гари Конил, на платформата Икс. Бандитите од групата Гран Гриф ги нападнале луѓето во три часот изутрина, соопшти владата. Луѓето, како што се вели, биле нападнати со „неопислива бруталност“.

Новиот чин на насилство врз невини цивили е неприфатлив и бара итен, ригорозен и координиран одговор од државата, се вели во соопштението. Ќе биде засилен ангажманот на безбедносните сили во регионот северно од главниот град Порт-о-Пренс.

Хаити е најсиромашна земја на американскиот континент. Карипската држава со години страда од насилство од вооружени банди, кои имаат имаат под своја контрола големи делови од Порт-о-Пренс. Насилството се шири и во други региони. Минатата година, канцеларијата на ОН на Хаити изрази загриженост за бруталноста на Гран Гриф кон населението во долината Артибонит, каде што се наоѓа нападнатата заедница.

Заштитните сили, предводени од Кенија, во моментов се обидуваат да го вратат јавниот ред на ХаитиФотографија: Odelyn Joseph/AP/picture alliance

Канцеларијата на ОН за човекови права повика на поголема меѓународна поддршка за мултинационалната безбедносна мисија на Хаити и побара брза и темелна истрага за нападот, за чија позадина засега нема официјални информации од државните институции на Хаити.

Заштитните сили, предводени од Кенија, во моментов се обидуваат да го вратат јавниот ред на Хаити. Безбедносната мисија со планирани 3.000 сили беше одобрена од Советот за безбедност на ОН во октомври минатата година. Првите кениски полицајци пристигнаа на Хаити дури во јуни - досега таму има само неколку стотини полицајци.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми