1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Хибридна војна: Германија се спрема за руски операции

Јанош Делкер
28 март 2024

Германската министерка за внатрешни работи предупреди на нови напори на Москва да влијае на јавното мислење. Што е „хибридно војување“ и како да му се застане на патот?

Кремљ и Министерството за надворешни работи во Москва, Русија
Заканата на Русија со користење на сајбер напади, пропаганда и други тактики да влијае на јавното мислење во Германија е реална и расте, смета министерката на внатрешни работиФотографија: Bulkin Sergey/globallookpress/Imago

Заканата на Русија со користење на сајбер напади, пропаганда и други тактики да влијае на јавното мислење во Германија е реална и расте, смета германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер.

„Опасностите достигнаа ново ниво“, изјави Ненси Фезер за весникот „Зиддојче цајтунг“.

Нејзиното предупредување доаѓа во време кога Германија се подготвува за изборите за Европскиот парламент во јуни и изборите во три германски сојузни покраини во септември. Постои зголемена загриженост дека Москва пред гласањето ќе се обиде да добие поддршка за проруските партии, како што е крајно  десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД).  Германија долго време е мета на операции на руско влијание. Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, многу од овие операции беа насочени кон поткопување на поддршката за Украина.

Ридигер фон Фрич, поранешен германски амбасадор во Москва Фотографија: DW

„Сега се работи за покажување решителност и соочување со ова и разоткривање на начините како функционира другата страна“, изјави Ридигер фон Фрич, поранешен германски амбасадор во Москва и поранешен потпретседател на БНД, германската разузнавачка служба за странство.

Што е хибридна војна?

Терминот „хибридно војување“ опишува сложена стратегија која комбинира воени алатки со неконвенционални методи, кои се движат од зголемен економски притисок до ширење пропаганда.

Тоа не е нова појава. Со векови, земјите користеле невоени средства за да влијаат на јавното мислење во странство.

Но, во текот на последните две децении, подемот на интернетот и социјалните мрежи им даде сосема нов арсенал на онлајн оружје: во операциите познати како „пробивање и протекување“, хакерите добиваат пристап до чувствителни или доверливи информации, за потоа стратешки да ги објават во јавноста. Сајбер нападите може да се користат и за да се урне критичната инфраструктура на земјата, вклучувајќи ги машините и софтверот што се користат на изборите. Во исто време, платформите на социјалните медиуми се користат за ширење на фабрикувани или погрешни информации.

„Дигиталниот свет е остварување на сонот за разузнавачките служби“, изјави Фон Фрич за ДВ.

Како функционира тоа?

Хибридната војна често се опишува како форма на „војна во сенка“ која се одвива надвор од очите на јавноста и никогаш не е официјално објавена.

„Концептот на хибридно војување е дека на почетокот не забележувате дека се случува“, истакнува за ДВ Лесли Шибел, експертка за Русија во фондацијата „Кербер“ од Хамбург.

Во јануари, германската влада соопшти дека открила координирана руска кампања за дезинформации на платформа Х, поранешен Твитер. Пред да биде згасната, кампањата дистрибуирала повеќе од милион пораки преку лажни профили, форсирајќи лажни или погрешни приказни, како на пример дека помошта за разурнатата од војна Украина ги занемарува локалните граѓани.

Лесли Шибел: За Русија, ширењето сомнеж е веќе успехФотографија: DW

Со ширење на такви пораки на голем број онлајн платформи, Русија сака да ја максимизира својата видливост и да го поттикне чувството на легитимност. Целта, велат експертите, е да се прошират општествените поделби, да се поттикне гневот и да се сее недоверба во демократските процеси и медиумите.

„За Русија, ширењето сомнеж е веќе успех“, вели Шибел.

Ефекти од истекувањето на информации за Таурус

Додека повеќето форми на хибридна војна остануваат во сенка,  некои операции намерно се објавуваат јавно.

Шефицата на руската државна телевизија РТ на почетокот на март објави доверлив разговор меѓу високи германски воени претставници.  Аферата позната како „протекување за Таурус“ ја посрамоти германската војска и предизвика дипломатски метеж.

„Но, оваа афера му служи на Путин и дома“, вели Марија Саникова-Франк, која ја води програмата за Русија во берлинскиот тинк-тенк Центар на либерална модерна.

Во  прислушуваниот разговор меѓу германските офицери  можеше да се слушне како официјални лица разговараат за можни сценарија за руската војна во Украина. По објавувањето на разговорот, руските медиуми тврдеа дека снимката открива дека германската војска разговарала за значајни и конкретни планови за напад на руска територија.

Сликата што тој (Путин) сака да ја создаде  е дека Германија и Западот ѝ се закануваат на Русија, а тој успешно го откри тоа“, вели Саникова-Франк за ДВ. „Тоа, исто така, успешно го одвлече вниманието од смртта и погребот на Алексеј Навални“, вели Саникова-Франк.

Марија Саникова-Франк: Аферата Таурус му служи на Путин и дома и во странствоФотографија: DW

Навални, кој беше еден од најотворените противници на Путин во Русија, почина во средината на февруари, на 47-годишна возраст, во казнена колонија на Арктикот. Тој беше погребан на 1 март, истиот ден кога беше објавен прислушуваниот разговор на германските офицери.

Како да се возврати

Спротивставувањето на  хибридната војна  бара повеќеслоен пристап, се согласуваат експертите.

Земјите мора да се осигураат дека нивната критична инфраструктура, вклучително и технологијата за гласање, е соодветно заштитена од  сајбер напади.

Протекувањето на информации за ракетите Таурус - во кое руски разузнавачи добиле пристап до воените комуникации бидејќи еден од учесниците во разговорот се поврзал преку необезбедена врска - исто така ја нагласува потребата за подигање на свеста за сајбер безбедноста во сите сектори на општеството.

Експертите ја нагласуваат важноста од едукација на граѓаните за тактиките на дезинформирање и за тоа дека сите информации до кои ќе дојдат на интернет може да бидат намерно осмислени за да ги доведат во заблуда и да манипулираат со нив.

„Важно е да се откријат механизмите на оваа пропаганда – како таа функционира, како влијае на нас, како влијае на мислењето“, вели Саникова-Франк.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми