Хаотично се измешаа изборните „лончиња“
12 септември 2025
Се измешаа изборните „лончиња“. Ако се следат темите што ги наметнуваат голем дел кандидати за градоначалници, но и лидери на партии, кампањата повеќе наликува како за парламентарни, а не за локални избори. Евроинтеграции, подигање на стандардите во образованието, повисок стандард за пензионерите, па сѐ до одлучувачки референдум за иднината на рамноправноста.
„Се слушнавме, само не слушнавме - дали и кога ќе ни ја асфалтираат улицата! Сега ќе исправаат ‘црвени линии’ за државата, а забораваат дека и ние граѓаните имаме такви линии“, коментира граѓанин на скопска општина.
Со право ли реагираат граѓаните?
„Атмосферата повеќе наликува на кампања за парламентарни отколку на локални избори", вели аналитичарот Џелал Незири, кој се осврнува на повеќе аспекти на кампањата.
Посочува дека темите што се третираат се национални, а не локални, а како фронтмени се јавуваат лидерите наместо кандидатите за градоначалници.
„Навистина е жално што се занемаруваат локалните теми, кои се од животно значење за обичниот граѓанин, а се наметнуваат големи национални каузи кои служат само за замаглување на горката реалност која преовладува во поголемиот дел на општините. Споредете ги нашите општини со тие во регионот, почнете од Скопје со Белград, Тирана, Подгорица... Далеку сме. Споредете го Тетово, не со Приштина, туку со Гњилане или Призрен, Кочани со Благоевград. Ќе дојдеме до заклучок дека ние живееме во свет, каде политиката ни има наметнато теми кои не значат ништо за квалитетот на нашиот живот, но ние сме убедени дека се приоритетни, дури и за локални избори. Ова навистина е тешка политичка манипулација со јавноста, со цел да се заштитат тесните интереси на политичко-економските центри на моќ на сметка на јавниот интерес, на интересот на обичниот граѓанин", смета Незири.
Генерална проба
Дали замената на темите е случајна? Граѓани со кои разговораваме имаат впечаток дека локалните избори повеќе се третират како еден вид „генерална проба“ за следниот изборен циклус.
„Локалните избори им се важни за да потврдат ‘кој е кој' на политичката сцена - едни да го одбранат ланскиот резултат, други евентуално да го подобрат. И во други изборни циклуси имало слични очекувања, но овојпат имам впечаток дека тие се издигнати до максимум, и дека од нив ќе зависи дали во блиска иднина ќе има и парламентарни", вели скопјанецот Владо Петров.
И според Незири, доминацијата на национални теми и жестоката политичка реторика навестува дека партиите не мислат толку за локалните избори, колку што се борат за подобра пол-позиција за можни предвремени избори кои би се одржале на почетокот на идната година.
„Локалните избори ги гледаат како можност за да ја тестираат нивната поддршка меѓу гласачите, и зависно од истата, да одлучуваат како понатаму", оценува тој.
Докажување на легитимитетот
Особено динамично ќе биде во политичкиот кампус на Албанците, каде според Незири, локалните избори ќе служат за докажување кој има легитимитет за да ги претстави нив во централната власт, а не како да се решат конкретните проблеми. Вели дека проблемите се многубројни и базични - отсуство на паркинзи, велосипедски патеки, функционален сообраќај, вода, животна средина, инфраструктура... Но ја посочува и сеприсутната корупција која се одразува преку нелегални градби и софистицирана урбана мафија, што пак ги претвора општините, особено урбаните, во места каде тешко се живее и се функционира.
„Кампањата е прерано започната, да не речам дека не е прекината од ланските парламентарни избори. Ние живееме во постојана кампања, која секогаш не ги исклучува предвремените избори. Оваа кампања е една иста, со исти национални и глобални теми, и нема разлика помеѓу изборните циклуси, без разлика дали станува збор за локални, парламентарни или претседателски избори. За жал, партиите успеваат да симулираат реалност која им одговара за нивните агенди. Дури успеваат да ја убедат јавноста дека таа симулација е пореална од самата реалност. Но кога ќе излеземе од државата, во која било соседна земја, ќе се освестиме колку многу сме заостанувале и каде сме можеле да стигнеме ако имавме поодговорни политичари“, вели Незири.
Скопје - индикатор
Најголемото внимание, секако, е насочено кон кандидатите за градоначалници на Скопје. Причината за тоа не се само нерешените децениски проблеми со јавниот превоз, тесните сообраќајни грла, интензивната бетонзација на градот или јавните простори затрупани во смет, туку и фактот што изборниот исход станува лакмус за фаворитот на следните избори.
„Со исклучок на независните кандидати, досега не гледаме понуда и за проблемите на главниот град Скопје. Оваа единица на локалната самоуправа секогаш е индикатор кон кој идеолошки правец се движи државата и навестува кој ќе победи на следните парламентарни избори. Затоа главниот град е од најголемо значење за македонските партии“, оценува Незири.
Смета дека покрај општините во кои ќе има идеолошка трка, на овие избори ќе има и арена на судир на етнички концепти во најмалку три општини во Македонија.
„Првата и најзначајна е Кичево, која од 2013 е водена од градоначалник на ДУИ. Втората општина е Брвеница, која од 2021 е водена од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ иако етничките Албанци доминираат, исто како и во општина Чашка. Кичево мислам дека ќе биде најжешката политичка арена од причина што многу му е потребна на премиерот Мицкоски за да ја зачува и зацврсти тоталната доминација во македонскиот политички блок. Овие општини се важни поради симболиката која ја носат, која потоа може да биде основа за победнички стратегии во случај да се наметнат предвремени парламентарни избори, било како резултат на внатрешните политички динамики, или пак на надворешните процеси", вели Незири.
Кој е избраник на Чаир, а кој на „Соравија“?
Од друга страна, битката за Чаир се смета за клучна во одмерувањето на силите во албанскиот политички кампус - меѓу ВЛЕН и Националната алијанса за интеграција (АКИ). Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи деновиве во обраќање пред граѓаните, локалните избори ги спореди со – референдум!
„Ако на 13-ти август 2001 беше потпишан Охридскиот договор кој ни го врати достоинството како народ, на 19-ти октомври одлучуваме дали ќе ја укинеме целосно таа рамка или ќе продолжиме да функционираме според неа“, порача Османи.
Тој потенцираше дека овие избори се „референдум за иднината на рамноправноста, еднаквоста и јазичните права на Албанците".
„‘Референдумот’ што го споменуваат, не е ништо повеќе од обид за политички опстанок на истрошена и криминализирана структура“, порачаа од ВЛЕН.
„ВЛЕН е гаранција дека барањата на граѓаните ќе бидат исполнети, проектите ќе бидат реализирани и гласот на сите ќе биде слушнат. Затоа 19-ти октомври ќе го означи крајот на политичката измама на ДУИ/АКИ и почетокот на нова ера на развој за Албанците во секоја општина“, наведоа од коалицијата.
Кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Чаир, вицепремиерот Изет Меџити, накусо опиша што го разликува од кандидатот на ДУИ.
„Разликата е што јас ја оставам владата за Чаир, а Бујар сака да го злоупотреби Чаир за да влезе во владата. Бујар не е избраникот на Чаир, тој е избраникот на 'Соравија'“, порача Меџити.