1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

И книгите ги убиваат, нели?

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
7 септември 2026

Заштитата на книгата како културен артефакт мора да биде приоритет и во време на ВИ. Таму каде што „горат” книгите, предупредуваа во времето на Хитлер визионерите, еден ден ќе горат и луѓето. Пишува Кица Колбе

Амазон почнал масовно да откупува стари и ретки книги од антикварниците кои, на крајот ги уништуваФотографија: Fotolia/connel_design

Го парафразирам ироничниот и двосмилен наслов на прочуениот филм на режисерот Сидни Полак од седумдесеттите, само за да го потенцирам чувството дека денес реалноста навистина се‘ повеќе наликува на дистописки роман. Особено сега, кога сите во Германија повеќе зборуваат за грдата политика, јас пишувам за судбината на старите книги во  времето на вештачка интелигенција, ВИ. Но, бидејќи сите вечерва пишуваат за „Пировата победа” на новите нацисти, само ќе потсетам на мудроста на старите цивилизации, сочувана во книгите. Имено, тие кои долго биле робови, дури и кога слободата им ја дарувала незамисливата историска среќа, подоцна посакуваат да се вратат во зависноста на робовите, затоа што слободата бара од нив одговорност. Политичарите како Адеанауер, Брант или Шмит, основачите на СРГ, долго нарекувана Западна  Германија  како симбол за западната демократија по диктатурата на Хитлерова Германија, вечерва сигурно би помислиле дека се работи за дистописки роман од типот на Орвеловиот „1984”, тоа што еден ден, оние кои зад „Железната завеса” долго стенкаа под диктатурата во ДДР, диригирана од Москва, денес пак сонуваат за диктатура.

Книгите - „храна“ за вештачката интелигенција

Притоа иако пишувам за старите книги и за нивното мистериозно уништување, откако биле употребени како „храна” за ВИ, сепак, и овој феномен е само една друга димензија на дистопијата во која живееме. Бидејќи ми се пристори дека читам за случајно откриена апокрифна митолошка приказна од дамнешни, предцивилизациски времиња, во која еден тираносаурус ги „проголтува” книгите, откако неговите „газди” ги употребиле нивните зборови и записи. Во логото за фирмата на Амазон, еден тираносаурус ги „голта” книгите. Токму „Амазон”, кој започна со онлајн продавање на книги! Истиот гигант денес инвестира и во дигиталната технологија базирана врз ВИ. Затоа што за нејзиниот тренинг досега најчесто се ползувале информациите присутни во интернетот, за да се снабди со „храна” за ВИ од информации кои досега не биле дигитализирани, Амазон почнал масовно да откупува стари и ретки книги од антикварниците кои, на крајот ги уништува. Совршена бекетовска гротеска!

Книгите - храна за вештачката интелигенцијаФотографија: Lubo Ivanko/IMAGO

Секако,  Амазон не е единствениот технолошки гигант кој се снабдува со „храна” за тренирање на ВИ од старите книги. За тоа сведочи една репортажа на часописот „404 Media“, кој открил дека најчесто се работело за ретки стари книги. Часописот ги добил информациите од еден вработен во  фирмата на Амазон со име, кое повеќе личи на мистериозна шифра: VGT3. Поранешниот вработен во „фармите”, поточно, во „кланиците за книги” на Амазон, раскажал под колку тешки работни услови, за минимална плата, работеле вработените во процедурата на „проголтување”, односно, дефинитивно „убивање” на книгите, откако се „нахранила” ВИ со нивната „внатрешност” – информациите, сознанијата, приказните, зборовите. Многу често во извештаите за овие фарми за преработка на книгите се употребува зборот „кланица”. Само што во неа не се „убиваат” животните - кокошки, свињи, јагниња или говеда - туку стручна литература, научни трудови, кулинарски и литературни дела. Пред да се скенира „внатрешноста” на книгите, машински се сечел „грбот”, повезот на книгите и кориците, за да се скенираат само страниците. Целата процедура била организирана како совршен систем на безлична „ликвидација” на книгите, кои со камиони се доставувале во големи контејнери за ликвидација, кои потоа се селектирале. Голата „внатрешност”, „месото” на книгите, „живите” страници потоа се скенирале од најмодерни скенери, за да завршат во ѓубре. На крајот, книгите се „гореле”.

Хорор-сценарио

Нашата „аналогна” цивилизација досега беше цивилизација на печатената книга. Со векови генерациите се култивирани преку пишаниот и печатениот збор. Нашите сетила, интелигенција и фантазија се сензибилизирани и воспитани преку книгите. Нашата перцепција е препарирана од хаптичноста, допирливоста на книгата која се држи в рака, која во себе впива многу повеќе од влажноста, миризмите и отисоците на нашите прсти, на човечката кожа. Читањето не е само интелектуален, туку и длабоко сетилен, но и творечки чин. Самата помисла дека моќни технолошки гиганти денес книгите ги ползуваат како маса за хранење на машините на ВИ за нас, потомците на Гутенберг, е хорор-сценарио и антиутопија, од типот на романот на Рој Брадбери, „Фаренхајт 451”.  Оваа бројка ја означува температурата (според американската мерка) на која гори хартијата. Во романот од 1957, Брадбери опишува едно општество со кое владее невидливата политичка, диктаторска власт токму со забраната на книгите. Својата моќ и контрола таа ја исполнува со сеприсутните телевизиски екрани во домовите и во јавните простори, додека книгите се „прогонети”. Само во романот на Брадбери пожарникарите не го гаснат огнот, туку ги „убиваат” книгите со оган! На оваа дистописка слика помислив додека ги читав извештаите за „палењето” на книгите во технолошките фарми во американската пустина. Овој чин има не само дистописки призвук, но, како што пишуваше еден германски весник, тој заличува и на „митско гилотинирање” на книгите. Меѓутоа, не се работи за митска, примитивна цивилизација која ги „ликвидира” книгите, туку за најмодерната технологија на 21 век.

Книгите, имено, се споменик на културата и цивилизациско сведоштво со непроценлива вредност. Тие не може да бидат заменети, со тоа што ќе станат „умот” на гигантските сметачки машини – комјутерите. Во нив книгите стануваат речиси имагинарни, зашто повеќе немаат материјална форма. Една цивилизација која би имала за цел да ги уништи сите книги, дефинитивно ќе го промени и човечкиот сензибилитет, неговото естетско и творечко чувство. Според некои новински извештаи, постоел стратешки документ на ВИ-технолошкиот гигант „Антропик” (Anthropic) од 2024, во кој е опишана целта на „Проектот Панама”: сите книги во светот да биле „деструктивно скенирани”. Тоа е доказ дека книгите намерно се уништувани во процесот на скенирање. Според американскиот часопис „404 медиа”, кои во една испорака на ретки книги скришно депонирале апарат за следење на движењето, книгите завршувале во еден логор на Амазон во Лас Вегас. На прашањата од медиумите што се случува со книгите откако ќе бидат скенирани, не само Амазон, туку и другите технолошки гиганти, тврделе дека книгите се враќаат на сопствениците, иако има многу извештаи дека тие се „палат”.

„Горење на книгите“ и асоцијации

Тоа што ужаснува е, најнапред, помислата дека во иднина може навистина неколку моќни технолошки гиганти да имаат контрола врз сите информации. Книгата беше досега израз и симбол за интелектуалната слобода. Таа беше извор на тоа што се нарекува на германски Bildung, на култура и просвета кои се длабоко еманципаторски, само затоа што не стојат под контрола ниту на политичка ниту на стопанска власт и моќ. Освен тоа, „горењето на книгите” во културната меморија на светот е антицивилизациски симбол.Во таква констелација, неминовно се појавува асоцијацијата од времето на Третиот Рајх. Заштитата на книгата како културен артефакт и цивилизациски симбол мора да биде приоритет и во времето на ВИ, доколку и таа сака да биде паметењето на човештвото.  Таму каде што „горат” книгите, предупредуваа во времето на Хитлер визионерите, еден ден ќе горат и луѓето. Книгата е длабоко поврзана со утопискиот копнеж на човекот за бесмртност. Во теолошкиот речник се говори за „книгата на животот”, во која се запишани имињата во вечноста. Вештачката интелигенција не може да го замени повеќеслојното, длабоко значење на книгата. Таа е само орудие, а книгата е живот спасен од заборавот и непознат, нов свет на фантазијата, во творечка смисла.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми