1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеСрбија

Хорор породувања во Србија: „Тоа едноставно така се прави“

Сања Клајиќ
21 октомври 2025

Бричење, окситоцин, скокање на стомак и вадење на бебето со вакуум... тоа ги чека родилките во Србија. Гинеколозите работат како на лента. ДВ-истражување открива колапс на здравствениот систем, а цехот го плаќаат жените.

Хируршки инструменти во сала за операции
СЗО не препорачува туку така да се применуваат инвазивни практики за време на породувањето Фотографија: picture-alliance/D. Karmann

„Велат дека кога одиш во Бетанија, се збогуваш со своето достоинство. Дали е тоа нормално?“, го раскажува една жена своето искуство во породилиштето во Нови Сад.

Друга мајка од Србија вели: „Во моето село повеќе се грижат за кравите отколку што лекарите се грижеа за мене“.

„Никогаш никому не му ја покажав мојата прва слика со бебето, бидејќи на таа слика изгледам како полужив човек. Во мојот крај би рекле - како да сум му избегала на гробарот од лопатата“, го сумира трета своето искуство.

Бричење, клистирање и доза окситоцин за засилување на контракциите - тоа е редоследот што главно ги чека жените штом го поминат прагот на породилиштето во Србија. Светската здравствена организација не препорачува такви постапки, освен ако не постои јасна медицинска причина или категорично барање од страна на жената.

ДВ во изминатите месеци разговараше со повеќе од дваесет жени. Нивните приказни - кои се многу слични - зборуваат за нехуман третман и рутинска примена на застарени и инвазивни постапки кои го забрзуваат породувањето, но ја зголемуваат и болката и ризикот по здравјето.

„Само ми ја заби раката“

„Тоа беше толку интензивно и агресивно“, се потсетува Стефани Ш. од Нови Сад на моментот откако ја примила првата стимулација со окситоцин. „Да, навистина се отворив многу брзо, но контракции немав, бидејќи присилно ме отворија. Потоа доаѓаа да ме прегледуваат, еден по еден, и на крајот еден доктор ми го дупна воденикот. Но, ништо не ми кажа, дури не ме ни предупреди. Само ми ја заби раката“, раскажува Стефани.

Окситоцинот во породилиштата се користи за зголемување на контракциите или за воопшто да почне породувањето. Но, тој може толку многу да ја зголеми силата и фреквенцијата на контракциите што болката станува речиси неподнослива, без доволно паузи за жената да се одмори или да се подготви за следниот бран. Без окситоцин, породувањето може да потрае подолго, но болките вообичаено се поподносливи, бидејќи контракциите напредуваат во природен ритам со паузи за одмор, повеќе движење и помала веројатност за дополнителни интервенции.

Луѓето го напуштаат породилното одделение со бебе и честопати - со траумаФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online

„Изнасилија породување кое не беше ни започнало“, вели Наташа С. од Рума. И таа примила окситоцин, но бидејќи породувањето бавно напредувало, лекарите го примениле Кристелеровиот зафат, што е официјалното име за налегнување на стомак. Потоа и вакуумско вадење на бебето.

„Докторката почна да ми скока на стомакот, обидувајќи се да го спушти бебето. Потоа имав модринки под градите. Таа ми викаше да се 'напнам', јас напамет се напнувам, капиларите во очите ми пукнаа од погрешното напнување. И потоа го слушам докторот како вели да му донесат вакуум“, се сеќава Наташа. Од извлекувањето на бебето со вакуум, главата на бебето отекла, а Наташа во следните денови стравувала и од посериозни компликации како крварење во мозокот и церебрална парализа.

Без емпатија, без објаснување

Нашите соговорнички наведуваат и погрешни зборови, игнорирање, омаловажување, потсмев и навреди. „Толкава количина на бесчувствителност никогаш не сум доживеала“, вели Наташа. „Толку сме беспомошни во тие моменти - бремени, пред породување, те кинат контракции, не можеш ништо да направиш, буквално си препуштен на нив, а од нив доживуваш некое однесување... Не би рекла ни како спрема животно“, вели таа.

„Во еден момент реков: 'Ве молам, кажете ми што се случува, ќе ми биде полесно'“, раскажува Стефани, а тие ѝ се смееле во стилот „што зборува оваа, нема да ти биде полесно“. Стефани вели: „Човекот што ме породи воопшто не комуницираше со мене. Беше нервозен затоа што го разбудија во ноќна смена.“

Наташа се сеќава и како персоналот се препукувал над нејзиното тело. „Барам гликоза за останам на нозе, а бабицата вели: 'Тоа се тие разгалени трудници'. Докторката влегува и не разговара со бабицата, а сè оди преку жените што се породуваат“, раскажува таа.

Породилните трауми жените ги носат многу долгоФотографија: Markus Scholz/dpa/picture alliance

Во Извештајот за третманот на жените во гинеколошките и акушерските установи од 2022 година, составен од три белградски адвокатки, се укажува на големиот проблем со вербално насилство - навреди, пцуење, понижување, нарекување на пациентките со погрдни имиња. ДВ испрати барања за интервју до најголемите породилишта, но барањата беа одбиени. Директорот на Бетанија во Нови Сад, д-р Драган Стајиќ, првично се согласи на разговор, но согласност не му дала директорката на Клиничкиот центар на Војводина, Весна Туркулов. „Не сега, можеби некогаш во иднина“, му беше кажано на ДВ во Клиничкиот центар.

Во водичот надеж – во фиоката трауми

Добрата вест, во тоа се согласуваат нашите соговорнички, е дека притисокот од јавноста доведе до тоа Србија да добие нов национален водич за природно породување. Во него се констатирани проблемите на кои укажуваат жените и се препорачуваат измени на застарените рутински методи, а особено внимание се посветува на важноста на комуникацијата со пациентките. „Ова е од една страна признание од страна на здравствените работници дека досега нештата не функционирале, а од друга страна е усогласен став за тоа како би требало да изгледа породувањето“, вели уредничката на Родителскиот портал „Свет за нас“, Јасмина Михњак. „Сега можеме во породилното одделение да се повикаме на водичот и да кажеме: 'Не сакам пораѓањето на каков било начин да биде забрзано, ако за тоа нема потреба“, вели Михњак.

Лошата вест е дека за имплементацијата ќе биде потребно време. „Не може да ни испратите водич и ние да го имплементираме. Нешто што трае веќе 50 или 70 години, сега мора да го смениме со ресурсите што ги имаме“, вели за ДВ д-р Владимир Ѓорѓиќ, раководител на породилиштето во Лозница.

Породилните трауми жените ги носат многу долго. Стефани вели дека сè уште се опоравува од сопствената траума. „Треската што ја имате потоа кај мене беше пролонгирана и мораа да ми дадат инјекција бенседин за да ме смират. И секој нареден пат кога докторот ќе влезеше во собата, почнував да се тресам. Тоа буквално се случува и сега“, вели Стефани која ги стиска своите раце, кои почнуваат да треперат. „Имам стан на улицата каде што се наоѓа Бетанија и секој пат кога поминувам од таму имам грозно чувство. Едноставно не сакам да погледнам таму, на страната каде што бев, а точно знам каде бев кога се пораѓав“, вели Стефани.

Повеќето жени никогаш не собрале сила да се соочат со своите лекари. Јелена П. од Белград го сторила тоа. По два месеца отишла за „да го погледне во очи“. „Не дојдов да ви кажам колку ме болеше, ниту низ што сѐ поминав. Само Ве прашувам дали е нормално во 2023 година жена да го преживува тоа што преживеав јас?“ Докторот само ги кренал рамената и рекол: „Како и во вашата професија, и во нашата има такви што заталкале. Најдобро е случајот да го заклучите во фиока.“

*Ова истражување е поддржано од Journalismfund Europe.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми