1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Хамас е подготвен да ги ослободи заложниците

Тагесшау | ЕМФ
4 октомври 2025

Хамас прифати делови од мировниот план на САД и тврди дека е подготвен да ги предаде сите заложници. Американскиот претседател Трамп бара Израел веднаш да ги прекине нападите, на што Израел досега не одговори конкретно.

Припадници на бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас, построени во Кан Јунис
Во своето соопштение, Хамас не се осврнува на своето разоружување, кое исто така е предвидено со планот на Трамп (фото: припадници на бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас, февруари 2025 година)Фотографија: Ali Jadallah/Anadolu/picture alliance

Милитантната исламистичка палестинска организација Хамас вели дека прифаќа делови од мировниот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп. „Движењето ја објавува својата согласност за ослободување на сите заложници - живи и посмртни останки - според формулата за размена во предлогот на претседателот Трамп“, се вели во соопштението на терористичката организација.

Сепак, во своето соопштение, Хамас не се осврнува на своето разоружување, кое исто така е предвидено со планот на Трамп. Претставник на Хамас рече и дека планот на американскиот претседател е „непрецизен“ и „двосмислен“. Хамас е подготвен да разговара за „деталите“.

План од 20 точки повикува на разоружување на Хамас

Трамп вчера (3.10) му даде на Хамас рок до недела за да се согласи со неговиот мировен план. Во спротивно, „ќе се случи пекол врз Хамас“, напиша Трамп.

Планот од 20 точки презентиран во понеделникот (29.09) повикува, меѓу другото, на ослободување на преостанатите израелски заложници во Појасот Газа и постепено повлекување на израелската армија од палестинските територии. Израел треба да ослободи 250 палестински затвореници кои издржуваат доживотни затворски казни. Терористичката организација Хамас треба да биде обезвластена и да го предаде своето оружје.

Американскиот претседател Трамп бара Израел „веднаш“ да ги запре нападите врз ГазаФотографија: Alex Brandon/AP Photo/dpa/picture alliance

Трамп: Израел мора веднаш да ги запре нападите

Во првичната реакција на изјавата на Хамас, Трамп оценува дека Хамас очигледно е „подготвен за траен мир“. На својата мрежа Truth Social, тој напиша и дека Израел сега мора „веднаш“ да ги запре нападите врз Газа „за да можеме безбедно и брзо да ги ослободиме заложниците“. Според Трамп, во моментов тоа е премногу опасно. Веќе се во тек разговори за деталите што треба да се разработат, вели американскиот претседател.

И политичари од други земји изразија надеж дека војната може да заврши. Германскиот канцелар Фридрих Мерц на платформата X напиша: „Мирот во Газа и ослободувањето на заложниците се на дофат“. По речиси две години војна, ова е „најдобрата шанса за мир“. Борбите мора „веднаш да завршат“ и заложниците да бидат ослободени. Слично реагираше и францускиот претседател Емануел Макрон. Британскиот премиер Кир Стармер зборува за „значаен чекор напред“.

Арапските земји посреднички, Катар и Египет, исто така се изјаснија позитивно. „Државата Катар ја поздравува објавата на Хамас за поддршка на планот на претседателот Трамп“, изјави портпарол на катарското Министерство за надворешни работи. Египетското Министерство за надворешни работи на Фејсбук го пофали „позитивниот развој“. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, преку својот портпарол, ги повика „сите страни да ја искористат оваа шанса“.

Политичари од повеќе земји изразија надеж дека војната во Појасот Газа сега ќе завршиФотографија: Mahmoud Issa/REUTERS

Кабинетот на Нетанјаху не одговара на барањето на Трамп

Во текот на изминатата ноќ со соопштение излезе и израелската влада. „Во светлина на одговорот на Хамас, Израел се подготвува веднаш да ја спроведе првата фаза од планот на Трамп за итно ослободување на сите заложници“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Израел ќе продолжи тесно да соработува со претседателот и неговиот тим „за да се стави крај на војната според принципите утврдени од Израел, кои се во согласност со визијата на претседателот Трамп“.

Сепак, соопштението од кабинетот на Нетанјаху не се осврнува на повикот на Трамп до Израел веднаш да ги прекине нападите во Појасот Газа. Ниту, пак, објаснува што конкретно значи спроведувањето на првата фаза од планот на Трамп.

Израелската армија, исто така, на платформата X објави дека началникот на Генералштабот, Ејал Замир, дал наредба за подготовки за „спроведување на првата фаза од планот на Трамп за ослободување на заложниците“ - без да даде детали. Претходно, израелските медиуми објавија дека политичкото раководство ѝ наредило на армијата да ја запре офанзивата за освојување на Газа. Во соопштението на армијата се наведува дека безбедноста на вооружените сили е врвен приоритет.

Опозицијата и роднините на заложниците бараат разговори

Роднините на заложниците го повикуваат Нетанјаху „веднаш“ да учествува во разговорите за деталите од мировниот план на САД. Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, исто така ја повикува израелската влада да преземе понатамошни чекори за спроведување на мировниот план на Трамп. „Израел треба да објави дека учествува во разговорите што ги води претседателот за разработување на деталите од договорот“, рече Лапид во текот на ноќта.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми