1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Кога и храната ќе стане луксуз

БГ /АРД
14 ноември 2025

Скапиот леб, овошјето или зеленчукот стануваат голем проблем за сè повеќе луѓе. Од очај, многумина посегнуваат по она што другите го фрлаат. Студија на ЕЦБ го покажува размерот на инфлацијата на храната.

Жени разгледуваат фрлена храна во Олденбург, ноември 2018 година
Од супермаркет до фудшеринг: Зошто сè повеќе луѓе во Германија бараат бесплатна хранаФотографија: Mohssen Assanimoghaddam/dpa/picture alliance

Тимот на здружението „Фудшеринг“ (иницијатива за споделување храна) во градот Касел во Германија спасува храна која инаку би завршила во ѓубре. Станува збор за производи кои во супермаркетите се сметаат за непродажни или го достигнале рокот на траење. Секој ден се собираат килограми зеленчук, овошје и печива, кои потоа се распределуваат бесплатно. Побарувачката постојано расте.

Дури и средната класа сè потешко може да си дозволи доволно храна, вели Бригите Утес. Таа неодамна го почувствувала тоа кога сакала да наполни еден од шкафовите на здружението. „Тоа беше невозможно, бидејќи толку многу луѓе веќе ме чекаа.“ Секогаш кога сакала да донесе нова кутија од автомобилот, шкафот повторно бил празен. „Сè што ставив, веднаш беше земено.“

На маса наместо во ѓубре

Нејзината колешка Габриела Регенбоген го поддржува здружението од 2018 година во каселскиот кварт Кирхдитмолд. Тука клиентелата значително се променила. „Дури и средната класа штеди и е среќна ако може некаде да заштеди пари.“ Квартот всушност е еден од побогатите во Касел. Но тоа одамна не важи без исклучок. И: „Срамот е намален.“

Габриела Регенбоген вели дека споделувачите на храна се обидуваат да го надоместат она што системот веќе не успева да го обезбеди. „Тука често слушам: Каква среќа што постоите! Ах, колку е убаво, инаку не би можела да си го дозволам ова.“ Органски леб, грозје, генерално производи кои во супермаркет се поскапи, предизвикуваат трогателни приказни кај оние што ги земаат.

Кога храната боли

Проблемот со растечките цени на храната стана толку голем што дури и Европската централна банка (ЕЦБ) во Франкфурт се занимава со него. Всушност, таму се задоволни со развојот на вкупната инфлација. Таа се состои од четири области: енергија, услуги, потрошувачки добра и храна. 

Пункт за распределба на храна чиј рок на употреба изминал во Билефелд, Германија, јули 2018Фотографија: picture-alliance/Robert B. Fishman, ecomedia

Нивото на цените кај трите области е добро, само храната „игра по свое“, вели Кристијане Никел, заменик генерален директор за економија во ЕЦБ. „Моментално стапката на раст на цените на храната е околу три проценти, додека остатокот е околу два проценти или дури под тоа.“ Никел и нејзиниот тим сакале точно да знаат зошто е така и затоа нарачале студија.

Студијата носи наслов: „Кога храната боли“. „Храната“ ја сочинуваат група производи со кои луѓето се соочуваат секојдневно „затоа што мора да јадат“, вели Никел. Затоа потрошувачите секој ден се соочуваат со цените и на крајот се оптоварени. Секој точно знае колку чини неговото кафе. Секоја промена се чувствува директно.

Раст на цените до 60 проценти

За студијата, авторите ги споредиле цените на храната од крајот на 2019 година, односно пред пандемијата. За централните банкари е важно да знаат зошто од една страна целта за инфлација од два проценти е речиси постигната, а од друга страна луѓето имаат сосема поинакво чувство при неделното пазарување. И тоа чувство студијата на ЕЦБ сега го поткрепува со бројки.

„Навистина се работи за цените на храната, кои во моментов го поттикнуваат чувството дека сè поскапело“, вели Никел. Цените на говедско, живина и свинско месо пораснале за повеќе од 30 проценти од 2019 година. Цените на млекото се зголемиле за околу 40 проценти. Маслото дури за 50 проценти. Врвот го држат какаото и чоколадото со околу 60 проценти раст.

„Она што моментално ја прави храната толку скапа се два фактори. Прво, зголемените цени на енергијата. Многу намирници се произведуваат со голема потрошувачка на енергија, што директно влијае на цените“, објаснува Никел. 

Европската централна банка изработи студија со наслов: „Кога храната боли“Фотографија: Frank Rumpenhorst/dpa Themendienst/picture alliance

„Но и климатските промени се важен фактор. Температурата на Земјата расте, што значи дека има поголеми области изложени на суши.“ Овој фактор особено влијаел на огромните поскапувања на какаото и кафето, бидејќи цели жетви пропаднале.

Страв без крај – или не?

Студијата на ЕЦБ го анализирала целиот простор на Еврозоната и утврдила: растот на цените на храната многу варира. Врвот го држи Естонија со 57 проценти. Германија е со 37 проценти во горниот дел од табелата. Кипар имал најниска инфлација на храна – 20 проценти. Никел не верува дека спиралата на цените ќе продолжи да се врти сè побрзо.

„Да се избегне инфлацијата на храната е тешко, затоа што мора да се јаде. Но овие силни стапки на раст што ги имавме по пандемијата, моментално не ги гледаме.“ А гледајќи во иднина, авторите на студијата очекуваат инфлацијата да остане околу два проценти. „Не очекуваме инфлацијата во иднина значително да отстапи од оваа цел“, вели Никел.

Помош, затоа што системот откажува

Едно сознание од студијата на ЕЦБ, спасувачите на храна во Касел го чувствуваат секој ден. Луѓето со ниски приходи се многу повеќе погодени од растот на цените отколку оние со повисоки примања. Причината: кај домаќинствата со ниски приходи процентот што се троши за основни потреби како храна е многу поголем отколку кај побогатите.

Кај нив храната често сочинува повеќе од 20 проценти од вкупниот буџет. Кога цените растат, буџетот за други трошоци или заштеди се намалува значително. „Порано фокусот на фудшеринг беше на еколошкиот аспект. Сакавме да спасиме храна од ѓубрето“, објаснува Габриела Регенбоген. Долгорочната цел беше да се стави крај на расфрлањето со јадливи намирници. „Целта остана, но малку се повлече во позадина.“

Новиот фокус: да се надомести она што системот сè помалку успева да го обезбеди – сите луѓе да имаат доволно храна. „Инфлација на храната“ звучи апстрактно, како економија, но таа е многу реална во празниот фрижидер. Додека ЕЦБ се надева на долгорочно смирување, многумина бараат алтернативи. И сè повеќе луѓе посегнуваат по она што другите го фрлаат. 

Како нѐ лажат производителите на храна?

00:55

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми