1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јасен сигнал за Сталиновиот наследник во Кремљ

DW I Kommentarbild  Eugen Theise
Еуген Тајзе
2 декември 2022

Изгладнувањето кое одведе во смрт милиони Украинци, а беше свесно предизвикано од Сталин, одамна требаше да биде наречено геноцид. Особено што паралелите со актуелните случувања се очигледни, коментира Еуген Тајзе.

Смрт од глад во Украина - последица од одлуката на СталинФотографија: picture-alliance/dpa/ITAR-TASS/V. Sindeyev

 „Трагедија“, „голема глад“ или „геноцид“: кога се работи за изгладнување на меѓу четири до седум милиони луѓе во Украина пред 90 години, изборот на зборови не е само научно или политичко, туку пред се` длабоко идеолошко прашање. Кога Москва зборува исклучиво за „глад“ или „трагедија“, таа го минимизира страшното злосторство како колатерална штета на Сталиновата колективизација на земјоделството. Ова е повеќе од само еуфемизам. Тоа е злосторничка лага која Кремљ упорно ја застапува на меѓународната сцена.

Последен пат Москва беше успешна во тоа кога во 2003 година, кога поимот „трагедија“ влезе во работен документ на Обединетите нации по повод 70 годишнината од масовното убиство со глад. Од тогаш Киев вложи големи напори за  споменот за жртвите на гладоморството или Холодоморот -  како што на украински се нарекува ова масовно убиство – да не биде омаловажуван со различни еуфемизми. Овие луѓе не умреле поради суша или поради нечија политичка грешка. Тие мораа да умрат бидејќи беа украински слободољубиви селани на кои Кремљ не им веруваше.  

Гладот како оружје на тиранинот

Изгладнувајќи ги тие милиони луѓе кои ги прати во смрт, диктаторот Сталин имаше две цели: да го уништи украинскиот идентитет, чија срж беа селаните во „европската житница“ и истовремено со извозот од конфискуваното жито да дојде до девизи потребни за индустријализација. Додека украинското население на село умираше од глад, во градовите беа градени фабрики. Од сите краеви на Советскиот Сојуз беа носени работници во новите индустриски капацитети – идните пролетери, „новите советски луѓе“ без национален идентитет.

Веќе пред 70 години правникот Рафаел Лемкин ова злосторство го нарече геноцид. Човекот што го преживеал Холокаустот, го истражуваше масовното убиство на Евреите во Европа. Токму Лемкин во меѓународното право го формулираше терминот „геноцид“ како масовно убиство на луѓе од одредена националност, етничка или расна припадност. Лемкин,  Холодоморот го нарече геноцид  пред сè поради тоа што масовното убиство на украинските селани со изгладнување беше врв на истребување на Украинците во Советското царство, а не негов почеток. Пред тоа беше масовното стрелање на украинските интелектуалци – писатели, научници, учители.

Времето за изговори заврши

Но, политичарите во Берлин, со децении одбиваа да го користат зборот геноцид за ова злосторство. Во 2018 година, Германија се приклучи на декларацијата на ОН која зборуваше за „вештачка глад“. Оправдувањето беше од чисто формалистичка природа: не се сакаше да се усвои терминот геноцид за настаните од 1930-тите, бидејќи тоа меѓународно – правно е утврдено дури во 1951 година. Сегашната резолуција на Бундестагот го демаскира овој став како евтин изговор. Пријателството со Украина, кое во никој случај не треба да ја вознемирува Русија, беше мантра на германската политика со децении. Дури на 24 февруари 2022 година, кога големата руска агресорска војна ја потресе Европа, Берлин започна да си го преиспитува ставот. Најпрво германските медиуми мораа да известуваат за  воените злосторства  и  злосторства извршени од руски војници во Украина,  а потоа „непознати сторители“ мораа да го минираат гасоводот „Северен тек“ пред „вештачкиот глад“ конечно да биде прогласен за геноцид.

Еуген ТајзеФотографија: Privat

Со тоа Германија во соочувањето со сталинистичките злосторства конечно стаса до таму каде малата Естонија беше веќе во 1993 година.

Германците како ниту една друга нација знаат колку е важно сеќавањето на жртвите на масовни убиства и да се именуваат сторителите на тие злосторства. Одлуката на Бундестагот го прави Холодоморот дел од европската култура на сеќавање. Таа култура е носечки столб на кодексот на вредности на целиот континент. Тоа е важен знак за солидарноста и почитта кон  украинскиот народ, кој е повторно соочен со московскиот терор.   Денес Кремљ ги убива Украинците со ракети  и ги доведува во животна опасност така што на почетокот на зимата им го уништува снабдувањето со струја и топлинска енергија. Тоа се случува поради истите причини поради кои Москва пред 90 години ги убивала Украинците со глад.

Сигнал за владетелот во Кремљ 

Оквалификувањето како геноцид е важен сигнал и за  Владимир Путин.  Еден ден историчари, политичари и можеби судии ќе ја оценуваат неговата злосторничка војна против Украина. Бундестагот сега бара од сојузната германска влада да дејствува против лажниот наратив на Русија и понатаму да ја поддржува Украина. Паралелите меѓу Холодоморот, неговото негирање од страна на Русија и сегашните воени злосторства во декларацијата на Бундестагот се подеднакво важни како и квалификацијата за геноцид. Потсетувањето на злосторството е посочување каква сличност има Путин со Сталин - за двајцата човечките животи не вредат ништо. 

Просветлувањето околу Холодоморот истовремено е и нужниот одговор за оние во Германија кои поради рекордната инфлација и експлодирачките цени за гас, сѐ погласно бараат мировни преговори меѓу Киев и Москва. Како за Кремљ да е само во прашање геополитика или наводно претстојно членство на Украина во НАТО, а не за повторен  обид да се избрише украинската нација.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми