„Хаванскиот синдром" и понатаму останува мистерија
2 март 2023Американската тајна служба не поаѓа од тоа дека „странски противник“ е одговорен за таканаречениот „Хавански синдром“ меѓу американските дипломати. Се работи за стотици случаи на оштетување на мозокот и други симптоми пријавени од американски службеници вработени во амбасади во неколку земји.
Голем број американски дипломати кои живеат во Хавана во Куба и нивните семејства уште од 2016 се жалеа на мистериозни главоболки, губење на слухот, вртоглавица и гадење. Бројот на персоналот во амбасадата потоа беше редуциран на минимум. Подоцна, слични случаи беа пријавени и од други делови на светот. Владата на САД долго време не исклучуваше дека е можно да се работи за некаков напад, но секогаш се истакнуваше дека не е познато што се крие зад тоа.
Нема докази дека се работи за насочена енергија
Во неодамна објавен извештај на тајните служби се доведуваат во прашање долгорочните сомневања на погодените дека можеби биле мета на глобална кампања на Русија или на некоја друга земја чија цел била да ги нападне Американците со некаква насочена енергија.
Наместо тоа, во извештајот се наведува дека има повеќе докази дека странски сили не се вмешани во тоа. Во некои случаи, САД утврдиле и дека меѓу противничките влади има забуна и сомнеж дека „Хаванскиот синдром“ би можел да биде и американски заговор.
Тајната служба истражила 1500 случаи ширум светот
Сè уште нема јасно објаснување за овие случаи, се вели во еден претходен извештај на „Вашингтон пост". Се работи за фрустрирачка „загатка“, го цитираше весникот еден од членовите на американската тајна служба, кој вели и дека тие се отворени за нови идеи и докази.
Истражителите испитале околу 1500 случаи во 96 земји. Кај многу од нив се пронајдени други можни објаснувања, како што се медицински заболувања, неисправни системи за климатизација и вентилација или електромагнетни бранови кои потекнуваат од безопасни уреди, како што е на пример „глушец" за компјутер. Според истражителите повеќе од дваесет случаи биле истражени подетално, но ниту еден од нив не бил поврзан со непријателски напад. Исто така, не се пронајдени докази дека некој противник на САД поседувал оружје со кое можел да ги предизвика пријавените симптоми. При тоа не се доведуваат во прашање здравствените проблеми на американските дипломати и нивните семејства, изјави директорот на ЦИА, Вилјам Брнз. Како што рече, и понатаму ќе се обраќа внимание на здравјето иблагосостојбата на вработените во ЦИА и за нив ќе се обезбедува медицинска нега.
Жртвите зборуваат за таргетиран напад
Уште минатата година независен колегиум од експерти дошол до заклучок дека некои случаи на „Хавански синдром“ можеле да бидат предизвикани од некаква таргетирана употреба на електромагнетно зрачење. Многу од засегнатите тврдат дека биле жртви на таргетиран напад. И повторно Русија се споменува како можен сторител и предизвикувач на овие заболувања. Според написот во „Вашингтон пост" актуелниот извештај речиси во целост ја побива оваа теза. Погодените дипломати повеќепати и` префрлија на американската влада дека ја девалвира нивната состојба и симптомите.