1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалРоманија

„Хорор домови“ во Романија – нова национална срамота

Кристијан Стефанеску
17 јули 2023

Во близина на Букурешт, луѓе на кои им е потребна помош биле држени буквално заклучени во импровизирани домови. Новинари го открија тој скандал и во тек е истрага за случајот.

 Дом за стари и лица со ментален хендикеп во Волунтари, Букурешт
Романија - мизерни услови во дом за стари и лица со ментален хендикеп во Волунтари, БукурештФотографија: Centrul de Investigații Media

Триесет и три години откако откритијата за ужасните услови во сиропиталиштата во комунистичка Романија, во кои најмалку една петтина од 100.000 деца умреле поради злоставувања, го шокираа светот, домовите за нега во Романија повторно се на насловните страници, но овојпат жртви се постари лица и лица со ментален хендикеп.

Пред околу една година истражувачки новинари откриле деловен модел преку кој се богателе вклучени во мрежа на искористување на неволјата во која западнале постари и болни луѓе. Моделот кој го разоткриле новинари на романскиот онлајн портал Centrul de Investigatii Media и Buletin de Bucuresti, на прв поглед е многу едноставен: приватно претпријатие добива големи суми јавни пари за згрижување на постари и лица на кои им е потребна нега. Но, од тие пари не профитираат жителите на домовите, туку тие завршуваат во џебовите на сопствениците на домовите. Долго време немаше реакција на извештаите, сѐ додека Државното обвинителство минатата недела не ги потврди приговорите.

Според официјалната формулација со која се опишува сомнението на сметка на сопствениците на тие домови, може да се стекне впечаток дека станувало збор буквално за логори за уништување на луѓе: се споменува недоволна исхрана која резултирала со смрт на станарите, нивно искористување со присилна работа, злоставувања, примена на насилство, недостиг од лекови, неисхранетост која доведувала до смрт од глад на некои луѓе. Луѓето од соседството веќе дале искази во државните институции, тие сведочеле дека жртвите среде зима стоеле валкани и голи покрај оградата од домот и молеле за пари или храна. Еден сосед раскажал дека луѓе сместени во подрум на една зграда копале тунел за да побегнат од тој пекол.

Од актите на Државното обвинителство задолжено за борба против организиран криминал и тероризам (ДИИКОТ) освен тоа произлегува дека биле конфискувани пензиите на станарите на домот, односно сопственоста над нивните имоти била пренeсувана на раководителите на домовите. Повеќе од сто лица биле спасени од три домови, тие се префрлени на медицинска нега во здравствени установи. 

„Домови на хоророт“ - недостојни услови во домови за грижа на стари лица во Волунтари, РоманијаФотографија: Centrul de Investigații Media

Политичка заштита?

Вакви откритија за ситуацијата во домовите не се нови за Романија, вели Овидиу Вангхеле, еден од новинарите кој со колешката Бјанка Албу ја отворил последната серија на откритија. Уште пред десет години тој открил еден друг илегален центар за згрижување на луѓе со душевни пореметувања, вели Вангхеле за Дојче веле: „Грижата за тие луѓе е прилично комплицирана, државата за нив издвојува многу големи суми пари.“ Но, парите, напоменува новинарот, не доаѓаат до оние на кои им се наменети. 

Механизмите преку кои е регулиран системот за социјална помош во Романија се всушност прилично солидни, тука се споменуваат децентрализација, државна грижа и нега во заедница, а не некаде во некоја пустелија, како што порано се практикувало. Но, сето тоа било злоупотребувано, што на крај довело до „безумен приватизациски бум“, вели истражувачкиот новинар. Така никнале бројни претпријатија фокусирани на остварување профит, фирми кои само на хартија нуделе социјални услуги, додава тој. Најголем дел од тие пари никогаш не стигнал до штитениците на домовите, туку завршувал кај сопствениците на тие установи, вели Вангхеле.

Лицата против кои Државното обвинителств покрена истрага директно се поврзани со политичари од владејачката (номинално) социјалдемократска партија ПСД. Таа мрежа, како што велат новинарите, требало да ги „сочува“ сопствениците на домови од контрола и истрага. Се тврди дека во скандалот се вклучени роднини и бивши вработени на министерката за семејство, Габриела Фиреа. Фиреа е прва потпретседателка на ПСД и бивша градоначалничка на Букурешт. Освен тоа, таа е сопруга на Флорентин Панделеа, долгогодишен градоначалник на Волунтари, едно букурешко предградие во кое се наоѓале наводните домови. Шефицата на надзорната служба за тие „социјални“ установи во Волунтари е сестра на министерката за семејство. Таа, како што тврди, не знаела ништо за она што се случувало во тие домови, исто како и Панделе.

Стиснати во тесен простор - лица за чие згрижување парите завршувале во џебот на сопственици на „домови“ во Волунтари, РоманијаФотографија: Centrul de Investigații Media

Влијанието на неколку политички актери резултирало со своевидна парализа на институциите, тврди новинарот Овидиу Вангхеле, според кого тие морало да забележат дека нешто не е во ред. „Судејќи по документите кои ги анализиравме, имало десетици инспекции, по кои формално биле одредени и некакви казни. Сопствениците на домовите се оправдувале со разни документи, имало фиктивни договори за лекарски прегледи или договори за снабдување со храна. Кога во Романија ќе се дознае дека шефот на некоја институција е лице од доверба на градоначалникот, тогаш контролните инстанци него не го чепкаат. Настанува некој вид самоцензура. Тоа се ‘наши луѓе', а тие не се малтретираат“, нагласува Вангхеле.

Недоволно храна, злоставувања - штитеничка во „дом“ во Волунтари РоманијаФотографија: Centrul de Investigații Media

„Национален срам“

Романскиот премиер и шеф на ПСД, Марсел Чолаку, во време кога беа објавени првите новинарски истражувања, беше претседател на Долниот дом на романскиот парламент. Тој тврди дека за целиот скандал дознал дури откако Државното обвинителство покренало истрага. На прашање од Дојче веле, надлежните романски институции за следење на медиумите потврдија дека оваа тема од првите откритија била присутна во сите дневни извештаи кои ги примале надлежните државни институции, односно најважните политички актери во земјата.

Романскиот премиер Марсел Чолаку и покрај скандалот има довеба во министерката за семејствоФотографија: Yonhap/picture alliance

Чолаку во меѓувреме наредил давање отказ на неколку раководители на институции кои дејствуваат во областа на социјалната заштита – поради немарност во вршењето на должноста. Надлежниот министер и партиски колега од ПСД, министерот за труд Мариус Будаи, под притисок на јавноста, даде оставка, но веќе споменатата министерка Габриела Фиреа и натаму ја ужива довербата на премиерот. Двајцата министри тврдат дека ништо не знаеле околу забелешките за работата на „домовите“ и дека зад тие откритија всушност се крие кампања на лево-либералната опозиција. „Смешно е да се тврди дека ништо не знаеле. Јас со помош на документи и факти докажав дека биле информирани за сѐ“, вели Вангхеле.

За аферата, на маргините на самитот на НАТО во Вилнус, на кој учествуваше, се произнесе и романскиот претседател Клаус Јоханис: „Тие ‘домови на хоророт' како што се нарекуваат, се национална срамота“. Претседателот бара казни за сите вклучени: „Се надевам дека оние кои се во состојба да донесат политички мерки, ќе имаат храброст тоа и да го направат“, рече Јоханис. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми