1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Халид Бешлиќ, глас кој го обедини Балканот

Самир Хусеиновиќ
8 октомври 2025

Бројни се емотивните пораки за збогување од Халид Бешлиќ, човек кој со своите песни „ги избриша границите“ и „ги зближи луѓето“.

Халид Бешлиќ
Халид Бешлиќ (1953-2025)Фотографија: Antonio Balic/HANZA MEDIA/IMAGO

Легендарниот пејач, изведувач на народна музика, Халид Бешлиќ, еден од великаните на регионалната музичка сцена, почина во вторникот (7 октомври) во Сараево, на 72-годишна возраст. Веста за заминувањето на уметникот, чиј глас повеќе од четири децении ги придружуваше многумина во моменти на радост и тага, го потресе целиот регион – од Босна и Херцеговина, преку Хрватска и Србија, па сè до дијаспората.

Халид Бешлиќ е роден на 20 ноември 1953 година во Кнежина кај Соколац. Како што пренесуваат регионалните медиуми, тој стана универзален „глас на народот“, а неговата интерпретација на љубовта, болката, носталгијата и меракот ги претвораше стиховите во чиста, разбирлива емоција – дури и за оние кои не биле редовни слушатели на народната музика.

Кариерата ја започнал кон крајот на седумдесеттите години, настапувајќи низ цела Југославија. Популарноста ја стекнал на почетокот на осумдесеттите, кога хитовите како „Не сакам, не сакам дијаманти“ (Нећу, нећу дијаманте), „Ех, ако ми речеше дека те сакам“ (Ех, кад би ти рекла ми волим те) и „Мостови на тагата“(Мостови туге) почнале да се емитуваат на радио станиците. Така биле поставени темелите за една од најплодните кариери во регионалната музика.

Со песните ги спојуваше луѓето

Во текот на децениите, Бешлиќ издал повеќе од десет студиски албуми, продал стотици илјади носачи на звук и одржал безброј концерти, посебно издвојувајќи се со својот единствен, моќен глас. Неговите златни хитови од тој период, како „Доаѓаат студени снегови“ (Снегови ладни долазе), „И воодушевен од таа убавина“ (И занесен том лепотом), „Мирисот на лилјаните се шири низ полето (Пољем се шири мирис љиљана) и „Се враќам кај мајка ми во Босна“ (Враћам се мајци у Босну), станаа неизоставен дел од музичкото наследство.

Она што трајно го впиша Халид Бешлиќ во колективната свест на регионот е неговата способност со песната да ги спојува луѓето и да ги брише границите — во тоа се согласни многумина кои се огласија по тажната вест. Неговиот придонес ја надминувал музичката сцена, што го потврдуваат и медиумите ширум Балканот, додека БХРТ, ХРТ и РТС нагласуваат дека Халидовите песни „ги спојуваа луѓето“.

И во најтешките времиња во деведесеттите, Бешлиќ остана во Сараево и продолжи да пее, станувајќи симбол на издржливост, надеж и босанска гордост. На почетокот на новиот милениум, Халид го достигна својот комерцијален и емоционален врв со песни што и денес се евергрини за сите генерации, меѓу кои највпечатливи се: „Миљацка“ – песна што стана неформална химна на Сараево и регионален феномен, „Прв балнеж“ (Први пољубац) – балада што обележа безброј сентиментални моменти, како и „Чардак“ и „Дваесетти“ (Двадесете).

Тагата го обедини регионот

По тешката сообраќајна несреќа во 2009 година, Халид со неверојатна волја се врати на сцената, што дополнително го зацврсти неговиот статус на борец и уметник со силен дух. Неговиот повраток го обележа албумот „Романија“, со истоимената песна, а неговата последна снимена песна, „Сејда“, беше емотивна посвета на сопругата, која секогаш ја нарекуваше своја најголема поддршка.

Реакциите по смртта на Халид Бешлиќ – од политичари, колеги уметници, спортисти и обични луѓе низ целиот регион – зборуваат сами за себе. Социјалните мрежи се преплавени со пораки на сочувство.

Поп ѕвездата Здравко Чолиќ се огласи на Инстаграм: „Халиде, веќе ни недостасуваш. Нашите незаборавни дружења, патувања... Остануваат твоите песни како лек за душата“.

Дино Мерлин, со кого Халид неодамна ја сними песната „Годино врела“, го опиша како „голем и неповторлив“ и „топла босанска душа“.

„Кога ќе заминам, би сакал да ме паметат како добар човек“

Освен по музиката, Халид Бешлиќ ќе остане запаметен и по својата скромност и човечност – особина што медиумите особено ја истакнуваат. Никогаш не бил оптоварен со славата. Јавно зборуваше дека му е поважно да им помогне на другите отколку да вози скапи автомобили.

Неговата изјава: „Кога ќе заминам, би сакал да ме паметат како добар човек, а не само како добар пејач“, стана тестамент на неговата личност.

Желба на Халид е исполнета – судејќи според реакциите, ќе остане запаметен како голем човек и уметник. Музичката уредничка на БХ Радио 1, Ениса Хајдаревиќ Шојко, вели дека огромната популарност на Халид ги надминала границите на БиХ, поранешна Југославија, па дури и целиот Балкан:

„Во неговиот опус има безброј дијамантски песни на кои времето им е сојузник во истакнувањето на нивниот сјај и убавина“.

Заминување на човекот „чиј глас беше дел од нашите животи“

Халид за многумина, меѓу кои и Ханка Палдум, беше како „член на семејството“. „Ми се чини како да замина дел од мојата душа. Ми беше како брат“, изјави таа за БХ Радио 1.

Од Халид се простуваат и други регионални музички ѕвезди, меѓу кои и Марија Шерифовиќ: „Престана да чука музичкото срце на Босна и Херцеговина. Халиде, нека ти е вечна слава и благодарам за секоја скршена чаша и пуштена солза“.

Реагираа и бројни спортисти, меѓу кои и капитенот на фудбалската репрезентација на БиХ Един Џеко: „Замина човекот чиј глас беше дел од нашите животи. Халиде, ти благодарам за сите емоции... Твојот глас засекогаш ќе остане дел од нашата душа.“

Реакции на политичарите

Еден од најсилните описи на неговото наследство го даде претседавачот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, чии зборови ги пренесуваат БХРТ и ХРТ: „Беше симбол на една душа, една топлина, босански човек – едноставен, искрен, а толку голем. Во твоите песни живееја нашите радости и таги, нашите сеќавања. Со гласот и стиховите ги спојуваше луѓето, бришејќи граници и разлики“.

„Халид Бешлиќ беше извонреден пејач, симбол на добрата босанска душа – едноставна, топла и постојана“, изјави членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ. Претседателот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, е убеден дека „исклучителното и богато наследство на Халид засекогаш ќе живее во БиХ и пошироко“.

Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, нагласи дека „замина добар човек, уметник од народот, кој со песна ги спојуваше луѓето“. Заменик-премиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, се прости од „драг пријател, голем уметник и човек со исклучително срце“.

Легенда што спојуваше и неспоиво

Главниот уредник на порталот Klix.ba, Семир Хамбо, напиша: „Ретко на нашите (екс Ју) простори се случува за некого да се зборува со толку емоции и почит како за Халид Бешлиќ по неговата смрт. Халид уште за време на животот го стекна статусот на легенда и универзален симбол што беше заеднички дури и за оние кои инаку се различни“.

Песните на Халид и неговиот глас остануваат траен дел од музичкото и културното наследство на овие простори, а неговата музика ќе продолжи да живее ширум Балканот и дијаспората.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми