1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ праќа хеликоптери и ер трактори за гаснење на пожарите

ДТЗ
31 јули 2024

Хеликоптери од Србија и Чешка и ер трактори од Германија ќе се вклучат во гаснењето на пожарите коишто го зафатија источниот дел на Северна Македонија.

пожари
Пожарите рушат рекорди во Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Хеликоптери од Србија и Чешка и ер трактори од Германија ќе се вклучат во гаснењето на пожарите коишто го зафатија источниот дел на Северна Македонија. Центарот за управување со кризи информира дека е обезбедена меѓународна помош за гасење на пожарите со помош на ЕУ механизмот на цивилна заштита. На располагање ќе бидат ставени еден хеликоптер од Србија - Agusta Bell 212, кој веќе пристигна на скопскиот аеродром и хеликоптер од Чешка (Black Hawk) со капацитет на ведро од 3 тона, кој се очекува да пристигне вечерва. Дополнително се очекуваат да пристигнат и два ер трактори од Германија.

Апел да не се создава паника

Помошта следи по алармантните пожари коишто изминатите денови ја зафатија Источна Македонија, предизвикувајќи пустош по планините. Огнот зафати и над четириесетина куќи во Светиниколско и Дојран, а во Кумановско ја зеде и првата жртва. 

Директорот на Центарот за управување со  кризи, Стојанче Ангелов вели дека ситуацијата е тешка, но не е алармантна. „Апелирам да не се создава непотребна паника. Донесовме одлука да предложиме на Владата да се ангажира и т.н. НАТО механизам за помош. Во овој момент таква потреба нема, но може да се појави во текот на денот. Во овој момент имаме доволен број на луѓе за спротивставување на огнената стихија“, вели Ангелов.

Тешка ноќ во Пехчево

Цела ноќ траеше битката за сузбивање на огнениот појас којшто се создаде околу Пехчево, заканувајќи се дека ќе ги зафати првите куќи во градот. Пожарот којшто избувна во вторникот (30.07) над градот Пехчево е ставен под контрола, а во сузбивањето на огнената стихија се вклучија и три хеликоптери.

„Во текот на вчерашниот ден беше зафатен појас над село Негрево кој се прошири и во атарот над Пехчево каде гореше високостеблеста борова шума и се јавија големи пламени јазици  на кои немаше можност да делува човечка сила. Имавме помош во вчерашниот ден од ер-трактори“, вели во изјава за МИА градоначалникот на Пехчево, Александар Китански.

Огнениот појас се движел околу 10 километри.

Доброволци се борат со огнената стихија

Напорите за справување со огнената стихија траеја и во текот на ноќта. 

„Гори високостеблеста борова шума, пламените јазици се креваат по 30, 40, можеби и 50 метри, така што е невозможно човечка сила да делува. Хеликоптерите ќе бидат во текот на наредните часови тука и ќе помогнат во гасењето. Се надевам дека за неколку часови пожарот ќе биде локализиран. Сепак, тоа е природна непогода, се е во божји раце, се надеваме дека со помош на ер-тракторите и на хеликоптерите ќе биде ставена под контрола“, изјави Китански.

Во гасењето на пожарот вклучени се и луѓе доброволци од повеќе градови како и од месното население. Се проценува дека има над 150 луѓе кои се на терен, а помагаат и од неколку доброволни друштва. 

Се проценува дека има над 150 луѓе кои се на терен, а помагаат и од неколку доброволни друштваФотографија: Petr Stojanovski

„Мислам дека никој не остана рамнодушен на пожарот, бидејќи ние знаеме, пред три години имавме таков катастрофален пожар, можам да кажам дека и оваа година, вчера и денеска овој пожар е дури и поголем“, вели Китански.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вели дека пожарот бил искучително тежок за гаснење. Според него, зафатена е квалитетна борова шума, а запалени шишарки летаат и по 20 до 30 метри и создаваат нови жаришта.

Апел да не се користи водата за пиење

Поради алармантната состојба со пожарот во околината на Пехчево, отворен  е пункт за донирање вода и храна за пожарникарите кои учествуваат во гаснењето на пожарот. Пунктот се наоѓа во Домот на културата во Пехчево, а апелот на надлежните е сите кои што се во можност да донираат, со цел да им се пружи поддршка на учесниците во неговото гаснење.

Се апелира водата од водоводот во Пехчево да не се користи за пиење и за наводнување на градините, бидејќи се празнат резервоарите на филтерстаницата, а водата е потребна за гасење на пожарот. Граѓаните кои имаат потреба од вода за пиење може да наполнат од цистерните поставени во центарот на Пехчево.

Според ЦУК, во вторникот имаше вкупно 66 пожари на отворен простор, од кои во моментот 12 се активни, 3 се под контрола и 51 се изгаснати. Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов во повеќе наврати апелираше до граѓаните навреме да реагираат и да се заштитат. 

„Ги повикувам сите жители кои живеат во осамени села, села од разбиен тип, стари и запустени, во кои има само по неколку куќи во кои живеат луѓе, ако забележат дека кон нивната општина или село се приближува голем пожар на отворено, навремено да се евакуираат затоа што животот и здравјето секако треба да бидат на првото место“, порача Ангелов.

Дали пожарите се подметнати?

Ангелов деновиве изрази сомнеж дека дел од пожарите кои пустошат низ земјата се подметнати. Полицијата денеска информира дека е приведен жител на селото Али Коч, радовишко, поради пожари коишто во вторникот избувнале во близина на селото, при што горела дабова шума.

„По преземени мерки и активности, од страна на полициски службеници од ОВР Радовиш утврдено е дека С.Р. ги подметнал пожарите односно сторил кривично дело по член 288 „предизвикување општа опасност“ и кривично дело „предизвикување шумски пожар“ по чл.227 од КЗ. С.Р е лишен од слобода и во службен разговор признал дека ги сторил кривичните дела, по што е задржан во ОВР Радовиш, соопшти МВР.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми