Хроника на едно најавено разрешување: случај Коцевски
10 декември 2025
Владата на вчерашната седница го усвои предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и тој ќе биде доставен до Собранието за натамошна постапка. Со ова Владата ја продолжува постапката што претходно беше поведена, но поради законски ограничувања за време на изборниот период беше привремено стопирана.
„Врз основа на членот 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители му предлага на Собранието од функцијата јавен обвинител на Република Македонија да го разреши Љупчо Коцевски, поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на Јавното обвинителство", образложи владината портпаролка Марија Митева.
Нарушување на угледот на ЈО
Митева посочи неколку причини поради кои Владата донела таква одлука, а кои и досега ги образложувала: неовластено изнесување на информации, податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката согласно закон; нарушување на угледот на ЈО и неговиот личен углед; непостапување согласно со обврските што се предвидено со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласно со Уставот.
„Како последица на овие сторени повреди во изминатиот период, евидентна е нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен интегритетот на истата“, наведе Митева.
„Согласно членот 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, за организирањето и извршување на функциите на Јавното обвинителство. Постапувајќи на овој начин јавниот обвинител Љупчо Коцевски флагрантно ја повреди должноста да го чува угледот на функцијата што ја врши предвидена во член 82 став 1 од Законот за јавно обвинителство“, посочи портпаролката на Владата.
Втор обид
Ваквата одлука не е изненадувачка. Владата уште на 11-ти февруари годинава донесе одлука да поведе постапка за разрешување на Коцевски. Но, само еден месец подоцна, таа постапка беше запрена по пожарот во нелегалната дискотека „Пулс“ во Кочани, кој однесе 63 животи, а над 200 лица беа повредени. Премиерот тогаш изјави дека „поради чувствителната ситуација во општеството постапката ќе застане“.
Советот на јавни обвинители, (кој Според член 63 став 3 од Законот за ЈО дава мислење по предлогот на Владата за именување и разрешување на државниот јавниот обвинител), во април годинава се изјасни против предлогот на Владата за разрешување на Коцевски. Од девет членови на Советот, предлогот за разрешување го поддржаа тројца, а 6 членови гласаа против.
„Со оглед дека одлуките се носат со мнозинство гласови од мнозинството членови, тоа значи дека Советот даде негативно мислење по предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски”, констатираше тогашната претседателка на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска.
Интерпелација
Обрачот околу Коцевски го продолжи Левица. На 26-ти јуни пратеничката група на таа партија поднесе интерпелација за државниот јавен обвинител, како што наведоа „поради нефункционална состојба во обвинителството, неажурност во постапувањето и надворешни политички влијанија врз неговата работа". Од Левица посочија четири основи кои укажуваат на нефункционалноста на обвинителството.
„Селективна кривична истрага за трагедијата во Кочани; политичко влијание во работата на обвинителството кое стана очигледно по прекинот на постапката за смена на Коцевски откако се отвори можност да се гонат кадри на владејачката партија; функционален хаос во Вишото јавно обвинителство; и непостапување за дивоградбите и фалсификатите во општина Чаир“, ги посочија причините од Левица.
Коцевски не присуствуваше на седницата, а претходно достави писмен одговор до иницијаторите од Левица. Наведе дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади, кои се причина за ниската доверба во јавноста. На 29-ти јули пратениците со 71 глас „за“ изгласаа интерпелација на државниот јавен обвинител. Целта на интерпелацијата беше донесување заклучок дека наводите се основани, кој потоа ќе биде доставен до Владата за да ја продолжи постапката за смена на обвинителот.
Законски ограничувања
По изгласаната интерпелација, премиерот во почетокот на август изјави дека законските ограничувања во предизборниот период оневозможуваат преземање конкретни чекори за да продолжи постапката за разрешување на Коцевски.
„Сега и да сакаме не можеме да преземеме ништо, бидејќи влегуваме во процес на распишани избори (...) Така што сите процеси за избор и именувања поради ограничувањата на законот ќе бидат стопирани. Од ноември ќе продолжиме со тој процес таму каде што застанавме“, најави тогаш премиерот.
По завршувањето на изборите, законски пречки нема. На минатонеделниот брифинг со новинарите премиерот најави дека Владата многу наскоро ќе почне постапка за разрешување на Коцевски. Уште пред да биде објавена вчерашната одлука на Владата, Коцевски пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители, одговори на новинарски прашања за таквата најава на премиерот.
„Ќе го дадам истиот коментар што го давам неколку месеци, тоа е нивна политичка одлука“, рече државниот јавен обвинител.
Потенцира дека за да биде разрешен требало да стори тешка дисциплинска постапка.
„Согласно законот, јас треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Советот на јавни обвинители констатираше дека од моја страна не е сторена тешка дисциплинска повреда. Понатаму постапката е: оди предлогот до Владата, односно Владата може да го достави до Собранието. Тоа не е моја надлежност“, изјави вчера Коцевски.
Мандатот на државниот јавен обвинител трае шест години, а Коцевски беше именуван од Собранието на 13.2.2024 година. Во јавни настапи потсетуваше дека бил единствениот кој пред именувањето доставил Програма за работа на ЈО за периодот од 2024 до 2030 година. Како приоритети во програмата ги наведе - решителната борба против криминалот; зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето; унапредување на меѓународната соработка; транспарентност и отчетност; финансиска самостојност; и промовирање и стимулирање на култура на интегритет.
ВМРО-ДПМНЕ: Го преспа мандатот
Но, токму на овие сегменти се однесуваат и најголемиот број забелешки за работата на Коцевски. Во тој корпус спаѓа критиката дека поставил в.д. виш обвинител, без да се придржува кон утврдените процедури, што според владини претставници, не е само правен пропуст, туку и удар врз принципите на транспарентност и правична распределба на должностите, сериозно нарушување на интегритетот и функционалноста на обвинителството.
Од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваа дека ако работел по закон, и ако сакал да покаже дека може и знае да работи, ќе поведел постапка против судијата и обвинителот (Наќе Георгиев и Иџет Мемети) кои извршиле влијание обвинет во еден случај да добие поблага казна.
„Тоа што Иџет Мемети и Наќе Георгиев завршија со спогодба, а корумпираните судии и обвинители врз кои тие влијаеле си останаа да правораздаваат - покажува колку Коцевски немал идеја што треба да работи, или не сакал“, потенцираа на прес-конфернција од ВМРО-ДПМНЕ по февруарската владина одлука да поведе постапка за разрешување на Коцевски.
Од партијата му збележуваа дека наместо да почне да ефектуира случаи на висока корупција, тој го преспал периодот: не само што не отворил постапки за случаи за кои и јавноста и медиумите гласно зборувале, туку имало и „нула реализација" на десетици постапки од МВР и другите институции.