1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Херсон - враќање во ослободениот град

Ихор Бурдига
25 ноември 2022

Со недели Херсон беше окупиран од руските сили. Од неодамна градот е повторно под украинска контрола. Дописникот на ДВ, Ихор Бурдига потекнува од Херсон и објаснува како го доживеал враќањето во родниот крај.

Влегување во Херсон: Во регионот и натаму има силни траги од војната и окупацијата
Влегување во Херсон: Во регионот и натаму има силни траги од војната и окупацијатаФотографија: Igor Burdyga/DW

Веќе една година не сум стапнал во Херсон. По толку долго време да се вратам дома и во мирни времиња би ми било возбуда. Но, мојот роден град е среде војна. Кон средината на ноември украинската армија се врати во Херсон, руските сили се повлекоа на другата, левата страна од реката Дњепар. Жителите оттогаш секојдневно ги прегрнуваат украинските војници, чекаат во ред за вода и хуманитарна помош. Тие учат како да се засолнуваат при артилериски напад и раскажуваат за нивниот живот за време на деветмесечната окупација. 

Враќање дома преку многу контролни пунктови 

Херсон и натаму е затворен град, пристапот е ограничен. Војската и полицијата тоа го нарекуваат „мерки за стабилизација”. Новинари и хуманитарци влегуваат и излегуваат од градот само во придружба на војската.

На патот кон соседното место Миколајив е сѐ пораздвижено. Се гледаат колони од камиони кои пренесуваат храна, бензин, агрегати за струја и хуманитарна помош. На некои места патот е уништен од бомби, обиколниците водат преку селски патишта кои благодарение на ноемвриските дождови се речиси непроодни. „Драги луѓе, каде сте тргнале, таму има само калишта", ни вели една постара жена во селце по патот и ни покажува во правец на поштенско возило заглавено во калта.

Мостот Антонивскиј во Херсон беше кренат во воздух од Русите по нивното повлекувањеФотографија: Igor Burdyga/DW

Преку Дњепар висат остатоците од познатиот мост Антонивскиј, најголемиот во Херсон. Преку него руските сили на крајот на февруари продреа во градот - и го кренаа во воздух по нивното неодамнешно повлекување. Постар графити-натпис ја слави руската „победа”, понов натпис е со псовки за руските окупатори. 

Ако само кратко време се задржите на отворено, директно станувате мета на пукање од другата страна на реката. Таму руските војници имаат заземено позиција во близина на гратчето Олешки. Украински војници од еден контролен пункт во близина нѐ сокриваат под еден мост и ни препорачуваат брзо да го продолжиме нашето патување. 

Во панцир до родното место 

Меѓу контролни пунктови жителите на Херсон се со мешани чувства - од една страна се радуваат за ослободувањето, од друга - се плашат од нова фаза во војната, овојпат како украински град во непосредна близина до фронтот.

Војниците велат дека не сите жители успеваат да го сфатат тоа. Нема функционален систем за предупредување од воздушни напади, нема ни бункери. А, сега руската армија го има Херсон на нишан од другата страна на реката. Сѐ почесто во градското подрачје се слушаат експлозии. Некогаш бомбите паѓаат врз згради од цивилната инфраструктура, некогаш врз армиски објекти, некогаш станбени згради. Има први случаи на мртви и повредени цивили.

Двајца мажи на улицата Перекопска кинат плакат на кој се слави руската анексија. Насекаде во градот Русите исполепиле такви плакати, раскажува еден од нив и додава дека „сигурно ќе имаат уште една недела работа додека ги отстранат сите”.

Градските служби отстрануваат руски пропаганден плакатФотографија: Igor Burdyga/DW

Јури Савчук внимателно дипли делови од плакатите. Тој е директор на еден музеј посветен на Украина за време на Втората светска војна. Савчук уште во првите денови по ослободувањето се вратил во Херсон за да ја документира оваа војна. „Веќе имам направено 50 интервјуа”, гордо наведува историчарот.

Подготвеноста да се разговара навистина е голема. Речиси секој ја раскажува својата приказна на отпорот. Серхиј Анатолијович, лекар во пензија, се нуди да ни покаже една „соба за измачување” на руските окупатори. Таа се наоѓа во поранешен затвор, во кој руските воени власти ги држеле противниците на режимот. На влезот има полицајци, внатре истражители документираат траги на насилство. „Наутро од таму се интонираше руската химна, затворениците беа принудувани да ја пеат”, се потсетува една продавачка од соседното дуќанче. „Навечер се слушаа страшни извици", додава таа. По ослободувањето некој на вратата напишал „Слава на Украина и на нејзините борци”. 

Знаци со предупредување за мини 

Пред своето повлекување руските војници поставиле мини во многу згради. Единици за деминирање се на терен во многу јавни објекти - дури и во градската библиотека. Таму биле сместени луѓето од руската тајна служба. Една полициска станица не можела целосно да биде деминирана и поради претпазливост била комолетно крената во воздух.

Голем број станбени објекти во Херсон се тешко оштетени, а водоснабдувањето сѐ уште не е повратеноФотографија: Igor Burdyga/DW

Други објекти од критичната инфраструктура самата руска војска ги кренала во воздух пред повлекувањето. Во Херсон нема вода, ни струја. Редици луѓе чекаат со кофи и шишиња кај неколкуте приватни бунари кои уште функционираат. Мобилните линии и интернетот се враќаат постепено. Во првите денови биле испорачани терминали на Старлинк, луѓето се собирале на јавни места каде што имало интернет хотспот. „Само 64 лица може истовремено да се прикачат на интернет мрежата", пишува на знак во Паркот на славата.

Русите го кренале во воздух и предавателот во Херсон. Тој беше првиот окупиран објект со цел да се направи прекин во емитувањето украинска телевизија. Владимир, повозрасен човек во војничка јакна, сега држи стража кај предавателот. Тој има проблеми со колената, но во ниој случај не сака да оди в болница. Прашува: „Кој ли ќе пази на сето ова ако јас не сум тука? Овде има вредна опрема, метали. Не сакам некој да ги украде".

Владимир раскажува дека пред руската окупација се пријавил во едно предградие на Херсон како доброволец на територијалната одбрана. Потоа ги информирал украинските власти за руско движење до стратешки битен аеродром во близината. „Се молев на едни гробишта и се преправав дека тагувам по жена ми“, вели тој. „Забележав сѐ и потоа точно им пренесов на нашите украински служби. Велев дека во една продавница има два вентилатора и пет конзерви месо. Тоа ни беше тајниот код за хеликоптери и транспортни возила за војници.“

„Одете си од нашиот град“

00:55

This browser does not support the video element.

Се чека ред за сѐ 

Снабдувањето во Херсон и натаму е проблематично. Жителите го минуваат времето чекајќи во ред за вода, за интернет или украински СИМ-картички. На првиот ден од ослободувањето се славеше на Плоштадот на слободата. Сѐ уште секојдневно има концерти, но повеќето луѓе порадо чекаат во ред за бесплатни хигиенски артикли, храна, топла облека и лекови. Во продавниците и натаму се наоѓаат руски производи, пред сѐ пијалоци или цигари, но и тие се проретчуваат. Од октомври, велат продавачите, немало нови достави.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми