1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Хамас-Израел: Бесконечна или тотална војна на Блискиот Исток

2 август 2024

Веројатно човекот кој најмногу славел по веста за убиството на Исмаил Ханија, не се наоѓал во Ерусалим, туку во некој од бесконечните тунели под Газа, а неговото име е Јахја Синвар. Пишува Ивор Мицковски

Уништена зграда во Појасот Газа (архивска фотографија)Фотографија: Dawoud Abo Alkas /Anadolu/picture alliance

Добро позната јавна тајна за сите, особено за израелските и за арапските тајни служби е фактот дека помеѓу двајцата не течела добра крв, поточно, дека се мразеле. И дека се бореа за превласт околу водството, она вистинското, не само формално и духовно, над Хамас.

Исмаил Ханија се сметаше за највлијателен лидер на Хамас, но надвор од Газа. Синвар пак, кој инаку беше мозокот на масакрот од 7-ми октомври, се смета за највлијателниот лидер на Хамас во Појасот Газа. Основач е на безбедносната служба на Хамас, позната како Мајд, која се занимава со внатрешни работи, истражува осомничени израелски агенти и открива израелски разузнавачи и безбедносни офицери. Синвар е израз на внатрешниот фронт, длабоко врзан со бригадите Из ал Дин ал-Касам, военото крило на исламистичкото палестинско движење Хамас. Израелските одбранбени сили (ИДФ) вчера потврдија дека и Мохамед Деиф, шеф на военото крило на Хамас, бригадата Из ал Дин ал-Касам, е убиен во неодамнешно бомбардирање на Газа.

Ханија беше референтна личност во странство, пред сѐ во Доха и помеѓу заливските сунитски петромонархии. Со други зборови, Ханија го претставуваше „преговарачкото“ крило на Хамас, додека Синвар е претставник на воинственото крило на воениот отпор против „ционистичкиот ентитет“. Тоа не значи дека Ханије ќе испреговараше некаков мировен договор со Израел, нешто за што немаше ниту сила ниту мандат, но евентуално примирје, тоа беше и повеќе од возможно.

Убиството на Ханија ни потврдува дека нештата напредуваат кон една бесконечна војна. Со други зборови, војната ќе продолжи со некој среден интензитет затоа што ваквиот судир со Хамас во Газа и со Хезболах во Либан е осигурителна полиса за политичката егзистенција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата влада. Хамас ќе реагира, како што ќе реагира и Хезболах, а најмногу ќе реагираат Хутите од Јемен, но се тоа ќе биде во граници на воздржаност и во една димензија на раководење со војната како инструмент за внатрешна пропаганда. Хамас доби нов „жртвеник“ за славење, Нетанјаху доби нов „скалп“ за покажување пред домашната јавност.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Слабата меѓународна заедница

Што се однесува до Иран, врховниот лидер Хамнеи секако ќе го подигне тонот, ветува репресалии и тие најверојатно ќе се случат, подигнувајќи ја за некој степен прокси војната која Иран ја води со Израел, но без да се премине црвената линија која би довела до директен судир. Од проста причина што тотална војна не ѝ одговара на ниедна од страните. Без оглед колку Нетанјаху се заканува со напад врз Либан, сценарио како она од 2006-та година е мошне ризична операција. Прво, затоа што би требало да води војна на два фронта, без директно учество на главниот фронт Иран, и второ, затоа што Хезболах за разлика од пред 18 години, денеска е вистинска војска, со преку 80 илјади луѓе и над 100 илјади ракети. Но, никогаш не можеме да исклучиме и поширок регионален конфликт.

Тоа што загрижувачки излегува на виделина е слабоста на таканаречената меѓународна заедница, особено на Вашингтон и тоа што останува од нејзината воена суперсила, било во демократска или во трамповска варијанта.

Израел ќе остане длабоко поделен внатрешно, но уште позависен од својот најдолговечен премиер. Болката и страдањето на семејствата на киднапираните ќе остане, а најверојатно и ќе порасне. Страдањата и масакрот врз недолжните Палестинци од Појасот нема да се намалат. Тоа што е важно е дека со убиството на Ханија во овој момент завршуваат и преговорите за примирје кои беа во тек. А времето е сепак клучен фактор во оваа трагедија. Тоа е нешто што Нетанјаху и неговите министри добро го знаат, но тоа воопшто не им е важно. Смртта на израелските граѓани во рацете на Хамас и исламскиот Џихад се само колатерална штета на една за нив „правична војна“ - војна на одбрана како што ја нарекуваат израелските власти.

Војна, која според наративот на Нетанјаху може да се заврши само после тотален пораз на Хамас. Но, такво нешто е невозможно и тоа добро го знаат и во Вашингтон и во Ерусалим, но малку вреди кога во јавноста ќе победи пропагандата, а не реалноста.

Кој ќе го замени Ханија?

Што се однесува до Хамас, убиството на Ханија наметнува две прашања кои на среден и долг рок ќе ја одлучат и судбината на движењето. Кој ќе го замени на позицијата шеф на политичкото биро на Хамас и што навистина ќе се случи со преговорите за размена на заложници и за прекин на огнот?

Радоста на Синвар, доколку не е жив закопан под некој од тунелите во Газа и неговата амбиција да ја преземе позицијата на Ханија, тешко би се реализирале затоа што не делува веројатно дека жив ќе излезе од Појасот, што само по себе го елиминира од листата на наследници.

Остануваат два потенцијални кандидати. Едниот е 68-годишниот Калид Мешал, еден од основачите на Хамас. Роден е на Западниот Брег и важи за прагматичен човек. Според раководните лица од Хамас, се очекува негова номинација на позицијата и не случајно палестинскиот претседател Махмуд Абас, токму на Мешал му изрази официјално сочувство за убиството на Ханија. Но, Мешал има еден голем проблем!

Неговите односи со Иран, Сирија и Хезболах се ужасни. Од друга страна, има добри односи со Муслиманското Братсво, со Катар и со Турција. Особено со владата од Доха, каде што и живее од 2012-та година.

Вториот кандидат е Калил ал-Хаја, заменик-командант на Хамас во Појасот Газа, кој исто така бил во Техеран и важеше за близок до Ханија. 64-годишен, роден во Газа, важи за приближувач на односите со Иран и Хезболах иако тие се шиити, додека Хамас е сунитски. Во 2022 година лично беше во Сирија да се сретне со диктаторот Башар Ал Асад, со цел да го круниса затоплувањето на односите. Важи за избалансиран политичар чиј лидершип им одговара на сите регионални актери, дури и на ајатоласите.

Со Калил би продолжила актуелната линија и политичкиот континуитет на Хамас со поддршка на воената линија во Појасот и непризнавањето на Израел. Со пофлексибилниот и харизматичен Мешал, се отвораат минимални шанси за дијалог, иако на негова возраст се верува дека тешко може да им заборави на Израел кога во 1997 година, во Јордан, шест агенти на Мосад ќе му вбризгаат смртоносен отров во увото. Ќе се спаси благодарение на противотровот кој кралот Хусеин ќе го обезбеди од Нетанјаху, тогаш во својот прв мандат и после жолчни и френетични преговори.

Овој процес кој треба да го реши Советот на Шурата, консултативниот орган на Хамас, кој ги обединува претставниците од Газа, Западниот Брег, дијаспората и затворениците, секако ќе потрае и неминовно ќе ги одложи макотрпните преговори со Израел. Оттука, примирјето во овие моменти не е на повидок. Израел ќе продолжи со својата ескалација и таргетираните убиства на лидерите на Хамас, каде само во месец јули успеа да елиминира најмалку 4 високи експоненти на Хамас или на самонаречената Оска на антиизралескиот отпор.

Израел со тоа му зададе сериозен удар на Иран, покажувајќи дека не е сигурна држава за сите нејзини сателити, а Нетанјаху освои мала-голема победа елиминирајќи голем дел од одговорните или организаторите на масакрот од 7-ми Октомври.

Победа која малку што ќе промени, затоа што не станува збор за „game changer“ во исходот на војната. Војната најверојатно ќе продолжи како и досега, но акциите на Израел го доведуваат Блискиот Исток еден чекор поблиску до тотална или регионална војна.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми