1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои експерти ќе бидат консултирани за Законот за јазиците?

ДТЗ
13 декември 2024

Подготвителната седница за Законот за употребата на јазиците најверојатно ќе се одржи во март откако Уставниот суд ќе го добие пријателскиот совет од Венецијанската комисија.

Уставен суд
И експерти од Венецијанската комисија ќе бидат повикани во Уставен судФотографија: Petr Stojanovski /DW

Повеќемина експерти, а меѓу нив и претставници на Венецијанската комисијаќе бидат повикани на подготвителната седница на Уставниот суд, на којашто ќе се расправа околу оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците. Ова прашање веќе извесно време предизвикува тензии и препукнувања на политичката сцена во Северна Македонија. ДУИ по неколкудневните собири,  ги повлече „стражите за јазикот“од пред Уставниот суд, но најави дека повторно ќе се активира на терен во пресрет на носењето на одлуката од страна на уставните судии. 

Најавите се дека подготвителната седница за Законот за употребата на јазиците најверојатно ќе се одржи во март откако Уставниот суд ќе го добие пријателскиот совет од Венецијанската комисија и се усогласат термините со експертите што ќе треба да допатуваат во Скопје.  

„Ќе ги судриме аргументите“ 

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во телевизиско интервју изјави дека е исклучително корисно одржувањето на вакви седници и дека тоа е еден од начините на кои тие ја градат довербата и ги уверуваат граѓаните во нивната непристрасност и независност. „Ќе ги судриме правните аргументи. Истото важи и за пријателскиот совет што е веќе побаран од Венецијанската комисија. Од комисијата веќе имаме правно мислење за законот, но употребивме друга алатка - пријателски совет и тоа може само уставни судови да го побараат во случај кога ќе утврдат некои спорни правни прашања особено во доменот на меѓународните и европските стандарди“, изјави Костадиновски во интервју за ТВ 21. 

Тој очекува Венецијанската комисија да го донесе пријателскиот совет на мартовската сесија. Листата на учесници што би биле повикани на подготвителната седница на Уставниот суд треба да биде готова до крајот на декември. 

Костадиновски е дециден дека како уставни судии немаат избор и мораат да одговорат на иницијативите. „Ова не е прашање на желба“, вели Костадиновски, кој е дециден дека Уставниот суд ќе донесе одлука која ќе се базира на аргументи. 

„Одлуките не се политички и етнички“ 

Претседателот на Уставниот суд бара да престанат притисоците врз нив и „политичарите да ги тргнат рацете од судството“. „Со индигнација ги отфрлам сите обиди нашите одлуки да бидат оквалификувани како политички и етнички. Тие се само уставно - правно втемелени“, порача Костадиновски, коментирајќи го изјавите на ДУИ која побара негова итна оставка. 

„Ќе ги судриме правните аргументи“, вели претседателот на Уставен суд, Дарко КостадиновскиФотографија: Petr Stojanovski 

Уставниот суд во средата (11.12) одлучи да одржи подготвителна седница за расправата по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците. На седницата не присуствуваа судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. Уставниот судија Осман Кадриу за Алсат - М изјави дека одложувањето на одлуката за Законот за употреба на јазиците е во корист на Албанците и дека периодот до следната подготвителна седница треба да се искористи за да се интервенира во Законот за употреба на јазиците.

Предметот за Законот за јазиците во Уставниот суд е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија. Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазески, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. 

Преиспитување на законот 

Во тензична и бурна атмосфера македонското Собрание во 2018 година го донесе Законот за јазици. Законот предизвика многу реакции во и надвор од парламентот. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

Само година и пол откако беше донесен, Законот за јазици се врати во жариштето на политичкиот интерес по објавувањето на нацрт-заклучоците на Венецијанската комисија. Таа ги повика властите на Северна Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни.

Правните експерти на Советот на Европа потенцираа дека во споредба со законодавството за 2008 година, овој закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми