1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Албанија економски нѐ престигна!

13 септември 2023

Неуспехот да го искористиме членството во НАТО и да ги поттикнеме домашните инвестиции нè доведе до тоа економски да заостанеме зад Албанија, а приватниот сектор да го доведеме до работ на колапс. Пишува Никола Тодоров

Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Политичката атмосфера во државава како да зоврива и да се ближи до некаква кулминација. Се чувствува во етерот голема политичка напнатост, но и чувство дека нешто крупно ќе се случи. Дали е тоа кулминација на кризата или кулминација на апатијата, ќе покаже времето, но во секој случај, неиздржливоста на моментот од економски, политички и општествен аспект, со сигурност ќе доведе до нешто крупно, односно до некаква крупна промена. Пензионерите протестираат и се незадоволни од ниските пензии со кои тешко може да се врзе крај со крај. Нивните барања се оправдани, и се чисто егзистенцијални. Од друга страна владата има некаков изговор, кој да не е трагичен би бил смешен, дека пензиите растат по некаков Швајцарски модел и дека нивните барања се претерани. Штрајкуваат во судска администрација, а се најавува и протест на здравствената администрација и помошниот здравствен персонал. Преобемната администрација е незадоволна од своите примања, а граѓаните пак во голема мера се незадоволни од квалитетот на услугата што таа незадоволна администрација ја пружа. Во оваа наша македонска равенка како да нема задоволни. Од друга страна, бизнисот шкрипи. Тие кои го полнат буџетот за пензионерите да ги земат и овие ниски пензии и администрацијата да ја земе и оваа ниска плата, се притиснати од сите страни. Од една страна имаат притисок од работниците за покачување на платите затоа што инфлацијата секојдневно го јаде стандардот на граѓаните, од друга страна се притиснати од растечките камати на кредитите и од тешката наплата на нивните побарувања, особено од државата. Но, најмногу се притиснати од слабата економска активност во државава и широко распространетата корупција.

Зошто не го искористивме влезот во НАТО? 

Расправата за уставни измени, за секојдневните скандали кои и се случуваат на оваа власт, ја преокупираат јавноста, но не и менаџерите на фирмите на кои им е преку глава од оваа политичка драмолетка.

Влеговме во НАТО, што е одлично и требаше да донесе безбедносна и политичка стабилизација, но и економски процут, кој за жал изостана. Оправдувањата дека нашиот влез во НАТО коинцидираше со здравствена и економска криза повеќе личат на изговор, отколку на реална пречка за побрз развој на економијата. За жал, морам да констатирам дека власта не успеа влезот во НАТО да го капитализира политички и економски. Ова е наш, односно нивен пропуст повеќе отколку што е резултат на некои екстерни фактори како што беа пандемијата или економската криза и инфлацијата предизвикана во најголема мера од агресијата на Русија врз Украина.

Доказ за ова е Албанија. Заедно влеговме во НАТО, но еве, за прв пат во историјата, во 2022 година, Албанија економски не престигна, доколку го споредиме нашиот и нивниот БДП по глава на жител. За потсетување, според дефиницијата дадена од нашиот Завод за статистика, со податокот за бруто-домашниот производ по жител се врши споредба на развиеноста на државата во однос на други држави, споредба на продуктивноста на трудот и истовремено податок од кој се добиваат податоците за бруто-националниот доход, бруто-штедењето и нето задолжувањето на државата. Според јавно објавените податоци на Светска банка, БДП по глава на жител (GDP per capita (current US$)), Северна Македонија во 2018 година имала БДП по жител од 6.108,7 додека Албанија имала 5.287,7, за во 2022 година, за прв пат во историјата Албанија да има повисок БДП од нашиот односно Албанија да има 6.802,8, а Македонија да заостане со БДП по глава на жител (GDP per capita (current US$)) од 6.591,5. При исти услови, во ист регион, заедно примени во НАТО, истовремено погодени од пандемијата и економската криза, Албанија успеа да го валоризира членството во НАТО и економски да не престигне. Ние потфрливме, а плативме далеку поскапа цена од Албанија за наше полноправно членство во НАТО и имавме обврска тоа да го валоризираме, подобро и поефикасно. Ќе ја повторам констатацијата, за жал, Албанија економски нé претрка! 

Уништување на бизнисот 

Покрај политичките фактори, клучно за овој подвиг на Албанија се инвестициите. Странските директни инвестиции (СДИ), но и домашните, особено капитални инвестиции. Албанија, според истиот извор, Светска банка, ја заврши 2022 година со 1,44 милијарди долари СДИ, а ние со 870 милиони. Значи сериозно заостануваме во привлекувањето на СДИ во однос на Албанија. Но, за волја на вистината, во привлекувањето на СДИ подолго време заостануваме зад Албанија, а сепак нашиот БДП по глава на жител беше прилично повисок од албанскиот. Затоа поголемиот проблем го гледам во нашите домашни инвестиции, односно не-реализација на капиталните инвестиции. Со неверување ја примив информацијата од медиумите дека постојат институции со 0% и со зборови-НУЛА проценти, реализација на капитални инвестиции во првата половина на 2023 година и дека од овие причини со следниот ребаланс ќе се кратат 300 милиони евра од ставката за капитални инвестиции. Ова е страшен податок. Опасна нефункционалност, неспособност и мрзливост која доведува до уништување, на и така кревкиот македонски бизнис. Министерството за животна средина првото полугодие од 2023 го завршило со реализација од само 12% од планираните 20,6 милиони евра за капитални инвестиции, а доаѓа зимата која по правило ни носи токсичен, загаден воздух. Во некои судови ни климатизерите не работат, а да не говорам за системот за тонското снимање на рочиштата, а судската власт, за која биле планирани 2,2 милиони евра за капитални инвестиции, за шест месеци реализирала минорни 8,6%. Има и позитивни примери како Министерството за транспорт, кое реализирало високи 61,3% од планираните 305,5 милиони евра, но сепак останува констатацијата дека голем број државни органи, односно нивните раководители, лошо управуваат со институциите од инвестициски аспект, и со тоа му ја одземаат шансата на бизнисот да се развива, создава и да ја движи економијата во позитивен правец. Ако на овие лоши податоци за реализацијата на капиталните инвестиции се надоврзе и податокот дека во 80-те општини и градот Скопје во 2022 година вредноста на јавните набавки, односно на склучените договори со приватните компании, се намалил за дури 68%, односно за 31 милион евра во однос на 2021 година, прилично е јасно зошто Албанија економски нé претрка.

Македонија се тетерави на работ во одлучувачки момент со неодржлив статус-кво. Успехот на соседна Албанија е силен потсетник за пропуштените можности. Неуспехот да го искористиме членството во НАТО и да ги поттикнеме домашните инвестиции нè доведе до тоа економски да заостанеме зад Албанија, а приватниот сектор да го доведеме до работ на колапс. Императив е да се ослободиме од неодржливиот статус кво, да научиме од успехот на Албанија, да преземеме итна акција за да го валорозираме нашето членство во НАТО и да ги зголемиме домашните инвестиции, со цел ревитализација на нашата економија и на приватниот сектор.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми