1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со зачестени инспекции против вртоглав пораст на цените

ДТЗ
1 март 2024

Трговците прават подготовки за нови цени, но на готовс се и инспекторите. Со зачестени инспекции на терен ќе се направи обид да се спречи вртоглавиот пораст на цените.

храна
Со зачестени инспекции против вртоглав пораст на ценитеФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Додека во Грција околу 3.000 производи за чистење и за лична хигиена од денеска (1.03) можат да се купат по намалена цена и до 18 отсто во грчките супермаркети, како дел од мерките за справување со инфлацијата, македонските граѓани од 1 март веќе не можат да се надеваат на замрзнати цени за основните производи. По укинувањето на мерката за гарантирани цени, која што беше на сила изминатите месеци, трговците сега слободно можат да ги формираат цените по кои ќе ги продаваат производите.

Некои од нив уште во четвртокот (29 февруари), правеа подготовки за нови цени. Но, на готовс се и инспекторите. Според најавите на надлежните, со зачестени инспекции на терен ќе се направи обид да се спречи вртоглавиот пораст на цените. 

Санкции и затворање на објекти

„Пазарниот инспекторат нема да чека, веднаш излегуваме на терен“, најави првиот човек на пазарниот инспекторат, Горан Трајковски. Тој е дециден дека никој не е над законот. Оној кој ќе применува нечесни трговски практики и ќе ги прекрши законите, ќе биде санкциониран. Во зависност од сторениот прекршок, од инспекторатот најавуваат дека постои можност и за затворање на објекти за вршење дејност на определен временски период.

„Вршиме надзори во сите големи маркети на цела територија на Македонија, по сите закони по кои постапува пазарниот инспекторат. Во изминатиот период, пазарниот инспекторат беше на ниво на својата задача не дозволивме никој да применува нечесни трговски практики и да не ги почитува антикризните мерки“,порача Трајковски.

Надлежните апелираат до трговците на мало и на големо, да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените во согласност со стандардот на граѓаните.

Надлежните апелираат до трговците на мало и на големо, да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените во согласност со стандардот на граѓанитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

И без „гарантирани цени“ мора да се јаде

Граѓаните и покрај најавите дека од 1 март цените може нагло да скокнат, сепак не се откажуваат од редовната обиколка на маркетите. „И без гарантирани цени мора да се јаде“, коментираат дел од нив. 

Иако од март минималната плата треба да се зголеми за 12,55% и ќе изнесува 22.500 денари, неодамнешните пресметки на синдикалната кошница покажаа дека јазот меѓу приходите и потребите на граѓаните е драстично зголемен изминатите години. Потрошувачката кошничка покажува дека само во последните две години цените пораснале за речиси 60 проценти. Минимум 57 илјади денари му се потребни на едно семејство за да го преживее месецот. 

Повеќето од продавниците засега немаат извршено видливи корекции на цените, поради што граѓаните очекуваат во наредниот период да се почувствуваат ефектите од укинувањето на мерките за заштита на животниот стандард. 

Инспекцискиот совет најавува дека ќе ја следи состојбата со цените на прехранбените производи по прекинување на важноста на мерката за гарантирани цени. Но, апелираат и на совеста на производителите и на трговците кои треба да бидат во функција на граѓаните. 

„Во очекување сме на донесување на системско решение на Законот за забрана на нефер трговски практики особено во трговијата со земјоделски и прехранбени производи. Секако, инспекторите од Пазарниот инспекторат и понатаму будно ќе ја следат ситуацијата на терен и се надеваме дека и субјектите на надзор, односно маркетите, ќе бидат во функција на граѓаните“, изјави претседателката на Инспекцискиот совет, Даниела Рендевска, во пресрет на одлуката со која се „омрзнаа“ цените на дел од прехранбените производи - лебот, млекото, јогуртот, тестенините, дел од месните производи, како и на безалкохолните пијалоци и пивото.

Истекува и рокот на владината одлука со која беа намалени увозните давачки за зеленчукот. Министерот за економија Крешник Бектеши решение гледа во носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој смета дека ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи. 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи порача дека секое неетичко однесување на трговците ќе се казни и ги повика да реагираат и Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачи. 

Поскапувања, поскапувања...

02:25

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми