1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Отворен Балкан вплеткан во изборната кампања

ДТЗ
18 април 2024

Во екот на изборната кампања, ДУИ ја преиспитува улогата на иницијативата „Отворен Балкан“. Димитар Ковачевски вели дека станува збор за оригинална идеја, додека Бујар Османи ја гледа како иницијатива во обид

Отворен Балкан
Во екот на изборната кампања, СДСМ ја брани, додека ДУИ ја преиспитува улогата на иницијативата „Отворен Балкан“Фотографија: Government of North Macedonia

Во екот на изборната кампања за двојните избори, СДСМ ја брани, додека ДУИ ја преиспитува улогата на иницијативата Отворен Балкан. По најавите на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи за преиспитување на учеството на Македонија во иницијативата Отворен Балкан, лидерот на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МИА, вели дека Отворен Балкан е оригинална иницијатива што потекнува од регионот формирана од три држави – Македонија, Албанија и Србија и која што е заснована на четирите слободи на Европската Унија.

„Таа во својата суштина, во својот фундамент ги има постулатите на функционирањето на Европската Унија, а тоа е слободното движење на луѓе, слободно движење на капитал, на производи и слободно движење на услуги. И кога ќе ги погледнете иницијативите коишто беа направени во рамки на Отворен Балкан тие се токму тоа“, вели Ковачевски.

Регионалната соработка е важна

Тој оценува дека „политичарите во избори даваат изјави што треба, што не треба“, но останува на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна.

„Постојат 72 регионални иницијативи во Западен Балкан, една од нив е Отворен Балкан“, вели Ковачевски, и додава дека благодарение на оваа иницијатива трговијата меѓу Северна Македонија и Србија е зголемена за 50 проценти, со Албанија за 40 отсто, а вкупниот обем на трговијата меѓу трите држави е зголемен за 25 проценти. Со учеството во Отворен Балкан зголемена е мобилноста на младите и на работниците согласно договорот за непречено работење во трите држави. 

„Исто така, има една многу позначајна иницијатива, која што е Берлински процес, во која што учествуваат сите земји од Западен Балкан. Меѓутоа таму има еден проблем што ниту една иницијатива не е заживеана со оглед на тоа дека секогаш постои проблем во некоја држава. На пример, во Босна не можат тие внатре да се договорат меѓу себе да ратификуваат некој договор, потоа ќе се појави некој проблем помеѓу други две држави и процесот оди многу поспоро. Меѓутоа, мислам дека и тој процес ќе биде забрзан со оглед на тоа дека сите држави имаат многу јасна определба за зачленување во Европската Унија“, вели Ковачевски.

Отворен Балкан е оригинална иницијатива што потекнува од регионот формирана од три држави – Македонија, Албанија и Србија и која што е заснована на четирите слободи на ЕУ, вели Ковачевски Фотографија: Government of North Macedonia

Тој смета дека треба да продолжи дијалогот меѓу Србија и Косово за да можат да ги нормализираат своите односи согласно со Бриселскиот договор и согласно со разговорите коишто ги имаа во Охрид и мислам дека на тој начин овој регион ќе се европеизира. „Ќе работиме многу повеќе заедно, многу повеќе на заеднички теми коишто на крајот на денот ќе резултираат со држави коишто ќе станат земји членки на Европската Унија', вели тој. 

Преиспитување на одлуката на затворена седница

Но, министерот за надворешни работи Бујар Османи во средата (17.04) изнесе поинаков став. Рече дека има факти и информации во врска со настаните во Бањска во Косово на 24 септември минатата година, кои ќе ги презентира на затворена седница на Владата со цел да се преиспита и да се одлучи дали државава и натаму треба да остане во иницијативата „Отворен Балкан“ во која е заедно со Албанија и Србија.

По инцидентот во Бањска тој не учествувал на настан на „Отворен Балкан“, но вели дека Владата ќе ја донесе одлуката за натамошно учество на Северна Македонија во иницијативата која имала благородни цели.

Османи бара преиспитување на одлуката за „Отворен Балкан“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Кога се случи нападот во Бањска во Косово имав изјава дека ова оди спротивно на основната идеја за иницијативата – дека е за помирување. И реков – ако има директна вмешаност на Белград во Бањска, тогаш навистина треба да се преиспита, бидејќи ги крши столбовите на основната идеја. Бидејќи сега имам повеќе информации што се случило во Бањска, планирам на затворена седница да ја информирам Владата“, рече Османи по прес-конференцијата за коспонзорирањето на резолуцијата на ОН за сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Тој смета дека иницијативата „Отворен Балкан“ не е целосна, бидејќи ги нема сите шест земји на Западниот Балкан, туку е иницијатива во обид која, на идеја на премиерот на Албанија Еди Рама, имала две цели. „Помирување за создавање предуслови за затворање на косовско-српскиот спор и за меѓусебно признавање и либерализација на пазарот зашто беше проценето дека 80 отсто од времето камионите на Балканот го поминуваат на граничните премини, а 20 проценти на патот кон нивната дестинација. Се разбира, тоа беа благородни цели во кои ние учествувавме. Но, тоа е иницијатива во обид, бидејќи додека ги нема шесте земји не е комплетирана иницијатива“, рече Османи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми