1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од 1. јуни уште полесно до работа во Германија

ЖА
1 јуни 2024

Од оваа сабота стапуваат на сила бројни олеснувања за доселување на работници од земјите кои не се членки на ЕУ. Од „картата за шанси“ и проширување на Западнобалканско правило ќе профитираат и работниците од Македонија.

Нега Германија
Бројни олеснувања за доселување на работници од земјите кои не се членки на ЕУФотографија: Christoph Schmidt/dpa/picture alliance

Работниците од земјите кои не се членки на ЕУ од денеска, 1. јуни ќе можат да аплицираат за „карта за шанси“ која им овозможува да дојдат во Германија и да бараат работа до една година.

„Картата за шанси“, која беше најавена пред две години, е наменета да ги пополни празнините на германскиот пазар на труд, особено во секторите  инженеринг, информатичка технологија (ИТ) и здравство, каде има недостиг од дури 400.000 работници годишно. Со „картата за шанси“ „луѓе со искуство и потенцијал можат побрзо и поедноставно да најдат соодветна работа“, истакна германската сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер вчера во Берлин (31.05.).

„Картата за шанси“ обезбедува привремена виза или работна дозвола, што им овозможува на оние кои ќе ја добијат да работат до 20 часа неделно или да стекнат двенеделно пробно работно искуство. Доколку работниците од земјите кои не се членки на ЕУ сакаат да работат со полно работно време, можат да аплицираат за продолжување на престојот доколку веќе имаат понуда за работа.

„Картата за шанси“ го олеснува пристапот до германскиот пазар на труд за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и СрбијаФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

За да ја добијат картата, апликантите мора да зборуваат германски или англиски јазик и да имаат доказ за средства или плата доволни за покривање на трошоците за едногодишен престој во Германија.

За добивање на картата, кандидатите се бодуваат. Четири поени се доделуваат за признаена професионална квалификација или лиценца за работа во професии како наставници, медицински сестри или инженерство.

Три бода се добиваат за пет години работно искуство во последните седум години или за познавање на германски јазик на ниво Б2.

Германија - омилена земја за живот и работа

01:13

This browser does not support the video element.

Два бода се доделуваат за двегодишно работно искуство во последните пет години и за кандидати помлади од 35 години или за познавање на јазикот на ниво Б1.

Еден поен добиваат кандидати помлади од 40 години, за престој во Германија во последните шест месеци (но не како турист), за познавање англиски на ниво Ц1 или германски на ниво А2, за обука за дефицитарни занимања или за аплицирање за работа заедно со брачниот другар.

Проширување на Западноалканското правило  

Оваа регулатива го олеснува пристапот до германскиот пазар на труд за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово,  Северна Македонија,  Црна Гора и Србија. Досега Сојузната агенција за труд издаваше 25.000 дозволи годишно на  работници од овие држави  кои имаат понуда за работа. Оваа квота сега ќе се удвои на 50.000 дозволи годишно.

Министерот за труд Хубертус Хејл (СПД) неодамна на конгрес за работната сила, повикувајќи се на информации од Институтот за истражување на пазарот на труд и занимања, изјави дека до 2035 година „седум милиони квалификувани работници ќе мора да бидат заменети поради стареењето на општеството“. Особено сериозен е недостигот од работници во секторите како нега и угостителство. Недостасуваат ИТ експерти во многу фирми, па дури и во државни институции. Поради слабиот економски раст, Сојузната агенција за труд во март забележа 707.000 отворени работни места, што е за 70.000 помалку од истиот период лани.

Заинтересираните можат да аплицираат за „карта за шанси“ во германскиот конзулат во нивната матична земја.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми