1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: Лицемерие кон усташите на фудбалските трибини

Игор Ласиќ
4 ноември 2023

Под закана од меѓународни санкции, хрватскиот врв почна да се дистанцира од усташите на фудбалските трибини. Особено во владејачката партија, нема јасна ограда од ваквите испади.

Динамо Загреб навивачи
Навивачи на ДинамоФотографија: Getty Images/AFP

Во последниве недели, хрватската држава го смени својот однос кон неоусташките испади на фудбалските навивачи, судејќи по два примери во праксата.

Најпрво беа приведении се гонат неколку десетици навивачи на репрезентацијата кои пееја одреден марш од таканаречената Независна Држава Хрватска на натпревар во Осиек. Потоа, на ист начин беа третирани неколку членови на навивачката група „Бед Блу Бојс“ , инаку познати како „ултраси“ на прволигашот Динамо Загреб. И на државното првенство во Велика Горица пееја слична песна и тоа сигурно во знак на солидарност со навивачите од Осиек.

И додека голем дел од хрватската јавност веројатно ќе се согласи дека овие испади треба доследно законски да се санкционираат, останува прашањето за вистинскиот однос на самата држава кон истите политички модели од не толку далечната историја. Затоа што не е непознат факт дека Хрватска веќе неколку децении толерираше слични испади, а потоа наеднаш ги остави навивачите на бришан простор, за да бидат прогласени за главни и единствени виновници за екстремизмот.

Фудбалот, како и државните институции, треба апсолутно да се оградат од секое флертување со усташката идеологија или истакнување на усташки симболиФотографија: Filmarchiv Zagreb

Рибата смрди од главата

Дарио Брентин, политиколог од Универзитетот во Грац во Австрија, кој, меѓу другото, се занимава со истражување на поврзаноста помеѓу спортот и политиката и општеството во Хрватска, смета дека фудбалот, како и државните институции, треба апсолутно да се оградат од секое флертување со усташката идеологија или истакнување на усташки симболи. И тоа без разлика дали е направено од идеолошки, провокативни или какви било други причини.

„Се разбира дека тоа нема да се случи“, смета тој, „бидејќи тогаш ќе треба да се дистанцираме од сопственото лицемерие и исто така да признаеме дека рибата почнува да смрди од главата надолу“.

Дарио Брентин. социолог од ГрацФотографија: Privat

„Една работа е малите групи на идеолошки усташи меѓу организираните и неорганизираните навивачи, како во репрезентацијата, така и во домашните клубови, а друга - и многу посложена - работа е општествениот контекст во кој усташството се банализира во смисла „па, тоа е само патриотизам, а вие сте комунистички југозомбоиди кои мразат се што е хрватско“. Тоа е навистина општествен, а не само фудбалски проблем“, истакнува Брентин. Тој додава дека во Хрватска не постои широк општествен консензус за на пример Томпсон, за првото бело поле на државниот грб, за усташкиот поздрав „За дом - Спрамни“ или за тоа каде почнува и завршува усташството.

Цивилизациско чистење на јавен простор

Нашиот соговорник од Австрија е на став дека надлежните институции во Хрватска се однесуваат кукавички и лицемерно кон ова прашање.

„Колку од идеолошко верување, а колку од опортунизам, тешко е да се процени. Но, сè додека Хрватскиот фудбалски сојуз не успее да го осуди пеењето на усташки песни како нешто лошо, не затоа што му штети на националниот тим, туку затоа што го велича усташкиот режим и додека не успее да ги осуди антиромските скандирања како дел од навивачката култура, не затоа што и штети на репрезентацијата, туку затоа што е морално погрешно, мали се шансите дека нешто ќе се промени“, вели Дарио Брентин.

Томпсон, но пред се политиката на екстремно десничарскиот националистички спектар, долго време се поврзува со фудбалските навивачиФотографија: picture-alliance/PIXSELL/G. Stanzl

За пресвртот на државата во формалниот однос кон навивачите, разговаравме со спортскиот социолог Озрен Бити од Институтот за етнологија и фолклор во Загреб:

„Апсењата и судските казни на навивачите за пеење усташки песни на стадионите се интересен пресврт во државната практика кога станува збор за проусташки пораки во јавноста“, посочува Бити.

Тој смета и дека од ова се уште е рано да се заклучи дека суштински е сменета државната политика. Според неговото уверување, изјавите на премиерот за криминалот на навивачите повеќе упатуваат на дејствување на државата во насока на „заштита на фудбалот и на хрватската репрезентација“ од таквите испади и можни казни на меѓународните институции. „Помалку, од друга страна, продолжува тој, сугерираат дека државата, во цивилизациски дух се впушта во систематско чистење на јавниот простор од симболи и пораки кои го величат усташкиот режим“.

Предизвици на екстремизмот

„Тешко е да се поверува дека државниот врв на долги патеки има намера да практикува строгост врз навивачката популација, со оглед на тоа што навивачите-хулигани се политички и идеолошки на слична патека како десното крило на ХДЗ, многу значајно во партијата која континуирано е на власт во Хрватска. До тој степен, десничарскиот навивачки фолклор, заедно со другите општествено тешко разбирливи или прифатливи ритуали, само понекогаш и само случајно е камче во чевелот на владетелите“, тврди Озрен Бити. Потсетува и на драстичниот пример како дел од БББ отишле во Грција на забранет гостување, и поради тоа завршиле во тамошните затвори.

„Од структурална гледна точка, пак, од перспектива на ХДЗ, сето ова е добредојдено продолжување на конзервативните сили и изразување на десничарските политики преку други средства и канали. Но, сигурно е дека власта - како резултат на некаков латентен и некаков директен притисок од меѓународните фудбалски и политички тела - се најдоа меѓу чеканот и наковалната“, оцени овој социолог од ИЕФ, со претпоставка дека Хрватска може да очекува и нови навивачки (ре)акции и провокации поврзани со неодамнешното одбележување на Денот на сеќавање на жртвите од Татковинската војна и Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар и Шкабрња.

Според него, Владата на Хрватска допрва треба да се соочи со вистински предизвици во оваа смисла, како што и целото хрватско општество допрва очекува разотривање на државната политика против навивачкиот екстремизам.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми