1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватите ќе бираат меѓу Милановиќ и Приморац

Андреа Јунг-Грим
11 јануари 2025

Две недели пред вториот круг од претседателските избори се водеше кратка, но жестока кампања. Конечната одлука ќе биде донесена во недела (12 јануари) дали Милановиќ ќе добие уште еден мандат или ќе го замени Приморац.

избори Хрватска
Хрватите ќе бираат меѓу Милановиќ и ПриморацФотографија: Darko Bandic/dpa/AP/picture alliance

Последната анкета објавена во четвртокот (9 јануари) предвидува победа на Зоран Милановиќ (кандидат на СДП). Според резултатите што ги објави РТЛ, него го поддржуваат 62,5 отсто од гласачите, а Драган Приморац (ХДЗ) 27,8 отсто.

Проруско и просрпско влијание на изборите?

Двонеделната изборна кампања, покрај телевизиските дебати меѓу кандидатите, беше одбележана и со дискусија за извештајот на Центарот за информациска отпорност (ЦИР) со седиште во Лондон, за кој хрватските медиуми објавија во четвртокот. ЦИР е независна организација посветена на разоткривање на заканите за демократијата и кршењето на човековите права, а е финансирана од владите на Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Австралија, како и од американската сојузна владина агенција УСАИД.

ЦИР еден месец ги анализираше порталите и социјалните мрежи на двајцата претседателски кандидати (Фејсбук, Х, Телеграма, Редит, ТикТок) и утврди дека е забележано силно влијание на проруските бот мрежи. Во извештајот, исто така, се наведува дека во овие мрежи особено биле истакнати српските елементи кои со своите постови го напаѓале Приморац, а истовремено го промовирале Милановиќ.

Последната анкета објавена во четвртокот (9 јануари) предвидува победа на Зоран Милановиќ (кандидат на СДП). Според резултатите што ги објави РТЛ, него го поддржуваат 62,5 отсто од гласачите, а Драган Приморац (ХДЗ) 27,8 отсто.Фотографија: Damir Sencar/dpa/Pool HINA/picture alliance

Главно е утврдено дека Милановиќ бил систематски фален, а во исто време се ширеле пораки против Европската Унија и НАТО и негативни коментари за противничкиот кандидат Драган Приморац.

Сепак, по анализата на извештајот, некои медиуми, ИТ експерти и хрватската невладина организација ГОНГ изразија сомнеж во веродостојноста на резултатите и методологијата. Забелешките се дека оваа организација, како што самата наведува, ги верификувала резултатите на „хрватските истражувачи“, без да ги наведе нивните имиња. Дополнително, веќе е утврдено дека трите наводни ботови споменати во извештајот се вистински луѓе.

Така, и претседателската изборна кампања во Хрватска се најде на мета на сајбер напади од различни страни.

Единствената телевизиска дебата во пресрет на вториот круг од изборите што се одржа на 7 јануари на ХТВ. За неа повеќето аналитичари оценија дека ништо ново не се дозна.Фотографија: Damir Sencar/dpa/Pool HINA/picture alliance

Изборна кампања: обвинувања и удари под појас

Актуелниот претседател Зоран Милановиќ и Драган Приморац главно ги искористија овие две недели меѓу двата изборни круга за да се напаѓаат меѓусебно. Имаше, како и пред првиот круг, лажни обвинувања и ниски удари, но хрватската јавност полека се навикна на овој начин на комуникација. Во ист тон се водеше и единствената телевизиска дебата во пресрет на вториот круг од изборите што се одржа на 7 јануари на ХТВ. За неа повеќето аналитичари оценија дека ништо ново не се дозна.

Кандидатите имаа можност да одговорат на прашања од различни области. Многу се зборуваше за воената и надворешната политика, теми коишто се од надлежност на хрватскиот претседател. Но, и овде се потроши многу време на меѓусебни обвинувања.

И двајцата кандидати се согласија дека на Хрватска и треба добро опремена армија. Во делот од дебатата каде тема беше надворешната политика, Приморац, меѓу другото, го обвини Милановиќ дека е проруски настроен, на што Милановиќ одговори дека нема врска со Русија и дека доколку Владимир Путин дојде во Хрватска, ќе бара тој да биде уапсен. 

Никој од нив не би го поканил Вучиќ

Но, поголемиот дел од времето во надворешнополитичкиот блок беше посветено на односите со Србија и Босна и Херцеговина. Покрај тоа што одредени политички кругови го етикетираат како проруски играч, некои го сметаат Милановиќ и за просрпски ориентиран. На тоа тој одговари дека „просрпски не е исто што и пробелградски“.

На прашањето на водителот дали би го поканиле српскиот претседател Александар Вучиќ во официјална посета на Хрватска и двајцата одговорија негативно. Приморац смета дека условите за таква посета не се исполнети и потсетува на неговите претходни изјави дека ќе се залага за влез на Србија во Европската Унија само доколку Белград „достави податоци за болницата во Вуковар, ги отвори архивите на ЈНА и сите места каде што се закопани хрватските жртви“.

Милановиќ, пак, објасни дека Вучиќ прво мора да одлучи кој е неговиот партнер: Русија или ЕУ. „Тогаш ќе почнеме сериозно да разговараме“, изјави Милановиќ.

Двајцата претседателски кандидати не би го поканиле Александар Вучиќ да ја посети ХрватскаФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Втор круг од изборите со тројца кандидати

За време на изборната кампања, актуелниот хрватски претседател постојано го критикуваше премиерот Андреј Пленковиќ, кој исто така не му остана должен. На моменти се чинеше дека не двајца, туку тројца кандидати се пласираа во вториот круг од изборите.

Некои аналитичари дури сметаат дека политичката судбина на хрватскиот премиер може да зависи од изборниот резултат на Приморац. По објавувањето на резултатите од првиот круг на изборите, тој мораше да се оправда зошто го избра Приморац за кандидат на ХДЗ, бидејќи од почетокот немаше широка поддршка од членството.

На тоа Пленковиќ кратко одговори дека Приморац е единствениот кој доброволно се пријавил за таа неблагодарна задача.

Според хрватските медиуми, расипничката изборна кампања на Приморац предизвикала незадоволство и кај членството. Неименувани извори од ХДЗ стравуваат дека нема да има доволно пари за локалните избори во мај. Според последните информации, Приморац за кампањата потрошил вкупно 854.000 евра, а Милановиќ 215.000 евра.

Гласачите го имаат последниот збор

Зоран Милановиќ освои 49,09 отсто од гласовите во првиот круг од изборите и малку ми фалеше за дефинитивна победа со мнозинство гласови, нешто што само Фрањо Туѓман успеа да го постигне од осамостојувањето на Хрватска.

Драган Приморац освои 19,35 отсто од гласовите во првиот круг, што непријатно ги изненади ХДЗ и нејзините партнери. Медиумите пренесуваат неименувани извори од ХДЗ кои велат дека партијата би била среќна доколку нивниот кандидат добие најмалку 30 отсто од гласовите во вториот круг. ХДЗ затоа масовно го мобилизира своето членство и поддржувачи, но дали тоа ќе биде доволно ќе се види во недела.

Анкетите и аналитичарите предвидуваат уште еден мандат за Зоран Милановиќ, но како и секогаш, гласачите го имаат последниот збор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми