1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Хамас во Москва: Русија како посредувач на Блискиот Исток?

Џенифер Холејс
28 февруари 2024

Раскараните палестински групи се состануваат оваа недела на разговори во Москва. Русија сака да им помогне да се зближат и потенцијално да се ослободат повеќе заложници. Но, дури и ако тоа не успее, Москва има корист.

Рон Кривој - Рон Кривој ослободен од заложништво на Хамас Израел
Ираел: Рон Кривој - ослободен од заложништво на ХамасФотографија: GPO/AP/picture alliance

Оваа недела претставници на различни палестински групи патуваат во Москва за да разговараат за војната меѓу Израел и Хамас, како и за други блискоисточни теми како дел од „внатрешниот палестински дијалог“.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Богданов за руската државна новинска агенција ТАСС изјави дека на конференцијата, која почнува на 29 февруари и ќе трае два или три дена, ќе учествуваат од 12 до 14 палестински организации.

Ова ги вклучува претставниците на политичкото крило на Хамас, Палестинскиот исламски џихад, потоа Фатах (политичката организација која управува со  окупираниот Западен Брег)  и Ослободителната организација на Палестина (ПЛО), која е организација-чадор за палестинските групи.

Различни групи имаат различни ставови за теми како што се дали Израел треба да се признае како држава. ПЛО, предводена од Фатах, го призна Израел во 1993 година - делумно во замена за  можна палестинска држава.  Хамас, кој не е дел од ПЛО, со години го отфрла ова, иако неговата реторика неодамна омекна.

Западен Брег - тука контролата ја има ФатахФотографија: Nasser Nasser/AP Photo/picture alliance

Во минатото имаше и судири и насилство меѓу палестинските групи. Откако Хамас победи на изборите во Газа во 2006 година, не беше постигнат договор за поделба на власта со поумерениот Фатах и ​​почнаа судири. Фатах на крајот го напушти Појасот Газа, оставајќи го таму Хамас на власт, а сега управува со Западниот Брег. Тамошните власти на Фатах се нарекуваат Палестинска управа или Палестинска управа (ПА).

„Дијалог само заради дијалог“

Ова не е првпат да се размислува за формирање обединет палестински фронт. Руслан Сулејманов, независен руски експерт за Блискиот Исток со седиште во Баку, за ДВ потсетува дека и претходно имало обиди за посредување меѓу различни групи, но тие состаноци „никогаш не донеле резултати“.

Сулејманов вели дека „Русија нема никаква детален план“ и дека „особено за Појасот Газа, би било неопходно да се воспостави посредување и да се одржуваат добри контакти и со Израел и со паравоеното крило на Хамас во Газа“.

Тој смета дека главните цели на Москва се да покаже дека Кремљ има одредено влијание врз палестинските фракции и да го искористи моментот пред претседателските избори во Русија за да го покаже своето геополитичко влијание. Русија избира нов претседател во средината на март и нема сомнеж дека ќе победи актуелниот претседател Владимир Путин. „Разговорите во Москва навистина ќе бидат само дијалог заради дијалог“, смета Сулејманов.

Овој став го дели и Хју Ловат, експерт за Блискиот Исток и Северна Африка во берлинскиот тинк-тенк Европскиот совет за надворешни односи. „Самитот е начин да се покаже дека Русија има дипломатски капацитет да одигра практична улога во поддршката на палестинското национално единство“, изјави Ловат за ДВ. Сепак, тој додава дека претходните преговори за помирување, кои се водеа во Москва, Алжир и Каиро, „исто така не успеаја да доведат до постојан договор за помирување на ривалите“.

Расцепканост во палестинските редови

„Несогласувањата меѓу палестинските групи  подразбираат длабоки политички разлики поврзани со мировниот процес и националната стратегија за ослободување, но и за техничките прашања поврзани со тоа како да се вратат институциите на палестинската управа во Газа“, објаснува Ловат.

Добри односи со Иран: Владимир Путин и иранскиот претседател Ебрахим РаисиФотографија: Sergei Bobylyov/AFP/Getty Images

Хамас, кој е класифициран како терористичка организација од Германија, ЕУ и САД, владее со Појасот Газа од 2007 година. Секое идно,  повоено сценарио  кое ќе ја врати палестинската власт во Газа и политички ќе го интегрира Хамас во окупираниот Западен Брег, ќе мора да се заснова на некакво разбирање меѓу Хамас и палестинските власти, вели Ловат.

За палестинскиот премиер Мохамед Штаех - кој поднесе оставка на 26 февруари - тоа е една можност. Претходно овој месец, на Минхенската безбедносна конференција, тој изјави дека Хамас е составен дел од палестинската политичка сцена. „Тие мора да дојдат  на нашата политичка агенда. А нашиот став е многу јасен: две држави во границите од 1967 година - по мирен пат. Палестинците треба да бидат под еден покрив“, истакна Штаех.

Меѓутоа, постојат одредени проблеми со оваа идеја. Некои држави се изјаснија дека Хамас не треба да игра улога во управувањето со палестинските територии по завршувањето на конфликтот. Израел е особено против тоа. Исто така, тешко е да се предвиди како тврдиот став на Хамас за непризнавање на Израел ќе се вклопи во позицијата на ПЛО, која веќе го призна Израел.

За Русија, дури и ако состанокот не донесе напредок, континуираната поделба меѓу Палестинците не мора да биде негативен исход. Самитот ќе помогне да се зајакне идната улога на Русија на Блискиот Исток.

Русија како посредник на Блискиот Исток

Со години Русија успеваше да одржува блиски врски со Израел, и покрај тоа што имаше добри односи со еден од регионалните противници на Израел - Иран. Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, односите се влошија: израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не ја поддржа руската инвазија, а илјадници Руси и Украинци побегнаа во Израел.

Со години имаа добри односи: Владимир Путин и Бенјамин НетанјахуФотографија: Maxim Shemetov/REUTERS

Сепак, аналитичарот Сулејманов смета дека Русија всушност „не може да си дозволи да го изгуби Израел“, имајќи предвид дека рускојазичната заедница е најголемото малцинство во Израел, откако речиси милион луѓе од еврејско потекло имигрирале во земјата по распадот на Советскиот Сојуз во почетокот на деведесеттите години на минатиот век.

Исто така, односите меѓу Русија и Иран се подобрени. Познато е дека Иран го поддржува не само Хамас, туку и Хезболах во Либан, како и ирачките паравоени групи и Хутите во Јемен. И сите тие ги сметаат  САД и Израел за нивни непријатели.

Русија долго време одржува врски со палестинските милитантни групи, а нејзините контакти со Хамас веќе доведоа до одреден успех. Во октомври, рускиот заменик-министер за надворешни работи и специјален пратеник на претседателот Путин за Блискиот Исток, Богданов, на политичките претставници на Хамас во Катар им предаде список на  киднапирани Израелци  од руско потекло или оние со двојно државјанство и побара нивно ослободување.

Рони Кривој, руски Израелец, беше ослободен од Хамас на 26 ноември, заедно со уште 13 Израелци кои беа ослободени како дел од привремениот прекин на огнот со посредство на Катар и САД. Како што забележа тогаш „Вашингтон пост“, Кривој „стана првиот возрасен маж со израелски пасош што беше ослободен, иако размената вклучуваше главно жени и деца“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми