1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Касами го кандисува, Таравари не сака да биде претседател

ДТЗ
1 февруари 2024

Додека партиите од албанската опозиција сметаат дека е најсоодветен кандидат за највисоката функција во државата, Арбен Таравари вели дека не е заинтересиран.

Арбен Таравари
Арбен Таравари вели дека не е заинтересиран да биде кандидат за претседателФотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, се најде во вителот на комбинаториките за претседателските избори во Северна Македонија коишто треба да се одржат на 24 април. Додека партиите од албанската опозиција го кандисуваат Таравари да се нафати на овој предизвик, тој во изјава за агенцијата МИА вели дека не е заинтересиран. 

„Албанската опозиција има разговарано со мене јас да бидам претседателски кандидат, но не сум заинтересиран“, порача Таравари.

Но, претседателот на Беса, Билал Касами во гостување во емисија на Радио Телевизија Косово нагласи дека е разговарано со претседателот на Алијансата за Албанците на оваа тема. 

„Разговарано е со Таравари да биде претседателски кандидат и се гледа како соодветен албански кандидат на овие избори“, потенцираше Касами. 

Билал Касами вели дека е разговарано со претседателот на Алијансата за Албанците да биде кандидат за претседател Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Партиски калкулации

Најавите доаѓаат во пресрет на подготовките за претседателските избори во април. Партиите сѐ уште прават калкулации околу имињата на кандидатите за претседател, со кои сметаат дека би можеле да ја освојат довербата на граѓаните. Во исчекување на најголемите партии во земјата да ги соопштат своите адути за изборите, изминативе денови се отвори темата за кандидат за претседател Албанец, којшто би го предложила албанската опозиција.

Оваа идеја беше ставена на маса и на средбата на лидерите на опозицискиот албански блок - Европскиот сојуз за промени, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, како и претседателот на АА, Арбен Таравари со премиерот на Косово, Албин Курти која што се одржа пред неколку дена во Приштина.

Од Беса ја оценија средбата како братска, а на неа било разговарано за новите можности за соработка во насока на унапредување на позицијата на Албанците во РСМ и за европската перспектива на државите. Партијата преку соопштение порача дека сите присутни лидери на средбата со Курти ја посочиле и идејата за претседател Албанец - фигура која, како што се наведува во соопштението, ќе го обедини албанскиот фактор во земјата и достоинствено ќе ги претставува сите граѓани. 

Средбата предизвика интерес во јавноста, бидејќи доаѓа во клучен момент кога Алијанса за Албанците (АА), која што во моментов е во владината коалиција, треба да одлучи дали на избори ќе оди со албанската опозиција, ќе соработува со ДУИ, или сама ќе настапи на избори. Во меѓувреме се појавија и шпекулации дека Таравари имал средба во ВМРО-ДПМНЕ. Тој демантираше на социјалните мрежи. 

„Информациите објавени во националните медиуми за паркиран автомобил кај штабот на ВМРО се обид да се оцрни мојот имиџ. Никогаш не сум одржувал и не одржувам тајни состаноци бидејќи политиката ја сметам за јавно добро, затоа сметам дека средбите треба да бидат јавни. Овој факт на дезинформација ме натера да се чувствувам лошо за нивото на новинарство кое денес повеќе од кога било е повеќе сензационално отколку професионално. Општествената одговорност на медиумите како четврта сила е многу висока, затоа заедно со професионална комуникација се трудиме да придонесеме за општеството во кое живееме“, порача Таравари на Фејсбук. 

Загревање

Сефер Салиу, аналитичар од невладината организација „Демокраси Лаб“ во изјава за „Независен“ вели дека ако албанските опозициски партии излезат со заеднички кандидат, ќе излезе и ДУИ, бидејќи се работи само за предзагревање за парламентарните избори. Тој не верува дека Алијансата за Албанците може да се најде во европскиот фронт со СДСМ и ДУИ на заедничка листа и дека најверојатно ќе оди во опозиција. Тој смета дека нема шанси кандидат Албанец да влезе во вториот круг на претседателските избори ако зад тој избор не застане и ДУИ, а неговите проценки се дека тоа нема да се случи.

„Идејата на овие договарања во Приштина е со еден заеднички претседателски кандидат албанските опозициски партии да покажат сила кај гласачите, во смисла да им пратат сигнал дека можат да победат на парламентарните избори, кои се по претседателските. Најмногу гласови на кои може да сметаат со таков заеднички кандидат, проценува тој, се околу 70.000, што е далеку од тоа што го освои на пример Имер Селмани во 2009 година, кога имаше околу 150.000 гласови, но од нив 50.000 од македонски гласачи“, посочува Салиу.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми