1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаХоландија

Формирањето влада на Герт Вилдерс започнува со фијаско

ЖА
27 ноември 2023

Гом ван Стриен, надгледувач на преговорите за владина коалиција, поднесе оставка по обвинувањата за измама. А преферираниот коалициски партнер на Вилдерс, партијата ВВД, која сè уште е во владата, е претпазлива.

Герт Вилдерс Холандија
Партијата на десничарскиот популист Герт Вилдерс со неуспешен старт за формирање владаФотографија: Piroschka van de Wouw/REUTERS

Преговорите за формирање влада по изборната победа на десничарскиот популист Герт Вилдерс во Холандија заглавија непосредно пред почетокот. Гом ван Стриен, посредникот назначен од Вилдерс да ги води разговорите, ја објави својата оставка откако медиумите објавија наводи за измама во неговата поранешна компанија. „Немирите“ околу извештаите и времето потребно да се одговори на нив соодветно „не се вклопуваат во мојата работа“ како надгледувач, изјави Гом ван Стриен. 

Затоа, истакна сенаторот од Партијата за слобода на Вилдерс (ПВВ), тој ги известил Вилдерс и претседателот на Парламентот за неговата оставка. Ван Стриен требаше формално да започне разговори за формирање коалиција и да се сретне со партиските лидери.  ПВВ освои 37 од 150 места  на  парламентарните избори  одржани минатата среда.

Гом ван Стриен, посредникот назначен од Вилдерс да ги води сондирањата за влада, поднесе оставкаФотографија: ROBIN UTRECHT/picture alliance

Формирањето влада инаку е традиционално тешко во Холандија поради високо фрагментираниот политички систем. Четири или повеќе партии често се потребни за формирање на владин кабинет. Затоа, по изборите, традиционално се ангажира лице кое ја сондира можноста за формирање владина коалиција, негова задача е  да разговара со сите парламентарни партии и дури потоа почнуваат суштински преговори меѓу нив.

И онака нелесната задача стана уште покомплицирана за Вилдерс, откако лидерката на долгогодишната граѓанско-конзервативна владејачка партија ВВД, Дилан Јесилгоз, посочи дека не сака да се приклучи на владата. Таа во петокот објави дека само ќе „поддржи“ сојуз на десниот центар. Тоа значи дека нејзината партија ќе одлучи од случај до случај дали ќе гласа со малцинска влада предводена од Вилдерс. ВВД на сеуште  актуелниот премиер Марк Руте  претрпе значителни загуби на изборите.

Победата на Вилдерс,  кој ги опиша поранешниот американски претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан како идоли, е еднаква на  политички земјотрес за Холандија.  За време на предизборната кампања тој најави дека ќе ја запре секоја имиграција, ќе ги намали холандските плаќања кон Европската унија и ќе спречи пристапување на нови членки како Украина. Вилдерс исто така е против понатамошна испорака на оружје за Киев. Тој паушално го отфрла исламот и жестоко полемизира со муслиманите и имигрантите.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми