Екологистите критикуваат - хотелот кај Горица се гради
31 март 2025
На една од најатрактивните локации на Охридското Езеро забрзано се гради хотел и покрај укажувањата на екологистите дека уништувањето на зеленилото и бетонизацијата на ридот кај Горица е спротивно на препораките на УНЕСКО.
Охрид СОС веќе подолго време алармира дека поранешни и сегашни функционери дозволуваат изградба на хотел во Горица на сметка на светското наследство. Според нив, ова било нотирано и во извештајот на Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО која престојуваше во Охрид минатиот март.
„Додека мисијата се приближуваше кон Охрид, на пошумениот рид Горица забележа уште едно градилиште. Се работи за изградба на уште еден хотел во област која порано беше пошумена, но во која прогресивно се градеа туристички капацитети. Центарот за светско наследство не беше известен за изградбата на овој нов комплекс пред да се донесе одлука за негова изградба, како што налага став 172 од Оперативните насоки“, се наведува во извештајот.
Експертите констатираат дека по усвојувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, градежните активности во Охрид продолжуваат уште поенергично, дури и во области каде што урбанизацијата не смееше да продолжи, како на пример на ридот Горица.
Се гради спротивно на препораките
Според екологистите, Мисијата побарала информации и постоечката проектна документација, вклучително и извршената проценка на влијанието, да бидат доставени до Центарот за светско наследство со цел да бидат анализирани од страна на советодавните тела. Во април 2024 во извештајот до Центарот за светско наследство и советодавните тела, Охрид СОС доставиле подетални информации за хотелскиот комплекс.
Екологистите посетуваат дека и во јули 2024 година, Комитетот за светско наследство на годишната седница ја повика Македонија да ја запре изградбата во близина на Студенчишко Блато, комплексот Горица Север и Горица 3 сè додека не се направи стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и оцена на влијанието врз наследството за секој од проектите“. Со оглед на тоа дека бетонизацијата прородлжува, екологистите посочуваат дека државата постапува спротивно на преземената и законски обврзувачка Конвенција на светското наследство, со што се става во ризик 1,5 милиони години старо езеро, место тоа да се зачува.
Како било отуѓено земјиштето?
Хотелот којшто се најавуваше со години наназад забрзано почна да се гради минатата година. Екологистите веднаш алармираа дека „висок партиски функционер сака да си присвои државно земјиште на една од најатрактивните локации во Охрид, веднаш над езерото“. За таа цел, во 2007 година бил изготвен Урбанистички план вон населено место, каде дел од парк шумата Горица се пренаменува во градежно неизградено земјиште, со конкретна намена хотелски комплекс, во време кога градоначалник на Општина Охрид е Александар Петрески.
„Во почетокот на 2011 година Министерството за транспорт и врски предводено од Миле Јанакиески објавува јавно наддавање за отуѓување државно земјиште за изградба на хотел на Охридското Езеро. Победува фирмата на партискиот функционер, која добива катастарска парцела од 15.878 m2. Се работи за „Дивелоп груп“ во сопственост на Сашо Мијалков. Летото, истата година, токму на таа локација е подметнат пожар, каде горат треви и борови. Според МВР, поради немање соодветна пријава од инспекторатот за пожари, нема водени истраги за предизвикан пожар. Теренот се расчистува, а покрај изгореното, се сечат и здрави стебла. Се добива огромен простор кој потоа е ограден. Така останува безмалку една деценија. Во меѓувреме, поради судски процеси, имотот на Мијалков е замрзнат“, наведуваат од Охрид СОС.
Место да се раскине договорот, според нив, Општина Охрид во два наврати потпишува анекс и му овозможува на Мијалков да не го изгуби земјиштето. Без никакви пречки, на почетокот на минатата година хотелот почнува да се гради.
„Овој проект никогаш не бил доставен ни до Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, ниту пак урбанистичкиот план бил ревидиран од аспект на неговата усогласеност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) во кој експлицитно стои „спречување на градежното зафаќање на релјефни возвишенија, доминантни места каде со изградбата на објекти ќе се наруши крајбрежниот пејзаж“, посочуваат екологистите.
Општината со свои аргументи
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во неколку наврати посочи дека постапката за издавање дозвола за градба е започната и завршена многу оддамна пред неговото доаѓање на позиција градоначалник. Според општината, објектот се гради откако е обезбедена потребната документација.
Аргументите на Пецаков се дека во 2007 година од страна на Општина Охрид е предложен план за вон населено место туристички локалитет Горица, кој од мнозинството советници е усвоен. Понатака во 2011 година врз основа на усвоениот план е организирано јавно наддавање од страна на Министерството за транспорт и врски, а по завршувањето на истото е склучен договор за оттуѓување на градежно земјиште со најповолниот понудувач.
„Во 2012 година е издадено одобрение за градење на инвеститорот, а во 2013 година е склучен анекс од страна на Општина Охрид согласно измени во Законот за градежно земјиште со кој е предвидено плаќање договорна казна за непочитување на рокови. Исто така анекс на договор е направен и во 2020 година е направен уште еден анекс со Општина Охрид согласно измени во Законот за градежно земјиште“, наведе Пецаков уште минатата година, како одговор до сите медиуми и иницијативи кои што доставувале барања за информации од јавен карактер.
УНЕСКО во својот извештај во 2021 година на 125 страници детално ги посочи сите неправилности околу грижата и заштитата на Охридското Езеро и во Северна Македонија и во Албанија. Во извештајот се бараше забрзано спроведување на десетици препораки упатени до властите во двете земји, уривање на веќе изградените дивоградби и безусловно почитување на мораториумот за градба на крајбрежјето.
Како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, во него се испрати јасна препорака, дека ако не се постапи како што е побарано Охридскиот Регион ќе биде ставен на листата на светско наследство во опасност. Неколку месеци подоцна УНЕСКО им даде втора шанса на Македонија и на Албанија да се поправат.