1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холокаустот на Македонците

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
28 февруари 2023

На ден по потпишувањето на Преспанскиот договор секоја година ќе правиме комеморација на нашето исчезнување од планетата Земја. Во тој случај според академик Коцарев ние ќе бидеме живи мртовци. Пишува Ерол Ризаов.

Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Од гасната лабораторија на претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев излезе најновото откритие за Холокаустот на Македонците. По договорите со Грција и со Бугарија, во догледна иднина, Македонците ќе исчезнат. Повеќе нема да постојат на меѓународната сцена, категоричен е научникот Коцарев. 

За да се спречи оваа трагедија со исчезнувањето на македонскиот народ, тој понуди спасоносно решение во својот годишен, четврти по ред историски говор во МАНУ. 

Еве како Коцарев ја поставува смртната дијагноза и веднаш го нуди лекот за спасување на  Македонија: „бидејќи договорите со Грција и со Бугарија се важечки за меѓународната заедница, а ќе бидат важечки и решенијата вградени во нашиот правен систем, што ќе го отсликуваат суштинскиот карактер на билатералните протоколи со Бугарија, за сите други, освен за нас самите, ние ќе бидеме народ без македонски идентитет, без македонска историја и ќе зборуваме на бугарски дијалект, кој, по 1945 година, се именува како македонски јазик. 
Договорите со Грција и со Бугарија, за Македонците значат дека македонскиот народ „нема свое место во светот, место што другите го признаваат и го гарантираат" и дека македонскиот народ не припаѓа во семејството на сите народи... за потврдување на идентитетот на македонскиот народ, Македонците во целост зависат од другите држави, поточно, од меѓународната заедница. Би сакал уште еднаш да потсетам, за што сум говорел многупати, дека до 16 јуни 2018 година за повеќе од 130 држави и за речиси 80 проценти од жителите на планетата Земја ние бевме Македонци што живеат во Република Македонија, а веќе на 17 јуни 2018 г. – само еден ден подоцна, македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена. Затоа, повикувам: одговорните за овој грозоморен чин јавно да им се извинат на Македонците, договорите со Грција и со Бугарија, коишто претставуваат културен геноцид на Македонците, во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со синтагмата „македонски холокауст“
надлежните институции во Македонија да предложат ден за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст." 

Тоа го можат само Господ и Коцарев 

Навистина многу трогателно и застрашувачки. Не знам зошто Коцарев ги повикува надлежните институции кои го извршија предавството и учествуваа во овој грозоморен чин да го предложат денот за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст, кога веќе самиот го соопштува датумот кога македонскиот народ целосно исчезнал од меѓународната сцена, а тоа е 17 јуни еден ден по потпишувањето на Преспанскиот договор. Значи на тој ден секоја година ќе правиме комеморација на нашето исчезнување од планетата Земја. Во тој случај, според академик Коцарев, ние ќе бидеме живи мртовци. Значи ќе постоиме само во Македонија изолирани и осамени, а на светската мапа ќе не нема. 

Тешко е да се објасни ова разумно за простосмртните луѓе, но кога го кажува еден научник пред еден таков импозантен состав каков што е храмот на бесмртните и каде сите оправдано присутни и неоправдано отсутни академици мудро молчат бидејќи ги знаат високите геостратегиски, идентитетски и научни дострели на својот претседател, тогаш, треба беспоговорно да му се верува на академик Коцарев кој за исчезнувањето на македонскиот народ на меѓународната сцена веднаш понуди и решение за негово воскреснување и враќање на голема врата на меѓународната сцена како просперитетна члнка на ЕУ. Тоа може да му успее само на Господ и на академик Коцарев. 

Спасот е во 120 гласа против уставни промени 

Еве го и спасоносното решение на Коцарев за воскреснувањето на исчезнатиот народ: „Одбележувањето на македонскиот холокауст, за Македонците ќе значи не само здобивање меѓународно признание и почит од сите други народи туку и запирање, еднаш и засекогаш, на македонскиот порив за самоуништување. Македонија треба да чекори по европскиот пат – тој е единствениот пат кој нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата, но на тој пат, Македонците треба да чекорат единствено како горди и достоинствени Македонци. За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам сите 120 пратеници во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени – тоа ќе биде мал чекор за нив, но огромен за Македонија. 

Треба сите 120 пратеници едногласно да кажат НЕ за уставни промени, вели академик КоцаревФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ако сега кажеме НЕ, колку и да се чини на прв поглед парадоксално и противречно, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ, и да додадам, да опстои и да не се распадне. Во спротивно, ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нови, нестварни и небулозни барања, што ќе повлече соочување со уште поголеми искушенија. Промената на уставот е првото, пробно, дури, можеби, и не толку застрашувачко барање – другите, посурови и позастрашувачки барања ќе дојдат подоцна, по започнување на пристапните преговори." 

Вчудоневидувачки како на никој не му текнало колку била едноставна работата што само го потврдува непишаното правило дека сите генијални решенија се во суштина многу едноставни. Треба сите 120 пратеници едногласно да кажат НЕ за уставни промени, Бугарите не можат да влезат во Уставот и готово работата е завршена. Тоа би било огромен чекор напред, Македонија да опстои и да не се распадне.

И пазете сега каков пресврт кај академик Коцарев. Наеднаш, Европската Унија станува многу значајна па, вели тој е „единствениот пат кој нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата„ за да по неколку минути од својот говор се праша, а што ако Европа не се прошири. Мудро, многу мудро прашање. А, што ако избие третата светска војна би било уште помудро прашање. 

Пишувачите на говори би требало да имаат обзири

Соработниците од лабораторијата на академик Коцарев би требало да имаат поголеми обзири кон овој добродушен научник кога ги подготвуваат неговите говори бидејќи сепак конзистентноста на ставовите е многу значајна.

На пример, само пред три месеци во неговиот говор беа изнесени прогнозите дека мала е веројатноста Македонија во наредните 30 години да стане членка на ЕУ. Што беше прилично оптимистичка прогноза бидејќи пак пред шест месеци академик Коцарев предвидуваше еден друг датум кога се што е македонско според гравитационите сили на поништување на идентитетските посебности, Македонија и Македонците ќе ги снема до 2084 година. Или како што открива во форма на пародија дека Орвел кога пишувал за последниот човек на Европа мислел на последниот Македонец, но само сто години подоцна. И да е пародија сервирана од приредувачи на говори, кога ќе се искаже од еден научник претседател на МАНУ, премногу е.

Особено ако академиците молкум климаат со главите  за вакви претсказанија кои немаат допирни точки со науката, а приредувачите фаќаат белешки од својот текст. 

Би било добро претскажувачите на холокаустот и на исчезнувањето на македонскиот народ да и приопштат на јавноста, се разбира, може и преку академик Коцарев, што ќе се случува со Македонија ако Србија и Косово најдат решение за меѓусебните односи, ако Албанија продолжи со побрзо темпо во преговорите со ЕУ, а Македонија остане достоинствена и изолирана, осамена и многу достоинствена со 120 гласа против, како што вели Коцарев. Дали тоа ќе обезбеди почит од сите народи во светот и побрзо членство во ЕУ, или оставрување на апокалитичните прогнози на Коцарев и неговите соработници баш затоа што немало не 120 туку 80 гласови за влез на Бугарите во македонскиот устав. 

Бугарија не сака да ја види Македонија во ЕУ

Сите знаеме дека со промените на уставот нема да завршат маките и дека тоа всушност означува почеток на најтешката етапа која може да потрае повеќе години, обично од пет до осум години,  ако се оди по некаков искуствен ред како со поголемиот број нови членки на ЕУ. Ниедна работа не била завршена ако не била почната.

Во суштина тоа што треба да се заврши во претпристаните преговори со ЕУ е поважно од самото членство. Преговорите го опфаќаат  тоа што го бараат граѓаните и што го ветуваат политичките партии, Македонија да биде пристојно место за живеење, што не успеаја нашите политички, интелектуални и деловни елити да го остварат во изминатите 32 години на самостојност, затоа што во целиот овој период поважно беше минатото од сегашноста и  иднината, затоа што беше поважно богатењето на сметка на граѓаните, отколку владењето на правото, поприфатлив беше режимот од демократијата, поважна лагата од вистината.

За жал и сега е така кога почнаа некои процеси кои навестуваат дека е можно со сите тешкотии и пречки да се оди напред. Доказ за тоа се членството во НАТО и условениот почеток на преговорите со ЕУ. Треба да се разгледа од еден друг агол прогнозата на академик Коцарев. Дали 120 гласа во Собранието со НЕ за уставните промени се излезот или 120 гласа ЗА. Бидејќи тој резултат со 120 гласа било за ДА било за НЕ никогаш нема да се случи, можеби најточната проценка е дека е само прашање на скапоцено изгубено време која влада ќе ги направи уставните промени. Дали актуелната, што отворено се определува за уставни промени и продолжување на преговорите со ЕУ, па потоа избори, или таа што вели прво избори, па потоа ќе видиме. Е, тоа ќе видиме преведено на разбирлив јазик значи уставни промени, се разбира ако победиме на изборите и ако обезбедиме 80 гласа ЗА. Ваквата пат позиција може да испадне потешка од бугарските блокади.  

                                                            

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми