1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идеја на ЕФ: Уставен поредок според демографската реалност

25 јули 2024

Кога се прекршува договор, се гледаат модалитетите за нов договор, со меѓународни експерти бараме решенија кои го гарантираат легитимитетот на Албанците, порача Зијадин Села од АА.

Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците, која е дел од Европскиот фронт
Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците, која е дел од Европскиот фронтФотографија: DW/P. Stojanovski

Идејата за нов уставен поредок според демографската реалност била една од темите кои синоќа во Гостивар ги разгледало Централното претседателство на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села.

„Кога се прекршува договор, се гледаат модалитетите за нов договор, со меѓународни експерти бараме решенија кои го гарантираат легитимитетот на Албанците", објави Села на неговиот профил на Фејсбук.

Пред почетокот на седницата на Централното претседателство на АА, Села на прес-конференција потенцира дека не била испочитувана изборната волја на гласачите при формирањето на владејачката коалиција и дека темата за која ќе разговара со сопартијците ја отворил некој друг.

„Оваа тема ја отворија Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ние само даваме одговор на ваквите теми кои се отворени. И нормално дека планираме ваквите теми да разгледуваме и да имаме наша понуда, со која уставниот поредок на Северна Македонија ќе биде регулиран според демографската реалност што ја има Северна Македонија“, рече Села.

Во однос на демографијата, потенцира дека Албанците се една третина од вкупното население во државата, а заедно со другите етнички заедници се околу половина.

„Ние наоѓаме начини, а за нив треба да го информираме членството и ангажираме експерти за да се заштити она што е свето - гласот на секој граѓанин без разлика на неговата, етничка или политичката припадност", рече Села.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Boris Georgievski/DW

Тој упати критики до премиерот дека си зел за право да формира власт со губитници од албанскиот блок, па нема гаранции дека по некои следни избори наместо да коалицира со организирана политичка партија на Албанците, може да земе и само индивидуи.

Според Села, Европскиот фронт ја има потребната политичка разумност и претпазливост да донесе промени во системот во мирни ситуации, а не во конфликтни ситуации, објаснувајќи дека целта е да се заштити легитимитетот на Албанците.

Иако во Европскиот фронт се вклучени и партии кои претставуваат интересите на други етнички заедници (Турци, Роми, Бошњаци), во изјавите најчесто се зборува за „легитимитетот на Албанците“.

Да нема дикатат од поголемата заедница

Промените кои ги бара Европскиот фронт се сет од идеи/предлози на кои работи странски експертски тим предводен од еден од авторите на Охридскиот договор, Пол Вилијамс, кој бил ангажиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. За тоа било разговорано и на вчерашната средба на Ахмети со амбасадорката на Норвешка во РСМ, Кристин Мелсом, на која лидерот на ДУИ го потврдил ангажманот на Вилијамс околу платформата за легитимитет. 

„Г-дин Ахмети ја информираше норвешката амбасадорка за ангажирањето на експертот за право и меѓународни договори, г. Пол Вилијамс, кој е познат и како автор на Охридскиот договор, да подготви платформа за меѓуетничкиот легитимитет на централните и локалните институции врз основа на изборните резултати и духот на Охридскиот договор. Во спротивно, причината за учество во изборните процеси на заедниците кај нас се губи, доколку нивните претставници се определуваат со диктат од поголемата заедница, како во времето на едноумието“, соопшти ДУИ. 

Ахмети ја истакнал важноста на меѓуетничкиот легитимитет на институциите во земјата како резултат на изборниот процес и во согласност со духот на Охридскиот договор.  

„Околностите во Северна Македонија се многу специфични и се регулирани со мировни договори, затоа секое непочитување има последици врз стабилноста и легитимноста на институциите“, ги пренесе ДУИ главните акценти од средбата.  

Лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Финалниот проект ќе биде објавен

Во моментов неофицијално циркулираат повеќе идеи за кои се разговарало со експертскиот тим: од варијанти за озаконување на принципот „победник со победник“ при формирање влада, до регионална поделба на Македонија по моделот на Белгија и Северна Ирска. Пратеникот на ДУИ и координатор на пратеничката група на Европскиот Фронт, Блерим Беџети, за ТВ 21 ја потврдил информацијата дека Ахмети заедно со странскиот експертски тим од експерти правел анализи за таква поделба. На прашањето дали тоа може да се реализира, бидејќи е многу сложено прашање, Беџети потсетува за колку прашања имало сомнежи дека ќе бидат остварени, па се реализирале.

„За многу работи во минатото јавноста имаше сомнежи, имаше дилеми дали може да се направат. Можеби дури и во вашите дебати. Се сеќавате на идејата за албански премиер, дали ќе се направи … Јавноста беше убедена дека тоа е неостварливо ветување, но се направи. Дали албанскиот стана официјален јазик? Стана (...) Се разбира, опциите кои ќе бидат претставени, било според белгискиот модел или тој во Ирска - повторувам дека г. Ахмети е во директен контакт со еден од изготвувачите на Охридскиот договор, г. Вилијамс и неговиот тим - и во секој случај финалниот проект ќе биде објавен“, изјави Беџети.

Тој одговори на прашањето колку е опасна таа идеја за поделба на РСМ на региони, која според коментари на социјалните мрежи може да се направи само со војна, нешто што не се случило ни во 2001 година, а сега сме членка на НАТО.

„И ова што го спомнувате како опасно, јас го сметам за многу демократско, многу благородно, не јас лично, туку целата пратеничка група, сите од Европскиот фронт, за да се среди ова прашање за да можат и Албанците да бидат домаќини во својот дом, како што е предвидено со Охридскиот договор“, изјави тој.

Според него, не е случајно што за оваа идеја е избран изготвувач на Охридскиот договор, бидејќи со непочитување на волјата на албанскиот глас се прекршува токму тој договор

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми