1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСирија

Христијаните во Сирија стравуваат за својата безбедност

Ана Осиус
24 декември 2024

„Ни рекоа дека црковните ѕвона им пречат на некои муслимани. Од тој момент стравот почна да ни влегува во срцето“, вели отец Калдани од Дамаск. Христијаните во Сирија се молат за мирен Божиќ.

Сирија
Христијаните во Сирија стравуваат за својата безбедностФотографија: Hussein Malla/AP/picture alliance

Миса во католичката црква Света Тереза ​​во центарот на сирискиот главен град Дамаск. Во големата црква има едвај десетина верници кои се молат на арапски. Овие денови со посебен акцент се изговараат зборовите „избави нè од злото“. Многу христијани во Сирија се чувствуваат несигурно и не знаат што значи за нив падот на долгогодишниот диктатор Башар ал Асад. Новите владетели на земјата се исламисти.

По мисата, верничката Руваида изразува загриженост: „Сите се загрижени. Се чувствуваат промените во соседството, во заедницата. Не знаеме што друго ќе се случи“. 

„Се трудиме да живееме нормално колку што можеме“ 

Милитантните исламисти и вооружените брадести мажи одеднаш станаа вообичаена глетка на улиците на Дамаск. Руваида нагласува дека христијаните, муслиманите и другите малцинства некогаш живееле овде во мир, од врата до врата. Но, дали тоа ќе биде можно со новата власт?

Божиќ е сосема поинаков оваа година. „Се подготвуваме, ја украсуваме елката, печеме колачи. Се трудиме да живееме колку што можеме нормално. И се надеваме дека и покрај промените, ќе можеме да одиме во црква - бидејќи црквата е нашиот втор дом. Ако ни го земат тоа, ќе ни земат се“.

Дали христијаните се плашат од новата власт во Сирија? Махер, слаб млад човек со бројаницата во рацете, кимнува со главата. Ни сигнализира да го исклучиме микрофонот и плаче. „Многу се плашам од прогон“, вели тој. 

Надежта е она што ги одржува: христијаните во Сирија се молат за мирен Божиќ оваа година.Фотографија: AAREF WATAD/AFP/Getty Images

Страв од новата власт 

Иако водачот на милицијата Ахмед ал Шара, познат по военото име ал-Џолани, изјави дека малцинствата во Сирија ќе бидат почитувани, многу христијани не им веруваат на зборовите на новите водачи. На крајот на краиштата, Ал Шара има исламистичко минато, бидејќи бил член на сирискиот огранок на Ал Каеда и имал врски со ИД.

„Се плашам“, признава Сиријката Мирна. „Зарем не велеа дека неверниците треба да се убиваат? Ние христијаните сме тие неверници, нели? Значи, пролевањето на нашата крв е дозволено?

Оваа мајка на два сина клечи во црквата и се прекрстува. Нејзината молитва е посветена првенствено на децата. Таа веќе не ја гледа нивната иднина во Сирија. „Не сакам моите деца да мора да живеат во оваа атмосфера. Сакам да бидат свои, без никој да ги контролира нивните мисли и ставови“. 

Божиќ без поворка 

Свештеникот на парохијата отец Џамил Калдани по завршувањето на светата миса не прими во својот кабинет. Тој објаснува дека во Дамаск на Божиќ секогаш имало поворка и веселба на градските плоштади. Но, годинава сè е поинаку: „Ситуацијата е неизвесна. Ни кажаа дека црковните ѕвона им пречат на некои муслимани и не замолија да не ѕвониме. Од тој момент стравот почна да ни навлегува во срцето“, вели тој. Тој смета дека ХТС и другите милиции не ја гарантираат безбедноста на христијаните. 

„Затоа стравуваме дека нашата прослава може да биде загрозена. Оваа година ќе има само молитви, нема големи веселби, нема камбани, нема поворка“.

Свештеникот не ја крие загриженоста - не им верува на новите власти во Сирија. Иако многу христијани се среќни што диктаторот Асад е соборен, досега во Дамаск има мирен соживот на сите религии, вели отец Калдани. Соседите муслимани ги почитувале божиќните празнувања, па дури и учествувале во нив.

„Не сакам да дојдат и да кажат, само затоа што се посилни: извадете ги крстовите од црквата. Тие мора да разберат дека Сирија е земја во која живеат заедно христијани и муслимани“, загрижено вели овој свештеник. 

„Ни рекоа дека црковните ѕвона им пречат на некои муслимани. Од тој момент стравот почна да ни влегува во срцето“, вели отец Калдани од Дамаск. Христијаните во Сирија се молат за мирен Божиќ.Фотографија: AFP/Getty Images

Надеж за мирен Божиќ 

Отец Калдани раскажува како заедно го прославувале Божик: „За муслиманите Исус е пророк. За нас тој е Бог. Се согласуваме дека тој е пример. Затоа празниците се славеа заедно. Муслиманите учествуваа во поворки и се фотографираа покрај нашите украси  Но, се плашам дека овој соживот може да се промени и се молиме овој Божиќ муслиманите да сфатат дека сме важен дел од ова општество“.

Свештеникот како христијанин и понатаму се надева и додава дека можеби се што се случува во Сирија сега има подлабоко значење. „Божиќ е порака на надеж. Кога Исус се роди во штала, тој беше бегалец. Немаше место за него и неговите родители. Цела Сирија е во бегство со години. Можеби оваа година го доживуваме Божиќ на поинаков начин. Ние христијаните сме во состојба на егзил. Можеби падот на Асад непосредно пред Божиќ е како преродба за Сирија. Нека биде ново раѓање за цела Сирија“, се надева отец Калдани.

Надежта е она што ги одржува: христијаните во Сирија се молат за мирен Божиќ оваа година.  

Најважните места за аџилак на христијаните

00:55

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми