1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаос во парламентот на Тирингија: АфД предизвика скандал

Ханс Фајфер
28 септември 2024

На конститутивната седница на парламентот на Тирингија, партијата АфД предизвика скандал кој се чини дека е однапред подготвен. Станува збор за напад на парламентаризмот и демократијата во Германија

Јирген Трејтлер и  Бјерн Хеке
Најстариот член на парламентот и моментално вршител на должноста претседател на парламентот на Тирингија, Јирген Трејтлер (лево) и шефот на парламентарната група на АфД воТирингија, Бјерн ХекеФотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Тирингија е далеку од големата политика на Берлин. Затоа, и нејзината важност за германската политика е обично мала. Источногерманската сојузна покраина со 1,7 милиони жители нема ни половина од електоратот од главниот град на Германија.

Тирингија е симбол и на славната германска историја. Таму Мартин Лутер го превел Новиот завет на германски. Јохан Волфганг фон Гете и Фридрих Шилер го направија тирингискиот град Вајмар центар на германската литература и филозофија. Светски познатата архитектура Баухаус е создадена во Тирингија.

И политички гледано, Тирингија има големо значење. Првата германска демократија беше воспоставена во градот Вајмар: Вајмарската Република. 

Вајмар - градот на Гете и на Шилер

00:56

This browser does not support the video element.

Цела Германија гледа кон Тирингија 

Меѓутоа, во 2024 година, цела Германија загрижено гледа кон Тирингија. Затоа што, за прв пат од 1945 година, односно од крајот на најлошото поглавје во германската историја, владеењето на Адолф Хитлер и нацистите, една десничарска партија освои најмногу гласови на изборите за покраинскиот парламент: Алтернатива за Германија (АфД). На 1 септември 2024 година таа постигна рекорден резултат освојувајќи 32,8 отсто од гласовите.

Исходот не дојде ненадејно. Тој се подготвуваа долго време. Со месеци правни експерти, политиколози, синдикати, деловни здруженија и цркви предупредуваа за  последиците од победата на АфД на изборите. Бидејќи, во бројни говори и текстови, највисоките функционери на таа партија ги омаловажуваа демократските институции. Политичките противници беа нарекувани „картел - партии“, а германската демократија беше клеветена како нова диктатура. АфД го гледа независното судство како оружје на политичкиот противник. 

Највисоките функционери на таа партија постојано флертуваат со  злосторничкиот режим на нацистите. Водечки член на партијата, на пример, позира со рака на срцето пред бункерот на Хитлер. Еден од водечките кандидати ги релативизира злосторствата на СС. Еден пратеник во Бундестагот се нарекува себеси „пријателското лице на националсоцијализмот“. Еден функционер испраќа слики со Хитлер. 

Изборна кампања со нацистички пароли 

А, со цел да ги заокружи своите предизборни говори, претседателот на АфД во Тирингија, Бјерн Хеке, го користи слоганот на криминалната Штурмабтајлунг (Sturmabteilung, SA) на Адолф Хитлер: „Сите за Германија!“. Поради ова германскиот суд два пати го осуди на високи парични казни.

Бјерн Хеке е еден од најмоќните манипулатори во неговата партија. Неговата АфД сака да ја промени не само Тирингија, туку и цела Германија. Тој се бори за масовна депортација на мигрантите и си поставува цел да ги уништи конкурентските партии. Затоа фокусот на цела Германија сега е на Тирингија. 

Според судската одлука, шефот на парламентарната група на АфД во Тирингија, Бјерн Хеке, во Германија може да се нарече „фашист“Фотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Во четвртокот (26 септември), АфД имаше можност за прв пат да ја покаже својата нова сила. Во главниот град на Тирингија, Ерфурт, се собра новоизбраниот парламент. Со АфД како најсилна сила во парламентот. Таа партија во своите редови го има и најстариот пратеник, чија вообичаена задача е да претседава со парламентот додека не се избере нов претседател на парламентот.

Тоа е всушност ден на воспоставени демократски ритуали: се конституира парламентот, се утврдува кворумот и се избира претседател(ка) на парламентот, за потоа парламентот да почне со работа. 

АфД: јазикот на десничарските екстремисти 

Но, пред да се случи тоа, говор одржа 73-годишниот претставник на АфД, Јирген Тројтлер. Тој зборуваше за „елитата“ која „го презира народот“. Тој го наведе антисемитскиот педагог Едуард Шпрангер како еден од „поважните германски мислители“. Шпрангер, на пример, се погрижи Евреите да бидат исклучени од друштвото на Гете во 1938 година и ја бранеше националсоцијалистичката револуција под Адолф Хитлер. Тоа е јазикот на десничарскиот екстремизам. 

Кога Тројтлер го заврши својот говор, започна претставата што ја предвидуваа експертите по уставно право: АфД се обиде да го преземе толкувањето на деловникот на парламентот и го искористи својот најстар пратеник за да го парализира парламентот. 

Конститутивна седница на парламентот на Тирингија: консултации со шефови на пратенички групиФотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Тоа е малку комплицирана процедура за избор на претседател на покраинскиот парламент. Во Германија вообичаено е оваа позиција да припаѓа на најсилната група пратеници во парламентот. Оној што ја врши оваа функција ги контролира собраниските процеси. И тој може да пополни важни позиции во администрацијата на парламентот. Сега АфД, која Службата за заштита на Уставот ја окарактеризира како „докажано десничарско екстремистичка“, сака да именува претседател. Затоа што е најсилната партија. Но, бидејќи АфД нема мнозинство во парламентот, сите други партии сакаат да го спречат тој избор. 

Ситуацијата дополнително ја усложнува и фактот што деловникот на парламентот остава одреден простор за толкување. Во исто време, парламентот уште нема кворум. Таквата ситуација е совршена можност за хаос и големо шоу. За ова експертите со месеци ги предупредуваат партиите.

Од почетокот на седницата, најстариот пратеник, Тројтлер од АфД, одбива да прифати предлози од други партии. Атмосферата станува напната. Пратениците на ЦДУ зборуваат за „заземање на власта“, бидејќи се ускратува „светото право“ на пратениците сами да се организираат, а АфД како малцинска партија го саботира мнозинското мислење во парламентот.

Доаѓа до постојани прекини и повеќечасовни консултации меѓу шефовите на пратеничките групи. Како да се продолжи? 73-годишниот Тројтлер цврсто се држи до својот говор, како некој да му го напишал. Во најголем дел, се чини дека воопшто не слуша кога првиот човек на парламентот, Јерг Хопфе, упорно им ги објаснува правните детали на сите учесници. Незаинтересираноста на Тројтлер е изненадувачки очигледна. 

Јорг Хопфе (лево), му го објаснува деловникот на вршителот на должноста претседател на парламентот, Јирген ТрејтлерФотографија: Bodo Schackow/dpa/picture alliance

Додека политичарот на АфД продолжува да го чита својот говор, првиот човек на парламентот неколку пати го прекинува. Хопфе е квалификуван правник и експерт за парламентарното и уставното право на Тирингија. Во собраниската администрација работи 33 години. Повторно со почит, но цврсто му се обраќа на претставникот на АфД. Тој укажува на наводни процедурални грешки. Се додека политичарот на АфД не викна: „Не ме прекинувај!“. Хопфе одговара дека тоа е кршење на уставот. Но, политичарот на АфД, Тројтлер продолжува. Тоа е уникатен настан.

Така, првиот ден од пленарната седница, по неколкучасовни расправии и прекини, заврши без резултати. Од Уставниот суд на Тирингија е побарано да одлучи како ќе постапи понатаму.

Со тоа се оствари она што АфД со години го повторуваше: неспособноста на демократскиот систем да обебзеди конструктивна работа.

Уште пред одлуката на судиите на Уставниот суд, многу правници изјавија дека Тројтлер ги надминал своите овластувања и постапил несоодветно.

На крајот од хаотичниот ден, се огласи вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Тирингија, социјалдемократот Георг Мајер. Тој уште еднаш повика да се забрани АфД. „Денешните настани во парламентот на Тирингија покажаа дека АфД агресивно го напаѓа парламентаризмот. Мислам дека се исполнети условите за постапката за забрана“, напиша политичарот на СПД на Платформата Х. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми